Фотографии од отворањето на изложбата „Вечно женско (Шакти)”

22.11.23 11:20

На 21 ноември, во КСП Центар – Јадро, беше отворена изложбата насловена „Вечно женско (Шакти)”, на уметницата Татјана Миљовска. Пренесуваме неколку фотографии од отворањето на изложбата, на Дарко Алексовски. 

„Шакти е женска енергија. Таа се манифестира како на субатомско ниво така и како космичка енергија. Оваа енергија во микрокосмосот, во нас луѓето, низ духовната пракса (медитацијата, јогата) станува сè посуптилна.

Постепено се развиваат пофини аспекти од таа внатрешност, симболизирани низ разни бои, елементи/густини и нивоа на постоењето, и се балансираат енергиите во хармонија на повисоко рамниште. Во еден момент се достигнува полнота, полнота на Себството, на Душата, на Внатрешното Сонце - извор на огромна позитивна енергија.

Серијата на слики во оваа поставка: Океан Море, Сонце и Расцут, Крилја, Пламен, се разни изблици на таа енергија, или како силна прочистена емоција, или како чувство на слобода и леснотија (добиваме Крилја), или како неизмерен простор и длабочина, или како пламено енергично извишување, или како мир, но динамички, или како топла радост и расцут.

Мојот стремеж е вечното женско, коешто се манифестира како мудрост, духовна сила, хармонија и перфекција, да заблеска, за да овозможи пробив во неизмерните пространства на Интуицијата. Интуицијата е нашата повисока и подлабока свест... ” стои во текстот на авторката Татјана Миљоска, во каталогот за изложбата.

Изложбата ќе биде отворена до 29-ти ноември и ќе може да се види секој ден, од 10 до 16 часот.


ОкоБоли главаВицФото