Промоција на книгата „Под остар агол” од Виктор Танасковски

21.11.2023 12:46
Промоција на книгата „Под остар агол” од Виктор Танасковски

Во Градската библиотека „Браќа Миладиновци”, денес (21 ноември), во 19 часот, во спомен-собата „Т’га за југ“, ќе биде промовирана поетската збирка „Под остар агол ” од Виктор Танасковски. Книгата ќе биде претставена преку аудиовизуелен проект на авторот.

Поетската збирка насловена „Под остар агол ” е првата издадена книга на Виктор Танасковски. Конципирана е како целина поделена на три циклуси, од кои првиот е составен од 11 песни на македонски јазик, вториот од уште 11, меѓутоа песни со искршени облици и визуелни трикови од доменот на поезија конкрета, додека третиот циклус е составен исклучиво од песни на англиски јазик. Самиот наслов е скриен во една од песните, која е пишувана со помош на картите Oblique strategies.

„Под остар агол” е самостојно издание чии уредници се Виктор Танасковски и Ива Дамјановски, која е и автор на дизајнот за корицата.

Дел од песните во оваа збирка, иако во поинаква форма, се претходно објавени во музичките композиции со Alembic, Improof или Minstrel’s Gallery, додека останатите веројатно допрва ќе се најдат во некои следни музички проекти, особено визуелните песни од вториот циклус, кои се планирани за поголемиот вербо-воко-визуелен соло проект кој ќе биде дел од докторатот на Танасковски.

Виктор Танасковски е роден на 9 јуни 1992 година во Скопје. Во 2016 дипломира гитара на Катедрата за џез музика на Универзитетот „Гоце Делчев” во Штип. Во 2022 магистрира на Факултетот за музичка уметност во Белград, насока Применети музички истражувања, а моментално е студент на докторски студии на Универзитетот за уметности во Белград, отсек Вишемедијска уметност (програма која ги обединува книжевноста, танцот, перформансот, музичката, ликовната, драмската и филмската уметност).

Активно настапува, компонира и снима музика со своите авторски состави „Алембик” (Alembic), „Минстрелс галери” („Minstrel’s Gallery“) и „Импруф“ („Improof“).

Во 2022, заедно со Ива Дамјановски го почнуваат музичкиот поткаст „Демобилизација”, во чијшто фокус е новата македонска алтернативна музика.

Организатор е на повеќе уметнички настани, меѓу кои најзначајни се „Акустичните доручеци”, како и скопскиот мултимедијален фестивал „Синестетика”. Освен со компонирање и изведување, Танасковски се занимава и со сликарство и со поезија, кои често ги имплементира во својата музика.

ОкоБоли главаВицФото