Тајната на Рамзес и срамежливата донбаска црница

20.11.2023 16:44
Тајната на Рамзес и срамежливата донбаска црница

Сосем во согласност со целта поради која е измислен поимот „поствистина“ (да ја критикува денешната доба на лажни информации, пропагандни магли и невистини) - самиот тој е грандиозна лага. Лагата, се разбира, е содржана во основната премиса на поимот „послевистинита доба“, во која имплицитно се тврди дека пред таа да настапи со светот владеела доба на вистината. Нема поголема невистина од ова тврдење – дека постоела доба на вистината. И не постои поголема заблуда од уверувањето дека човекот кога било повеќе сакал да ја бара вистината во фактите од стварноста или во проверливото знаење, отколку во матната но топла и шушкава прегратка на (у)верувањата.

Од првите материјални траги за најстарите човечки заедници што талкале како ловци собирачи уште пред 50 илјади години низ планетава, сосем е јасно дека човечкиот когнитивен апарат е создаден вистината главно да ја бара во верувањето во митови, бајки и приказни, а не во здодевните факти на стварноста. Така и македонската цивилизација, најстарата човечка формација во вселената, повеќе им верува и ги слави настаните што никогаш не се случиле, па консеквентно не би требало да имаат никакво значење за македонскиот културен проект, но чии датуми ѓоа живо ги паметиме и ги чествуваме како државни празници.

Од друга страна, вистинските епопеи што се формативни за нашата култура и државност, како што е ослободувањето на Скопје на 13 ноември 1944 година, во Македоња Вечна се веќе потполно избришани од колективната меморија. Повеќе луѓе во егзалтирано расположение, како да шмркале кокаин или пејоте, се фрлаат во калните води на Вардар да фатат грубо делкано дрвено крстче, отколку што е бројот на оние скопјани што денес, на 13 ноември, се чувствуваат восхитено, достоинствено, свечено и трогнато, чествувајќи ја херојската саможртва на ослободителите на Скопје, творците на сета наша модерна стварност.

Највистинитата и најтажната вистина на човештвото е дека вистина е само она во што луѓето веруваат. А верувањето организирано во религии, цркви и култови е толку посилно колку што им противречи на фактите на стварноста.

Од ова произлегува вечниот севселенски закон на вистината: нештата се толку повистинити колку што ѝ се поспротиставени на стварноста. Верувањето е посилно од фактите, а вистина е и дека колку што е тоа подалеку од цврстите проверливи факти, толку повеќе луѓето го сметаат за вистина. Или, кажано накусо, гранитната градба на објективната вистина е создадена од развеаните снегулки на субјективното уверување. Ако оваа дефиниција за вистината малку ви наликува на Орвеловите оксиморонски пароли испишани на ѕидовите на Министерството на вистината од „1984“ (Војната е мир, Слободата е ропство, Незнаењето е моќ), тоа е зашто во прашање е само случајна коинциденција, ништо повеќе.

Горчливите вистини за „вистината“ се стари колку и најстарите записи за човечката историја. Една од најдобро документираните и најдолготрајни лаги излезе дека е приказната за славната победа на Рамзес Втори над војските на Мутавали, кралот на Хетитите, во славната битка за градот Кадеш. Елем, во месец мај 1274 година пред нашата ера, Рамзес Втори, дваесет и петгодишиот фараон на новата египетска династија, со бела кожа и црвена брановидна коса, во полна кралевска опрема застанат на златна четирипрежна боева кола, го предводел походот со кој требало од хетитското кралство да се освои градот Кадеш. Рамзес водел армија од 20.000 војници поделени во четири дивизии, која пред Кадеш била сочекана од армијата на кралот Мутавели, што била опремена со многу посилни и поубоити двоколки. Мутавели, за да го затекне Рамзес неподготвен, му излегол во пресрет на противникот, та хетитската и египетската армија го отпочнале меѓусебното клање далеку од ѕидините на толку посакуваниот Кадеш.

Хетитските бојни коли биле пресудни за првите победи на Мутавелиевата војска, а оваа надмоќ набргу ги натерала Египќаните во панично бегство, така што и животот на бесниот Рамзес бил загрозен, во последен миг да не го спасиле од опкружување неговите верни грчки гардисти платеници. Ненадејниот контранапад на Египќаните, набрзина собрани околу својот монарх, успеал пред крајот на денот да ги разбие хетитските линии, па самракот паднал како спас и за двете подеднакво искрвавени војски.

