„Изборот е ваш“!

16.11.2023 03:55
„Изборот е ваш“!

“Изборот е ваш”, ни порача претседателката на Европската Комисија, г-ѓа Урсула фон дер Лајен, при посетата на Скопје, на крајот на октомври 2023 година. Избор дали ќе одиме напред, или ќе останеме да се бориме со нашите демони.

Ако е наш, да видиме кој ќе го прави изборот. Во демократските системи, тоа го прави владата, како нејзино право и обврска.

Претставничкото тело го прифаќа или отфрла изборот, како на пример отворање постапка за уставни измени.

Избор, исто така, прават и граѓаните. Всушност, тие се најважни. Суверенитетот на државата произлегува од граѓаните и им припаѓа на граѓаните. Тие на избори одлучуваат кому ќе ја доделат власта. Потоа, евентуално, се чукаат по глава, кога ќе сфатат дека власта може да се злоупотреби, во нивно име, но тоа не е ништо ново. Од времето на Џон Лок (“Two Treatises of Government”, 1689), најважната тема на политичката наука била и останува, како власта легитимно да се ограничи и контролира.

Така, развојот на претставничката демократија го стави граѓанинот – избирач во средиште на постојано набљудување на истражувачите. Кој е тој, какви вредности поседува, дали е образуван и информиран; што мисли во моментот кога треба да направи избор и да го заокружи гласачкото ливче …..?

Европско општествено истражување: Колку часа дневно следите политика?

Иако имам доста забелешки на анкета со граѓани како методолошка алатка, сепак, ќе се повикам на едно такво истражување.

Тимот научници на Европското општествено истражување (European Social Survey)[i],на европските граѓани им постави прашање, колку време (приближно) дневно поминуваат во следење или читање на информации од политички карактер. Двете приложени табели говорат дека мекедонските граѓани следат информации за политика преку медиумите (читање, слушање, гледање) речиси 2 часа дневно. Повеќе отколку граѓаните на многу други балкански и европски држави. Истражувањето не кажува кој ги контролира овие медиуми и каков вид на информации емитуваат.

Европско општествено истражување: Колку часа дневно сте на интернет?

Во поглед на користење на интернетот, нашите граѓани не заостануваат многу зад другите балкански и европски држави. Според нивните искази, тие користат интернет околу четири часа дневно за работа или за лична употреба. Истражувањето одново не навлегува во тоа какви информации се емитуваат и кои центри на економска и политичка моќ го контролираат овој медиумски простор. Во секој случај, истражувањето покажа дека класичните и новите медиуми играат значајна улога врз фомирање на јавното мислење.

Следат политика, а политика не ги интересира

Би се рекло дека граѓаните следат политика. Затоа е крајно изненадувачки што на следното прашање, „колку сте заинтересирани за политика“, 43.6%, од анкетираните, одговориле, “воопшто не ме интересира” а 34,45% “малку ме интересира”. Тоа е највисоко ниво на незаинтересираност, во споредба со граѓаните од другите 25 европски држави. Доколку е истражувањето методолошки издржано, што секако е, како би можело да се објасни оваа противречност?

Излезност на парламентарни избори

За да видиме дали навистина граѓаните не ги интересира политика иако ги следат политичките информации преку медиумите, ќе ја оставиме, на час, анкетата и ќе се обратиме на објективните податоци за изборната излезност на граѓаните од 1990 до денес, како мерка за граѓански интерес и политичка ангажираност. При тоа, високата илезност е позитивен знак дека граѓаните имаат развиена граѓанска свест и интерес за учество во политичкиот/изборниот/процес, додека ниска излезност укажува на гласачка апатија или општо недостаток на интерес за политика, иако апатијата не е секогаш единствена причини за изборна апстиненција.

На излезноста на избори, исто така, влијаат елементи како типот на изборниот модел (мнозински наспроти пропорционален модел и гласање во еден или два круга); доброволност наместо гласачка обврска; тешкотии во пристап до гласачкото месо; негативно искуство со изборни манипулации; демографската структура на населението (постари наспроти помлади гласачи); зачестеноста на изборната динамика и изборните кампањи итн. Да речеме, како висока излезност се смета доколку 80% и повеќе граѓани гласаат, како во Шведска, Белгија или Австралија, додека, на пример, САД има ниска изборна излезност од 40-60% (највисока излезност на векот е постигната на претседателските избори во 2020, кога бројката достигна 66,8%).

Да ги видиме бројките во Македонија.

