Втора „Дебата за Европа” во Скопје

16.11.2023 09:08
Втора „Дебата за Европа”  во Скопје

Од 17 до 19 ноември 2023, во просториите на Чифте амам, Национална галерија на РС Македонија ќе се одржи Втора „Дебата за Европа” во Скопје во организација на Debates on Europe и Контрапункт.

Додека војната повторно се враќа на европскиот континент, на политичкиот проект Европа му е потребно ново промислување. Наместо сè поблиската интеграција на неколкуте централни европски земји, на дневниот ред се враќа проширувањето на Европската Унија – не само како економска и општествена цел, туку како сигурносна мерка и начин да се постигне долготрајна стабилност во растечката несигурна геополитичка ситуација. Земјите од западен Балкан повторно се наоѓаат во фокусот, заедно со Украина и Молдавија. Станува збор за несомнено преместување на центарот на вниманието кон Истокот, не само во географска смисла, туку и кога се поставува прашањето чија перспектива е важна, а чија не е.

Но, каде денеска се наоѓа Југоисточна Европа? Какво е нејзиното место во новата геополитичка констелација? Дали нејзините конфликти навистина се дел од минатото? И како различните земји од регионот пристапуваат на предизвикот за создавање инклузивни и одржливи општества, во кои правата на малцинствата се одговорност на мнозинството?

По „Дебатата за Европа во Софија” одржана во февруари и „Разговорите за војната и мирот” во Белград оваа есен, водечки експерти, писатели и создавачи на јавно мислење ќе се сретнат во Скопје за да разговараат за некои од најитните прашања поврзани со европската перспектива на земјите од регионот и нивната важност за иднината на Европа. Овие прашања се сериозни и неодложни, суштински политички во својата природа. Но, тие исто така се производ на и имаат последици врз многу основни и долгорочни општествени и историски случувања.

Програмата вклучува јавни панел-дискусии и литературни читања, како и средби од затворен тип. Придружете ни се во истражувањето на новите начини за тоа како земјите во Југоисточна Европа се гледаат себеси и меѓу себе – и како регионот може да игра конструктивна улога во заедничката иднина на Европа!

Програма:
*Сите настани ќе бидат достапни на: македонски, албански и англиски јазик.

Петок, 17 ноември
18:30 Отворање на настанот
Косово меѓу позицијата на геополитички жетон и конфликтната реалност - панел дискусија

Место: Чифте амам, Национална галерија на РС Македонија

Косово не е само земја во Југоисточна Европа, признаена од најголемиот број членки на Европската Унија, која моментално е во центарот на вниманието на меѓународната заедница поради заканата за интензивирање на нејзиниот конфликт со Србија. „Косово“ исто така беше земја претворена во симболичен жетон за употреба во геополитичката игра. Светскиот поредок кој се заснова на владеењето на правото постојано се доведува во прашање, не само од Русија и Србија, туку и од цел спектар европски и светски политичари и креатори на јавно мислење. „Веќе не важат никакви правила”, велат тие. „Видете што се случи со Косово.” Што се наоѓа во срцевината на овој аргумент? И колку е штетен јазот помеѓу симболот „Косово“ и реалните проблеми на кои треба да се укаже – во Косово, во регионот, во Европа?

Говорници: Соња Бисерко (Србија), Ветон Сурои (Косово) и Сергеј Лебедев (Русија; во егзил)
Модератор: Стејнар Брин (Норвешка)

Сабота, 18 ноември
16:00 Моќ и права. Улогата на малцинствата и мнозинствата во Југоисточна Европапанел-дискусија

Место: Чифте амам, Национална галерија на РС Македонија

Односот меѓу малцинствата и мнозинствата е клучот за многу конфликти во Југоисточна Европа, а инструментализацијата и „вооружувањето“ на малцинските групи како од домашните, така од странските политичари останува закана за стабилноста. Истовремено, моќта на мнозинството доаѓа со голема одговорност и правата на малцинствата мора да бидат заштитени. Како може да се размислува за поконструктивен однос меѓу мнозинствата и малцинствата? Кои се столбовите на инклузивното општество? Овие прашања ги надминуваат границите на етничките, јазичните и религиските групи, а се однесуваат и на правата на жените и на ЛГБТК лицата.

Говорници: Роберт Алаѓозовски (Северна Македонија), Линда Гусиа (Косово), Горана Пебиќ (Србија) и Манол Пејков (Бугарија)
Модератор: Кристоф Бендер (Австрија)


18:30 Литературата во време на конфликт - разговор и книжевно читање
Место: Чифте амам, Национална галерија на РС Македонија

Кое е местото на литературата во светот раскинуван од војни, општествени судири и политички превирања? Колку литературата може да биде слободна во светот кој интензивно станува не-слободен? И што уметноста и литературата всушност прават со својата слобода?
Говорници: Никола Маџиров (Северна Македонија), Елифе Красниќ (Косово), Аријан Лека (Албанија) и Сергеј Лебедев (Русија, во егзил)
Модератор: Владимир Јанковски (Северна Македонија)

****
Втората „Дебата за Европа” е организирана од Дебати за Европа и Контрапункт. Настанот е поддржан од Федералното Министерство за надворешни работи на Германија.

Дебати за Европа е заедничка иницијатива на фондацијата „С. Фишер” и Германската академија за јазик и литература. Од нејзиното формирање во 2012 година, серијата Дебати за Европа гостува во места каде што идејата за Европа се проблематизира. Во меѓународните форуми организирани во соработка со локални учесници – главно во Источна и Југоисточна Европа – се поставуваат најгорливите прашања поврзани со европската агенда.

Слични содржини

Општество / Европа / Книжевност
Општество / Активизам / Европа
Општество / Активизам / Европа / Свет
Општество / Европа / Став

ОкоБоли главаВицФото