
На 24-ти ноември во Културно-информативниот центар (Салон Империјал 1 и 2) во Скопје, во 20 часот ќе биде отворена изложбата со наслов „Фрагментирани реалности”, на мултимедиујалниот уметник Страхил Петровски. Куратор на изложбата е историчарката на уметност Маја Чанкуловска Михајловска.
„Проектот е моја субјективна реакција и рефлексија на она што ми (ни) се случува во ова проблематично и турбулентно време (и години наназад), време на конфликти, од секаков тип, политички превирања и разлики – време на изместени вредности, безкрупулозност, континуиран страв и притисок од сите страни, хаос кој речиси секогаш е неповратен, време на кризи и војни кои влијаат на виталноста на целата планета. Во тој контекст оваа изложба нема за цел да ги реши проблемите, туку да генерира прашања, проблеми на свеста и совеста, да ги истражи основните вредности на нашето постоење (онтолошкото во нас како битија), слободата, напредокот, цензурата, самоцензурата - преминувајќи во фрази кои се спротивставуваат на овие принципи и ја ставаат под ризик слободата на човештвото...
Живееме во општество во кое се соочуваме со обезвреднување на нештата од секаков вид, испреплетување на разлики и конфликти... Она што веројатно е различно од порано е дека ние веќе немаме конфликти кои се врзани со вредностите или идеалите, но имаме со тоа, на кој начин овие конфликти се изразуваат...” – вели уметникот.
Страхил Петровски е претставник на средната генерација визуелни и мултимедијални уметници. Роден е во 1974 година во Куманово. Завршил постдипломски студии по сликарство на Факултет за ликовни уметности во Скопје. Неговата уметничка практика опфаќа повеќе форми и медиуми на изразување, како што се сликарство, инсталација, концептуална уметност, фотографија и видеоуметност.
Петровски, особено во последните години, користи теми поврзани со егзистенцијализмот и социополитички прашања како постконцептуален дискурс, но и длабоко естетски решенија како формалистички интерес. Голем број негови дела се наоѓаат во јавни и во приватни колекции, вклучувајќи музеи и галерии во земјава и во странство. Член е на ДЛУМ од 1997 година, на ИКОМОС од 2001 до 2007 година и на ИКОМ од 2011 до денес. Работи како советник конзерватор – реставратор во НУ Национален конзерваторски центар – Скопје и како Доцент по предметите фотографија и мултимедија на Факултетот за арт и дизајн при Европски Универзитет, Скопје.
Изложбата во КИЦ – Скопје е 20-то самостојно претставување на Петровски. Претходно, во текот на оваа година, Петровски се претстави со просторна инсталација и перформанс со наслов „Гласови“ во Синагогата во Братислава, Словачка; во Уметничката галерија во Куманово со фотографска и видео инсталација со наслов „Мементо мори”; а во подготовка да излезе во декември е публикацијата од проектот од минатата година „Синергија во времето”, поставен во Велес.