1022 hPa
93 %
5 °C
Скопје - Чет, 05.12.2024 04:59
Централниот медиумски дискурс околу договорот за ослободување на заробените кој го одобри владата на Израел, главно се движи помеѓу описот колку тој е „тежок и опасен“, и тврдењето дека на подготвеноста на Хамас да се согласи со ослободување на заложниците влијаеше исклучиво воениот притисок. Двете тврдења често се слушаат истовремено.
Меѓутоа, се чини дека оваа двострана мантра едноставно не одговара на реалноста. Речиси ист ваков договор, со помали измени, беше предложен уште во првите фази на војната. Така порталот Middle East Eye на први ноември цитираше „упатени извори“ од Катар дека Хамас и Израел „биле на чекор“ до договор за ослободување на жените и децата од редот на израелските заложници, но договорот пропаднал кога Израел на 28 октомври започна копнена инвазија во Газа.
Пред две недели, Гардијан извести дека премиерот Нетанјаху „покажа остар став“ и ги одби предлозите за ослободување на израелските заложници кои му беа изнесени веднаш по нападот на Хамас. Весникот тврди дека пред копнената инвазија „се разговарало за многу поголем број“ заложници отколку што сега е договорено помеѓу Израел и Хамас.
Со други зборови, воениот притисок не доведе до актуелниот договор, ниту ги унапреди неговите услови - веројатно дури и ги влоши во поглед на бројот заробени кои ќе бидат ослободени. Договорот не беше „тежок и комплициран“ туку нужен и неопходен.
Секој дискурс преполн со пароли произлегува од фактот дека оние кои одлучуваат во Израел не сакаа или не можеа, политички и јавно, да си дозволат да прифатат договор веднаш по 7 октомври, за да не зажалат што го потпишуваат во момент на слабост. Некои од нив имаа и ситни интереси да се противат на предлогот, а тука се и идеолошките замерки на радикалната десница во владата.
Со времето созреваа два процеси кои овозможија прифаќање на договорот. Првиот е зголемувањето на притисокот на јавноста и солидарноста со семејствата на заробените кои се плашат за судбината на своите најмили. Протестот на членовите на семејства на заробените постигна големи резултати.
Вториот е масовното убивање во Газа и пропагандните потези на војската кои ѝ овозможија на владата да креира лажна слика за израелската јавност дека договорот е постигнат зашто Хамас е принуден на отстапки. Се чини дека тоа беше нужна лага за да се добие широка поддршка за овој чекор.
Реално, пред Израел од 13 октомври се наоѓа истиот начелен предлог за хуманитарен договор кој вклучува пет дена пауза и ослободување помеѓу 70 и 100 израелски жени, деца, постари луѓе и мажи кои имаат двојно државјанство во замена за палестински жени, деца и стари лица кои ги држи Израел.
Овој предлог имаше различни варијанти, но во основа остана ист.
По речиси месец и половина постигнат е договор за четиридневна пауза на војната и замена на 50 заробени израелски жени и деца за ослободување 150 палестински жени и деца. Ништо не е постигнато благодарение на воениот притисок. Нема никакво достигнување ако земеме предвид дека некои лица во меѓувреме умреле, како и дека многу време е изгубено во заробеништво за оние кои би требало да бидат ослободени утре.
Во потпишаниот договор постои и можност за продолжување на паузата во замена за ослободување на преостанатите Израелци и Палестинци според сличен клуч. Тоа е добро, но не го менува фактот дека условите не се поправени заради залудно потрошеното време.
На маргините на израелските медиуми се слушаат ретки поединечни гласови кои се осудуваат внимателно да ја наговестат очигледната вистина. Политичкиот аналитичар Јоси Вертер во текст за Харец со наслов „Јавниот притисок го натера Нетанјаху да се согласи со договорот кој досега го одбиваше“, го наведе следното: „Истиот договор беше на маса и пред една недела, со безначајни измени. Премиерот се предомислуваше сè додека не го одби. Завчера го промени својот став [...] што наведува на заклучок дека она што го натера да го прифати беше притисокот на јавноста [...] На почетокот ослободувањето на заробените не го постави како приоритет на воените цели. Како што растеше притисокот тој сè повеќе се поместуваше кон хуманитарниот аспект. Сега само можеме да се надеваме дека грижата и негата на децата и жените кои ќе се вратат ќе биде похумана, попрофесионална и посочувствителна од третманот што го добија нивните семејства последниве шест недели“.
Пред една недела Нетанјаху го одби истиот предлог кој сега (фала му на бога) ќе се реализира. Вертер пропушта да нагласи дека истиот договор беше на дневен ред и пред тоа, но наиде на израелско одбивање. Сите останати глупости кои постојано ги преплавуваат израелските телевизии и информативните портали се креирани за да ѝ служат на виртуелната реалност, која е поповолна за јакнење на светоста на израелското „заедништво“, разнишано и ослабено по 7 октомври.
Дури и таблоидот Yediot Aharonot констатира дека „тврдењето на Нетанјаху дека Израел постигнал голем успех во преговорите е далеку од вистината. Ова е истиот предлог кој го даде премиерот на Катар во првата недела од војната но со мали измени. Израел попушти малку, Хамас попушти малку. Сè на сè, [водачот на Хамас] Синвар го доби тоа што го сакаше.“
Можеби уште некој сличен хуманитарен договор за ослободување граѓани ќе се случи во иднина, но најпосле главниот и вистински договор што треба да се случи е „сите за сите“: ослободување на сите израелски затвореници, не само заробените цивили туку и војниците, во замена за илјадниците затворени Палестинци во Израел. Како што беше и со хуманитарниот договор, во основа на секоја одлука пред Израел ќе стои едноставното прашање дали ќе го прифати предложениот договор или не. Малку е веројатно дека основната форма на предлогот ќе се промени благодарение на воени или некои други потези.
Превод: Алек Кузмановски
Извор: https://www.mekomit.co.il/