Совети за младиот писател

04.06.2009 11:54
jeremy_geddes_3.jpg

• Негувај го сомнежот кон владејачките идеологии и принцови.
• Држи се подалеку од принцовите.
• Внимавај говорот да не си го загадиш со јазикот на идеологиите.
• Верувај дека си помоќен од генералите, но не срамнувај се со нив.
• Не верувај дека си понемоќен од генералите, но не срамнувај се со нив.
• Не верувај во утописките проекти, освен во оние што сам ги создаваш.
• Биди подеднакво горд кон принцовите и кон толпата.
• Имај чиста совест во однос на привилегиите што твојот писателски занает ти ги носи.
• Проклетството на твојот избор не смешувај го со класната опсесија.
• Не биди обземен со историското итање и не верувај во метафората за возовите на историјата.
• Не качувај се, според тоа, во “возовите на историјата”, оти тоа е само глупава метафора.
• Секогаш имај ја на ум мислава: “Кој ќе ја погоди целта, сè промашува.”
• Не пишувај репортажи од земјите во кои си престојувал како турист; воопшто не пишувај репортажи, ти не си новинар.
• Не верувај во статистики, во цифри, во јавни изјави: стварноста е она што не може да се види со голо око.
• Не посетувај ги фабриките, колхозите, работилиштата: напредокот е она што не се гледа со голо око.
• Не се занимавај со економија, социологија, психоанализа.
• Не биди следбеник на источните философии, зен-будизмот итн; ти имаш попаметна работа.
• Биди свесен за фактот дека фантазијата е сестра на лагата, и според тоа, опасна.
• Не здружувај се со никого: писателот е сам.
• Не верувај им на оние кои велат дека ова е најпоганиот од сите светови.
• Не верувај им на пророците, оти ти си пророк.
• Не биди пророк, оти сомнежот е твое оружје.
• Имај мирна совест: принцовите не те засегаат, оти ти се принц.
• Имај мирна совест: рударите не те засегаат, оти ти си рудар.
• Знај дека она што не си го кажал во весниците не пропаднало засекогаш: тоа е тресет.
• Не пишувај според порачката на денот.
• Не обложувај се на мигот, оти ќе се каеш.
• Не обложувај се ни на вечноста, оти ќе се каеш.
• Биди незадоволен од својата судбина, оти само будалите се задоволни.
• Не биди незадоволен од својата судбина, оти ти си избраникот.
• Не барај морално оправдување за оние што издале.
• Чувај се од “ужаснувачката доследност”.
• Чувај се од лажните аналогии.
• Поверувај им на оние што скапо ја плаќаат својата недоследност.
• Не верувај им на оние што својата недоследност скапо ја наплаќаат.
• Не застапувај го релативизмот на сите вредности: постои хиерархија на вредностите.
• Наградите што ти ги доделуваат принцовите примај ги со рамнодушност, но не прави ништо за да ги заслужиш.
• Верувај дека јазикот на којшто пишуваш е најдобар од сите јазици, оти ти друг не поседуваш.
• Верувај дека јазикот на којшто пишуваш е најлош од сите, макар што не би го заменил за ниеден друг.
• “Така, бидејќи си млак, и не жежок, ниту студен, ќе те изблујам од устата Своја” (Откровение Јов., 3, 16)
• Не биди сервилен, оти принцовите ќе те земат за вратар.
• Не биди суетен, оти ќе наликуваш на принцовите вратари.
• Не дозволувај да те уверат дека твоето пишување е општествено неполезно.
• Не мисли дека твоето пишување е “општествено полезна работа”.
• Не мисли дека и ти самиот си полезен член на општеството.
• Не дозволувај да те уверат дека поради тоа ти си општествен паразит.
• Верувај дека твојот сонет е повреден од говорите на политичарите и принцовите.
• Знај дека твојот сонет не значи ништо наспроти реториката на политичарите и принцовите.
• Имај за сè свое мислење.
• Не искажувај го своето мислење за сè.
