1005 hPa
94 %
20 °C
Скопје - Вто, 10.09.2024 02:59
Јазид Анани е професор на архитектонскиот факултет на Универзитетот Бирцајт на палестинскиот Западен брег и директор на програма во Фондацијата А.М во Рамала, која се занимава со развој и финансирање културни и образовни проекти во палестинските подрачја. Анани е чест соработник во европските уметнички институции, заради што неодамна упати отворено писмо до европските културни елити во кое тврдеше дека Европа, барем кога станува збор за палестинската јавност, „веќе не претставува чувар на хуманистичките вредности и мирот“.
„Размерите на неоправданата поддршка на Европа за Израел во тековниот геноцид и урбицидот во Газа покажаа дека нејзината историска посветеност на империјалниот колонијализам и расизмот не завршила никогаш“, напиша Анани, наведувајќи дека израелскиот напад на целокупното палестинско население е овозможен со „екстратериторијалниот статус“ наметнат на Газа така што таа во западните земји е сведена на „географија со која управува терористичката организација Хамас“.
„Оваа состојба на исклучителност е проширена така што Палестина и Палестинците станаа персона нон грата и надвор од палестинската географија, овојпат не во рамки на тероризмот туку под превезот на борбата против антисемитизмот. Дефиницијата на антисемитизмот на Меѓународниот сојуз на сеќавањето на холокаустот (ИХРА) и германската резолуција против движењето БДС (Boycott, Divestment, Sanctions) директно и индиректно се користат за гушење на културното и академското изразување во повеќето европски земји. Последниве пет години овие инструменти се користеа за да се ограничи учеството на Палестинците, Арапите, муслиманите, израелските левичари и еврејските уметници кои зборуваа против израелскиот доселенички колонијализам и ја поддржуваа палестинската борба за ослободување.
Фрапантен пример е изложбата Документа, одржана 2022 година во Германија, каде кустоси и разни уметници беа обвинети за антисемитизам заради критикување на израелската влада и поддржување на движењето БДС. Како резултат на тоа, директорката на Документа, Сабине Шорман, поднесе оставка а неколку уметнички дела беа отстранети“, пишува Анани и го наведува најновиот пример од крајот на октомври кога Давид Веласко, главниот уредник на списанието за современа уметност Артфорум, доби отказ зашто објави отворено писмо во кое се повикува на примирје во Газа.
„Се наоѓаме во историски момент во кој бројни политички прашања ги тресат темелите на етиката и вредностите кои настојувавме да ги чуваме секој ден“, пишува Анани па се прашува „како е можно во 21 век само еден народ во Европа, Велика Британија и САД да ужива тотална неказнивост“ и „како може да им се верува на тврдењата на европските академски и културни институции дека ќе ја променат воспоставената колонијална рамка на знаењето кога не само што ги прогонуваат епистемологиите на колонизираните народи, туку во тишина го посматраат нивното бришење“.
Во своето писмо тврдите дека меѓу Палестинците се случува „длабока трансформација“ на ставовите за Европа и она што таа го претставува. Дали може да појасните што мислите со тоа?
Тешко е да се одговори на тоа прашање а да не се навлезе во комплексните историски, правни и економски димензии. Накратко, од неговото основање во 1948 година, Европа го поддржува Израел како засолниште за европските Евреи кои со векови се соочуваа со антисемитизам, насилство, исклучување и прогони. Но таа поддршка подразбира и преминување преку израелското кршење на резолуциите на Генералното собрание на ОН и меѓународното право и вклученоста во насилниот колонијален апарат против Палестинците. Еден аспект од овој однос се и значајните економски врски помеѓу ЕУ и Израел, како трговските договори или неодамнешниот пример со договорот за гас со кој ќе се обезбедат десет проценти од европската побарувачка.
Гасното поле Левијатан, делумно сместено во близина на брегот на Газа, содржи околу 690 милијарди кубни метри природен гас, што ги вклучува и изворите под спорната морска граница со Либан. Исто така, европското, условено финансирање на Палестина игра клучна улога во поткопувањето на сите облици на отпор и активизам. Локалните организации мораат да им се покорат на приоритетите кои им ги поставуваат донаторите, што доведе до нивно отуѓување од автентичните потреби и аспирациите на заедниците во кои функционираат.
Газа е колективен затвор подложен на меѓународно ембарго и израелска блокада. Како би ја опишале формата на колонијално владеење што се спроведува на Западниот брег?
Палестинците на Западниот брег се под контрола на форма на колонијализам која поддржува илузија на автономија и независност. Западниот брег, неговите граници, популацијата, ресурсите, просторното управување, економијата, политиката, здравството и сè останато целосно ги контролира Израел, преку автократскиот посреднички менаџмент на палестинската самоуправа.
Опстанокот на ова колонијално владеење се темели на одржување на раздорот помешу Хамас и Фатах, со што се овозможува раздвоеност на конфликтите во Газа и Западниот брег, експанзијата на населбите на Западниот брег и користењето ултраортодоксни еврејски доселеници како оправдување за воената окупација на 62 проценти од нејзината територија и злоупотребата на меѓународната финансиска помош за потчинување на населението и одржување на ризикот од револт во прифатливи граници. Ваквата окупација не само што е економски евтина, туку го користи Западниот брег како извор на евтина работна сила и како пазар за израелските производи, како и локација за експериментирање со нови воени оружја и технологии.
Како може да се согледа системот на апартхејдот со кој Палестинците се присилени да живеат во Израел?
Пред сè, преку отсуството на политички права на Палестинците кои живеат таму и преку распространетата дискриминација. Исто така, на иницијатива на израелската безбедносна агенција Шабак (Шин Бет) сложените криминални организации формирани во палестинските заедници се вклучени во разни илегални активности кои го поткопуваат секој политички потенцијал и единството на овие заедници. Овие групи се занимаваат со трговија со дрога, изнуда, перење пари и контрола на територии, користејќи оружје и насилство за зачувување на сопствените интереси.
Кога станува збор за Палестинците кои живеат во источен Ерусалим, тие се соочуваат со дискриминаторен пристап до основните јавни услуги, особено кога е во прашање домувањето, пред сè во аспектите за добивање градежни дозволи, експанзијата на илегалните еврејски населби и константна закана за рушење на домовите, експропријација на земјиште и недобивање лични документи. Кога се во прашање правата на палестинската дијаспора, со Договорот од Осло е ограничена дефиницијата кој може да се смета за Палестинец исклучиво на оние кои живеат на Западниот брег, во Газа и источен Ерусалим. Како резултат на тоа, околу седум милиони Палестинци во дијаспората, вклучувајќи ги бегалците во Сирија, Либан и Јордан, се исфрлени од оваа дефиниција.
Превод: Алек Кузмановски
Извор: https://portalnovosti.com/