Во 1990 година, мандатите се распоредени според мнозинскиот изборен систем, а излезноста е висока, како што доликува на историскиот момент – 84.8% во првиот круг и 76.8% во вториот круг на парламентарните избори. Во 1994 година, мандатите одново се распоредуваат според мнозинскиот изборен систем. Гласачкиот одѕив во првиот круг на парламентарните избори е 77,7%, а во вториот – 57,5% (да потсетиме, во вториот круг тогашната опозиција ги бојкотираше парламентарните избори).

На парламентарните избори во 1998 година, дотогашниот мнозински изборен систем е заменет со мешовит, мнозинско-пропорционален систем, а излезноста е меѓу 72,9% и 69,4%.

На парламентарните избори во 2002 година се гласа според пропорционалниот изборен модел, а гласачкиот одѕив е сè уште висок-73,4%.

На парламентарните избори од 2006 година, според пропорционалниот изборен систем, гласачкиот одѕив паѓа на 55.98%. На првите предвремени парламентари избори во 2008 година, излезноста е ниска – 57.06%.

Во 2011 година, на предвремените парламентарни избори, излезноста е 63.48%. Слична излезност од 62.96% е постигната и на предвремените парламентари избори во 2014 година.

На предвремените парламентарни избори во 2016 година излезноста е 66.79%, а на изборите од 2020 година, таа изнесува 52.0%

Како заклучок, може да се каже дека од 1990 година во Македонија се одржани пет редовни (1990, 1994, 1998, 2002, 2006 година) и пет предвремени парламентарни избори – во 2008, 2011, 2014, 2016 и 2020 година. Ако се следи излезноста, ќе се забележат тенденции на нејзино покачување и опаѓање, особено од 2006 наваму, зависно од некои драматични политички потреси (на пример, етничкиот конфликт од 2001 и уставните амандмани произлезени од Охридскиот рамковен договор; ветото на Грција во Букурешт за прием на земјата во НАТО во 2008 година; потпишување на Преспанскиот договор и промена на името на државата во 2018-19 година; ветото на Бугарија за пристапните преговори на земјата со ЕУ и прифаќање на т.н.р. Француски предлог од страна на владата итн.). Би рекла дека надежта за позитивна промена, без оглед дали е основана или не, ги мотивира граѓаните да излезат на избори во поголем број.

Изборот е наш

Тренд на опаѓање на гласачката излезност се забележува не само кај нас на последните парламентарни избори, туку пред сè кај постарите демократии (Австрија на пример). Неизлегувањето на избори е штетно за демократијата и негативно влијае на легитимноста на власта и еднаквоста на гласачкото право. Истражувачите на овој проблем, собрани околу Британското списание за политички науки, дошле до интрересен заклучок. Имено, кога опаѓа излезноста, политичките партии, во трка за гласови, засилено се обраќаат до неопределените, умерени гласачи, за да ги придобијат за своите политики. Владите го прават истото, со инклузивни, ефективни политики во служба на граѓаните. Претпоставувам дека тоа од пракса го знаат партиите и владата кај нас.

Излезноста на граѓаните на избори е поголема кога постои надеж за промена. Бидејќи се ближат парламентаните избори, таа надеж нека биде основана. На политичките партии, невладините организации, особено на медиумите, новинарите и колегите од универзитетот, би им препорачала, умно, со знаење и убедување, со аргументи и без предрасуди, да водат дебата за сите отворени прашања, за да можат гласачите да разберат дека се наоѓаме пред историски избор сега, и не се знае кога после.

Изборот навистина е наш, доколку сме чесни кон себе и другите.

(авторката е универзитетски професор по политички науки)

Референци:

[i] European Social Survey – https://www.europeansocialsurvey.org) е обемен компаративен проект (анкетно истражување), поддржан од Европската Комисија, кој во рамки во Европската Унија има статус на Европски истражувачки инфраструктурен конзорциум (European Research Infrastructure Consortium – ERIC). Истражувањето се спроведува на секои две години, почнувајќи од 2002 година, во повеќе од 35 европски земји.

Во Р. Северна Македонија истражувањето беше спроведено на крајот на 2021 и почетокот на 2022 година, преку анкета лице в лице, на репрезентативен примерок од 1429 испитаници (изработен во соработка со Државниот завод за статистика). Раководител на проектот во земјата е Д-р Анета Цекиќ

Насловна илустрација: Su Hyun Kim

Извор: https://smk.mk/

ОкоБоли главаВицФото