• Тебе зборовите најмалку те чинат.
• Твоите зборови се најдрагоцени.
• Не настапувај во име на својата нација, оти кој си ти за да бидеш нечиј претставник, ако не свој.
• Не биди во опозиција, оти ти не си наспроти, ти си долу.
• Не биди со власта или принцовите, оти ти си над нив.
• Бори се против општествените неправди, не правејќи од тоа програма.
• Не дозволувај борбата против општествените неправди да те скршне од твојот пат.
• Запознај ја мислата на другите, потем отфрли ја.
• Не создавај политичка програма, не создавај никаква програма: ти создаваш од магмата и хаосот на светот.
• Чувај се од оние што ти нудат конечно решение.
• Не биди писател на малцинствата.
• Штом некоја заедница почне да те присвојува, преиспитај се.
• Не пишувај за “просечниот читател”: сите читатели се просечни.
• Не пишувај за елитата, елита не постои; елитата си ти.
• Не мисли за смртта, и не заборавај дека си смртен.
• Не верувај во бесмртноста на писателот, тоа се професорски глупости.
• Не биди трагично сериозен, оти тоа е комично.
• Не биди комедијант, оти болјарите се свикнати да бидат забавувани.
• Не биди дворски шут.
• Не мисли дека писателите се “совеста на човештвото”: веќе имаш видено толку многу гадови.
• Не дозволувај да те уверат дека си никој и ништо: веќе имаш видено дека болјарите се плашат од поетите.
• Не чекори кон смртта за каква и да е идеја, и не поттикнувај никого на гибел.
• Не биди кукавица, и презирај ги кукавиците.
• Не заборавај дека херојството бара голема цена.
• Не пишувај за празници и јубилеи.
• Не пишувај пофалници, оти ќе се каеш.
• Не пишувај посмртна реч за народните великани, оти ќе се каеш.
• Ако не можеш да ја кажеш вистината - молчи.
• Чувај се од полувистините.
• При општо славје, нема причина и ти да земеш учество.
• Не врши им услуги на принцовите и болјарите.
• Не барај услуги од принцовите и болјарите.
• Не биди талентиран од учтивост.
• Не истерувај ја правдата низ иглени уши: “не се расправај со будалиот”.
• Не дозволувај да те уверат дека сите сме подеднакво прави, и дека за вкусовите не треба да се расправа.
• “Кога двајцата соговорници грешат, тоа сè уште не значи дека се во право.” (Попер)
• “Да се дозволи другите да бидат во право не нè заштитува од една друга опасност: да поверуваме дека можеби сите се во право.” (Idem)
• Не расправај се со игнорантите за нештата што првпат ќе ги чујат од тебе.
• Немај мисија.
• Чувај се од оние што имаат мисија.
• Не верувај во “научно мислење”.
• Не верувај во интуиција.
• Чувај се од цинизмот, па и од сопствениот.
• Избегнувај ги идеолошките општи места и цитати.
• Имај храброст песната на Арагон во слава на Гепеу да ја наречеш бесчестие.
• Не барај олеснителни околности за тоа.
• Не дозволувај да те уверат дека во полемиката Сартр-Ками обајцата биле во право.
• Не верувај во автоматското пишување и “свесната нејасност” - ти тежиш кон јасноста.
• Отфрлувај ги книжевните школи што ти ги наметнуваат.
• При спомнувањето на “социјалистичкиот реализам” го напушташ секој понатамошен разговор.
• На тема “ангажирана книжевност” молчиш како риба: ги препушташ нештата на професорите.
• Оној што ги споредува концентрационите логори со Сантé, го пушташ да се прошета.
• Оној што тврди дека Колима е поинаква од Аушвиц, го праќаш по ѓаволите.
• Оној што тврди дека во Аушвиц истребувале само вошки а не луѓе - истата постапка како горенаведената.
• Segul il carro e lascia dir le genti. (Данте)

Превод: Никола Маџиров

Илустрација: Jeremy Geddes

Слични содржини

Книжевност
Книжевност
Книжевност / Живот

ОкоБоли главаВицФото