Јас и Ратко

27.11.2023 00:29
Јас и Ратко

Излегов од работа тоа септемвриско претпладне носејќи го со себеси Решението за пензионирање. Денот беше прекрасен како што често може да се види во овој месец. Беше светло, летото се спремаше за смена, а јас одев не мислејќи на што било друго освен на овој ден. Болницата ја оставив мирно, без трунка емоција во себеси. Надвор од тоа што немаше никакво испраќање од страна на колегите, никој тоа не го забележа посебно. Немаше ниту рака за поздрав или нешто слично. Колегите си ги извршуваа секојдневните задачи, сите беа зафатени до крајност. Одев по Водњанска улица надолу без да можам да се вратам, а 40 години пред тоа одев нагоре. Кога ме примија во болницата имав 25 години. Сè беше како вчера. Оттогаш поминаа 40 години. Јас со моето Решение одам надолу, надолу… Убав стаж истерав во болницата, доживеав многу радости, но и разочарувања, навреди до болка, но никогаш не сум им давал големо значење. Тоа е, таков е животот…

Малку пред некогашниот хотел „Македонија“ наидувам на Ратко Манов, мојот школски другар. Се гушнавме срдечно. Истите раздвоени предни два заба што се гледаа кога се смееше и што му даваше посебен шарм. Знаев дека работи во ГАМА на поставување на гасоводот низ Македонија, и дека се има изнаработено таму. Со право важеше за основоположник на гасификацијата во Македонија. По уводните забелешки сфатив дека и тој е со своето Решение за пензионирање. Какво смеење нè обзеде. Ајде да се прослави со пиво во „Лондон“. И тој, како и јас, помина 40 години на работа, 40 години работен стаж, непрекинат и посебен. Се среќававме во текот на заедничкото живеење.

Навистина повремено, но тоа беа секогаш пријателски средби. Не одевме еден кај друг на фамилијарни посети или на друг тип дружења. Се среќававме носејќи ги децата во Музичкото училиште во Скопје, тој со ќерка му, јас со син ми. Малата на Ратко, Илинка, беше извонреден талент за музика, свиреше одлично на заедничките настапи, а син ми едноставно музиката не ја поднесуваше. Ќерка му свиреше на годинашново Охридско лето, имав можност да ја слушнам во сјаен дует со виолинистот Игор Пикајзен.

Му велам, „40 години труд, бе човеку“, а тој се смее. „И јас 40 години“, вели. Непрекинат труд, посветен на моите пациенти што сите ми биле еднакви и секој добивал максимум што сум можел во тој момент. Не паметам ниеден да останал незадоволен, да протестирал за нешто, да се пожалил на моите претпоставени или некаде на друго место во хиерархијата на општеството.

Ниту јас, а ниту тој никогаш не сме обрнувале внимание на политиката. Тоа едноставно не беше за нас. Навистина, постоеја некои срамежливи обиди од самите врвови на партискиот живот, де од десно, де од лево, но јас за тоа не бев талентиран. Едноставно имав работа во која нуркав и немав време да се посветувам во нешто во што ни самиот не верував и каде што лидерите беа обични дилетанти.

Тоа беше случај и со Ратко. Потоа, по третото пиво, средбата се претвори во сеќавање за оние чудесни средношколски денови во Скопје, нашиот град, во гимназијата Јосип Броз Тито… Муабетот допре и некои девојчиња што ни останале во главите… Нетка, Васе, Златка, Лиле, Стефанка, Мирјана… па назад. Потоа за другарите… за фудбалот што го игравме во Партизан III, за гитарите и Китка каде што ги пеевме нашите песни…

А каде отидоа тие 40 години на беспрекорен работен стаж направен за да се памети? Што се случува сега? Што сè не помина низ државата. Како почна, со што и со кого, што се преживеа, кој сè ја водеше па ја урнисуваше. Каде беа движечките сили на пропаста, на југ, запад, исток, север?! Тогаш ги видовме оние што не ги сакавме. Брзо се менуваа, некои си заминуваа, некои и се враќаа, направија еден релативно мирен регион да се претвори во закана за комплетно уништување.

Ширејќи примитивен популизам и локална самосвест вешто глумеа преправајќи се, така што луѓето им веруваа. Од викања не можевме да кренеме глава, од удирања по градите, од патриотизмот што одеднаш стана поважен од сè. И тоа трае и трае сиве овие години. Најголемите патриоти видовме каде припаѓаат и каде им е најпријатно. Далеку од вистинскиот труд, од беспрекорниот работен стаж, од витешката работа што се гледа таму каде што нема млатење празна слама, каде што се извршуваат задачи како по наредба. Потоа процветаа криминалите насекаде, настапи периодот на бескрупулозните лаги, ординарни кражби и измислувања на кои не им се гледа крајот и кои зафаќаат сè повеќе простор во нашево земјиче.

Таа бурлеска трае 33 години и во неа еве веќе поминува нашиот живот.

Што се случи со здравството, со Клиничкиот центар, кој е за тоа одговорен, кој успеа да го сруши тоа интелектуално супериорно крило и да го претвори во провинциска улица: Кој ја запусти државата на правото? Кои се овие луѓе околу нас, за кого и што работат? Уште го споменуваат народот, вадат некои нарачани анкети во кои се гледа и партиската популарност, овој или оној политичар има толку и толку проценти, а оној толку и толку, па оваа партија толку и толку, па албанските партии толку и толку, па лидерите... Кои и чии лидери? Слепци, лицемери… И ова што се однесува за нашата европска иднина, упорно лажат до крајни граници, прават невозможни комбинации и игри во кои ги следи народецот. А кому му е навистина до нив? До кога? Има ли крај? Во нивните изјави се гледа дека и тие во тоа не веруваат.

Во што се претвори општеството во кое се обидуваме да живееме? Во што се претворија нашите соседи, овде на Балканот кој е пред воени закани и чии провокации се очигледни? И каде ќе ни биде крајот, знае ли некој? Продолжува да се лаже најчесто по фејсбуци или твитери, а таа лага се повторува и одеднаш сите ја извикуваат. Верните новинари, портали, агенции, се врти во кругови преполно со измислици… Се споменуваат тајни разговори меѓу сиот тој олош, некој партиски заговор или нешто слично… До каде е вистината, ако воопшто ја има во тоа расипано друштво? Примитивна трка по власта, ништо повеќе.

Ништо не остана од нашиот 40-годишен беспрекорен труд. Мојот и на Ратко. И на многу други чесни работници. Крадците на коњи сега се главните играчи. Во меѓувреме, мојот драг школски другар Ратко почина за време на големата епидемија со ковид. Остана неговиот труд, доколку некој се сети на него.

Вечна слава и спокојство.

(Авторот е специјалист по интерна медицина)

Слики: Gérard DuBois

Извор за текстот: Слободен печат

ОкоБоли главаВицФото