Рамзес успеал ноќта да ја сопре бежанијата и со тукушто пристасаното засилување да ја подготви армијата за пресудниот бој в зори, додека Мутавели прекуноќ буквално истото го направил со својата војска. В зори двајцата владеачи ги напујдале своите измачени, преморени и изранавени војски да се судрат во дивјачки фронтален бој, кој ги дотепал обете војски и завршил без победник. Мутавели му испратил на Рамзеса гласници со предлог за мировни преговори. Мирот бил склучен, и Рамзес ја вратил својата десеткувана војска во Египет, за веднаш потем пеколната хетитска заседа што му ја уништила армијата да ја прогласи за своја херојска епопеја, а битката кај Кадеш за своја легендарна победа.

Бидејќи бил вистински гениј на споменично камената пропаганда, Рамзес својата колосална лага за победата кај Кадеш ја врежал во дури пет масивни камени споменици, меѓу кои е и неспорното ремек-дело – храмот на Рамзес во Теба.

Овие камени банери во слава на пропагандната лага што ја создава историската вистина, преживеале до ден-денес, додека никој жив доскора не слушнал – ниту, пак, знаел или сонувал – дека битката кај Кадеш завршила со повеќе од очигледна победа на Хетитите, зашто градот останал во нивни раце. Поуката е оптимистична: вистината гние на бојното поле заедно со коските на загинатите, додека лагата врежана во гранит се слави како вечна вистина за херојската победа што не се ни случила.

Ќе помислите, почитувани читатели, дека пред три и кусур илјади години на Рамзес Втори му било многу полесно да ја прогласи својата воена катастрофа во херојска победа, во време кога само преживеаните можеле да ја пренесат вистината. Претпоставувате логично дека вистината за денешните случувања не може да биде скриена од јавноста и дека денешната комуникациска вмреженост масивните лаги и заблуди за стварноста ги прави потполно невозможни. Логично, но сосем погрешно. Екстензивната вмреженост и неподносливото изобилство на вестите во кои се задушуваме нè прават само многу поподложни на информативната манипулација.

Првин, зашто повеќето информациски канали на кои сме приклучени нè прават само поизложени на селективната и ѓаволски обработена пропаганда, а потоа, зашто токму заблудата за нашата информираност ни го спушта гардот на разумната одбрана од лаги, и нè препушта на наивно погрешното убедување дека сме поинформирани и послободни во можноста да ја процениме и да ја провериме веродостојноста на вистината во која ќе поверуваме.

Лажењето за украинските победи на источниот фронт, и тоа од многу поголем маштап отколку она на Рамзес за неговата непостоечка победа во битката за Кадеш, ни се сервира од лидерите на слободниот свет, а ние, среќните жители на глобалниот Запад, ја вдишуваме со полни гради како да станува збор за свеж планински воздух, збогатен со опивниот мирис на црногоричните смоли. Нашите лидери, Бајден, Шулц, Сунак и сите останати уште пролетоска ни објавија дека Русија ја изгуби војната, а за да ја претстават лагата како вистина, ја натераа украинската армија да ја отпочне безумната летна „контраофанзива“ што траеше до некни.

Навредливо малоумно беше и самиот назив „контраофанзива“, зашто Русите не беа во никаква офанзива, туку се беа утврдувале во длабинската повеќелиниска одбрана каква што светот не видел дури од Првата светска војна. Резултатот веќе протекува низ пукнатините на банерите што ја рекламираат непостоечката победа: стотици илјади загинати војници, цели генерации засекогаш изгубени украински и руски момчиња и мажи. Дали некој известува дека на источниот фронт секој ден гинат помеѓу 300 и 1.000 војници? Се разбира дека за оваа фрапантна гибел воопшто не се зборува. Вестите од Министерството на вистината се преокупирани со победата, иако поразот е повеќе од очигледен, зашто како што Кадеш остана во хетитски раце, така и руската линија на фронтот остана во нивни раце. Вистината за илјадниците залудно изгубени животи остана да ја чуваат срамежливо за себе бескрајните полиња плодна донбаска црница, како и некогаш пространите затревени ливади пред легендарниот Кадеш.

Стрип кадри: Norman Fallon - Shock Gibson (1940)

Извор за текстот: Слободен печат

Слични содржини

Општество / Теорија / Историја
Општество / Свет / Историја
Општество / Свет / Историја
Никола Гелевски
Свет / Историја
Општество / Став / Историја

ОкоБоли главаВицФото