Неизвесност и покрај договорот

25.11.2023 04:19
Неизвесност и покрај договорот

Израел и Хамас постигнаа договор за примирје и ослободување на дел од заложниците. Договорот кој беше склучен со посредство на Катар и Египет, според извештаите предвидува ослободување на педесет киднапирани израелски жени и деца во замена за четиридневен прекин на непријателствата, влез на голем број конвои со хуманитарна помош во Газа, како и ослободување 150 палестински жени и деца од израелските затвори. Од кабинетот на израелскиот премиер соопштија дека ослободувањето десетмина заробени ќе значи дополнителен ден без борби. Иако потегот на Бенјамин Нетанјаху сигурно ќе го ублажи гневот на семејствата на киднапираните заложници и на другите Израелци кои нивното ослободување го гледаа како приоритет, во исто време тој губи политички.

Премиерот и другите тврдолинијаши во владата безброј пати повторија дека се против примирје сè до уништување на Хамас, така што националистички ориентираниот дел од населението нужно ќе го сфати ова како слабост. Екстремно десничарските партии во неговата коалиција се спротивставија на договорот и повикаа на интензивирање на нападите врз Газа. Накратко, Нетанјаху ќе биде под зголемен притисок од двата дела на политичкиот спектар. Од друга страна, Хамас и неговиот лидер во Газа, Јахија Синвар, ја проширија својата пропаганда и постигнаа важна политичка победа. До вчера тоа беа терористи со кои беше незамисливо да се преговара, туку требаше едноставно да се убијат. Сега со нив се склучуваат договори во кои учествуваат и САД.

Имено, договорот делумно е последица на американскиот притисок врз израелската влада, особено имајќи го предвид незадоволството на членовите на Американската демократска партија од начинот на кој Џо Бајден се договорил со Израел. Според анкетите повеќето Американци сакаат примирје. Нивниот број секако ќе продолжи да расте, имајќи предвид дека светот се соочува со континуирани снимки од уништувањето на Газа и застрашувачкиот број убиени Палестинци, чиј број, според официјалните податоци, надмина тринаесет илјади.

Сепак, се чини дека никој нема идеја како да се дојде до трајно решение. Мнозинството израелски не само декларативно екстремистички политичари, туку и Ликуд на Нетанјаху се противат на идејата Палестинската управа да го преземе управувањето со Газа. Високи израелски функционери, како што е министерката за разузнавање Гила Гамлиел, продолжуваат отворено да се залагаат за евакуација на Палестинците од Газа, а со тоа и за масовно етничко чистење. Според Ал-Монитор, разузнавачките кругови предлагаат и фантазмагорични идеи за напуштање на уништената Газа и преселување на нејзиното население на вештачки острови покрај брегот за повеќе да не постои копнена граница со Израел.

Сегашното затишје на борбите добро ќе му дојде на Израел во воена смисла, за да го подобри снабдувањето на армијата чии залихи се исцрпени од жестокото бомбардирање (според некои извештаи, прецизно наведувани бомби има само за уште десет дена војна). Во исто време, по договорот на Израел ќе му биде сè потешко дипломатски и меѓународно да го оправда продолжувањето на бомбардирањето и убивањето. Меѓутоа, ако борбите престанат и Хамас остане во Газа, тоа ќе биде огромен пораз не само за Нетанјаху, туку и за целиот израелски естаблишмент, вклучително и западниот естаблишмент, кој инсистира на тоа дека нема враќање на старата ситуација по Масакрот на Хамас од 7 октомври.

Минатиот викенд Бајден објави подолг текст во Вашингтон пост. Во него тој начелно се заложи за исправна идеја: Газа не смее да биде платформа за тероризам во иднина, не смее да има протерување на Палестинците од Газа, не смее да има опсада, блокада или намалување на палестинската територија и единствен начин да се постигне долгорочна безбедност и за Израелците и за Палестинците е формирањето на палестинската држава. Првиот чекор кон тоа, посочува Бајден, е ревитализација на палестинската самоуправа.

Со осудата на насилството на доселениците на Западниот Брег, американскиот претседател испрати дополнителна порака до Израел. Звучи добро, но прашање е дали сегашната администрација има некаков конкретен план или начин да наметне долгорочно решение. Дури и да е сериозен, Бајден сигурно ќе биде претседател уште помалку од една година. Нетанјаху секогаш може да одложува - според анкетите, големи се шансите Трамп да го наследи Бајден, чиј „договор на векот“ значеше целосно понижување и пораз на Палестинците. Сепак, треба да се надеваме дека убиствата ќе престанат, но не само на неколку дена.

Превод: Алек Кузмановски

Извор: https://portalnovosti.com/