Окупација на јазикот

17.11.2023 04:09
Окупација на јазикот

Како што знаеме, јазикот е боиште на идеолошки и политички битки. И тоа во различни варијанти. Јазикот може да биде предмет на експлицитен политички интерес и желба, во склад со идеолошките склоности, често пригушени од наводната научна мотивација, на луѓето да им се пропишува како да го употребуваат. Покрај овие јасно видливи политики, присутни се и безброј други чиј степен на видливост варира, често и зависно од тоа колку се идеолошки успешни - колку што ни изгледаат природни нивните исходи. Јазикот не мирува никогаш и со самото тоа не е лишен од политички контекст. Никогаш не е невин и употребата на одредени изрази и формулации во одредени контексти ги „продуцира“ и обликува овие контексти. Изборот помеѓу навидум неутралните синоними често ја премачкува и интерпретира ситуацијата која се настојува да се опише со помош на избраниот синоним.

Мноштвото изрази кои ги користиме и секојдневно и во политички набиениот јазик ѝ припаѓаат на политичката јазична археологија. Во поедини изрази и зборови можеме да пронајдеме слоеви значења и конотации кои се испарени во голема мера, а пред 30, 50 или 70 години биле доминантни. Зависно од тоа која политичка функција ја вршеле - од онаа што е кохезивна за одредена заедница до јасен сигнал на авторитетот - овие изрази биле и поврзани со судбината на заедницата или авторитетот. Некои, како на пример марксистичкиот жаргон, сосема исчезнати од употреба, се сметаат за реликти на минатото и се потполно неупотребливи за опфаќањето на современата реалност, а некои, како оние поуниверзалните како што се слободата или државата, едноставно „испуштиле“ некои конотации и се „наполниле“ со други.

Понекогаш овие процеси траат подолг период, а понекогаш можат да се следат во таканаречено реално време. Разликата најмногу зависи од интензитетот на политичкиот конфликт чиј интегрален дел е и јазикот. Моментално живееме во момент во кој јазичните избори се доведени до степен на егзистенцијален ризик. Секако, станува збор за „конфликтот“ во Газа. Употребата на наводниците сугерира дека самиот избор на терминот за она што се случува во Газа е политички чин од кој зависи „тоналитетот“ на најосновниот опис на настаните. Сите термини што циркулираат, било во функција на сумирачки опис или само за одредени аспекти, како окупација, војна, геноцид, тероризам и самиот конфликт, речиси автоматски со себе ги носат последиците на интерпретациското и политичкото категоризирање.

Значи, термините и синтагмите се третираат и како утврдени идеолошки блокови, но и како бојно поле на борбата за дефинирање. Меѓутоа, постои и уште една димензија на војната во јазикот, а се однесува на оспорувањето на автентичноста на изразот и синтагмата и стекнувањето политичка легитимност на оние што го изговараат. Најнаклонети кон неа се либеарлно-конзервативните сили кои сакаат да ѝ го оспорат правото на левицата да учествува во дискусии, а и своите ставови крајно да ги неутрализираат како да се работи за техничка терминологија. На левицата ѝ се оспорува автентичноста на термините кон кои прибегнува за да го „обработи“ контекстот во кој се случи најновата епизода од конфликтот. Па така во Њујорк Тајмс се појави статија во која цела низа „левичарски“ изрази за случувањата во Палестина се става во наводници: антиколонијално, режим на апартхејд, автохтон народ и затвор на отворено. Овие изрази се дијагностицираат како производи на академскиот жаргон за локални американски потреби кои сега се користат во сосема несоодветен контекст. Самото обвинување за академски жаргон е доволно за на оние кои ги употребуваат изразите да им се оспори допирот со реалноста. Значи, левицата повторно измислува поими и нема никаков допир со реалниот живот. Трошката уверливост од ова обвинување произлегува од слабоста на левицата во последниве децении и реалните процеси на „музејското“ чување на традиционалната терминологија, често токму на академските катедри. Меѓутоа, „работата“ на терминологијата не е сведочење за политичката сила на опцијата што ја употребува туку адекватноста на разбирањето на ситуацијата. Обидете се некому од Газа да му објасните дека не е под окупација зашто некој американски професор го користи зборот окупација.

Покрај оспорувањето на автентичноста на јазикот на политичките сопарници, присутна е и заобиколна легитимација на сопствениот расизам. Од добро познати причини оваа постапка е најзастапена во Германија, но на неа не е имун ни остатокот од таканаречениот западен свет. Целта на постапката е на говорниците да им овозможи постигнување расистички ефекти без да постои можност да бидат обвинети за расизам кон Палестинците и Арапите. Пред извесно време германскиот министер за здравство Карл Лаутербах, инаку од социјалдемократските редови, на една социјална мрежа сподели видео од британскиот екстремно десен новинар Даглас Мареј кој ги спореди нацистите со Хамас. А споредбата вели дека нацистите биле похумани зашто искрено им било жал заради спроведувањето на геноцидот, а членовите на Хамас воопшто немаат такво чувство, дури уживаат во масакрите. Министерот иницијално вметна неколку загради кога го споделуваше видеото, но и го препорача, па дополнително го избриша. Примерот е помалку екстремен но никако осамен: потрагата по средства за дехуманизација на Палестинците и отворањето простор за пононшалантна употреба на јазикот се одвива постојано. Користењето на наводниот морален компас на нацистичките предоци за да се нормализира расистичкиот јазик денес само сугерира до каде стигнале нештата. И колку е важна битката за легитимноста на секој израз или термин. Јазикот е и средство и предмет на окупацијата.

Превод: Алек Кузмановски

Извор: https://www.bilten.org/