Старите биполарни категории не водат никаде

27.11.2023 00:33
Старите биполарни категории не водат никаде

Додека лидерите на двете светски суперсили САД и Кина одржуваат состанок на врвот во Сан Франциско, многу набљудувачи се свртуваат кон минатото, кон големите биполарни поедноставувања. Нова студена војна! Западот против сите други! Демократија наспроти автократија! Ајде да му се додворуваме на глобалниот југ! Големиот швајцарски историчар Јакоб Буркхарт нè предупреди да се држиме настрана од terribles simplificateurs, страшните симплификатори. Почеток на мудроста е сознанието дека сега живееме во свет поделен помеѓу голем број големи и средни сили кои веќе не можеме едноставно да ги вброиме во двата табори. Резултатите од една амбициозна рунда глобално анкетирање ни помагаат да го разбереме новиот светски поредок. Спроведено за Европскиот совет за надворешни односи и за истражувачкиот проект на Универзитетот Оксфорд насловен Европа во светот што се менува (на кој јас сум еден од раководителите), ова второ истражување за она што накратко ќе го наречеме земјите на Цитрусот: Кина, Индија, Турција, Русија и САД. Оваа есен им додадовме уште пет други големи неевропски земји – Саудиска Арабија, Индонезија, Јужна Африка, Бразил и Јужна Кореја – и опфативме и 11 европски земји.

Еве неколку наоди кои нема да ве остават да спиете. Повеќе од половина од испитаниците во Кина, Саудиска Арабија и Турција рекле дека САД се во војна со Русија. Недвосмислено мнозинство во тие земји - како и во Индија и Индонезија - веруваат дека Русија ќе ја добие војната со Украина во следните пет години. Повеќе од половина од испитаниците во Кина, Саудиска Арабија и Русија рекле дека Европската унија најверојатно ќе се распадне во следните 20 години. Така размислувале 45 проценти од анкетираните во Турција (официјален кандидат за членство во Унијата која наводно се распаѓа) и, што е мошне шокантно, една третина од Европејците кои учествувале во истражувањето. Интересно е тоа што постои корелација помеѓу верувањето дека ЕУ најверојатно ќе се распадне и верувањето дека Русија најверојатно ќе ја добие војната со Украина. Сè на сè, станува јасно до кој степен во Украина се одлучува за кредибилитетот на Европа и САД.

Нашата анкета заврши пред избувнувањето на војната помеѓу Израел и Хамас, што дополнително го влошува новиот светски поредок, но сепак прашавме колку е веројатно САД и Кина да се вклучат во директен воен конфликт околу Тајван во следните пет години. Педесет и два отсто од испитаниците во Кина и 39 проценти во САД сметаат дека тоа е веројатно. Таквите пророштва можеби се самоисполнуваат.

Уште нешто ќе ви го наруши мирниот сон. Меѓу земјите кои сè уште немаат нуклеарно оружје, 62 проценти од испитаниците во Саудиска Арабија, 56 проценти во Јужна Кореја, 48 проценти во Турција и 41 проценти во Јужна Африка би сакале нивната земја да има такво оружје.

Има добри вести и за Западот. Европа и САД убедливо победија на натпреварот за мис на мека моќ. На прашањето каде би сакале да живеат ако не во својата земја, огромното мнозинство од испитаниците во Бразил, Саудиска Арабија, Јужна Африка, Јужна Кореја и Турција ги посочија Европа или САД. Само во Јужна Африка процентот на оние кои се изјасниле за Кина надминува 10 проценти - а речиси никој не сака да живее во Русија. Но, привлечноста на Западот оди подалеку. Со исклучок на Русија, луѓето во повеќето од овие земји претпочитаат да ги избираат „САД и нивните партнери“ наместо „Кина и нејзините партнери“, како поради човековите права, така и поради регулативата на интернетот. Испитаниците велат дека Русија не е дел од Европа „од перспектива на актуелните политички вредности“, што значи дека тие ја поврзуваат Европа со одредена група политички вредности.

Јасно е дека се разочарани од европската тврда сила, додека американската ги импресионира. Кога станува збор за трговијата Кина е омилен партнер, но речиси сите овие земји повеќе ги сакаат САД отколку Кина во однос на „безбедносната соработка“. Потоа поставивме попредизвикувачко прашање: ако вашата земја беше принудена да избере помеѓу припадност на американскиот или кинескиот блок на земји, што би претпочитале? Соединетите Американски Држави победија убедливо. Доколку се работи за избор, граѓаните на Бразил, Индија, Саудиска Арабија, Јужна Африка, Јужна Кореја и Турција би се одлучиле за блок предводен од САД. Во Индонезија работите се малку покомплицирани, но во ова како и во многу други работи, единствен јасен исклучок е Русија.

Значи остатокот од светот го претпочита Западот? Можеби, ако е принуден да избере. Но, она што навистина произлегува од двете рунди анкетирање и другите сведоштва е дека повеќето од овие земји мислат дека можат да изберат да не изберат воопшто. Испитаниците би сакале поблиски економски односи со Кина, безбедносна соработка со САД, а во исто време би сакале да уживаат во сите чуда што ги нуди европската мека сила. Светот со многу конкурентни сили им дава можност да комбинираат. Мултиполарниот свет во таква форма не овозможува мултилатерализам, па дури и неврзување како што беше сфатено во Студената војна, туку она што индискиот лидер Нарендра Моди го нарече „повеќекратно усогласување“. Како голема сила меѓу другите големи сили ги следите сопствените национални интереси каде и да водат, усогласувајќи се со различни партнери на различни полиња. Јас и моите коавтори Иван Крастев и Марк Леонард тоа го опишуваме како свет à la carte, наспроти старите поставени менија од Студената војна, на кои американскиот претседател Џо Бајден се враќа со неговото бинарно спротивставување на демократијата и автократијата.

Многу луѓе уживаа во друштвената игра Дипломатија (и некои пријателства беа прекинати заради неа), во која играчите, секој од нив претставник на некоја голема европска сила од почетокот на 20-от век, формираа свети, вечни сојузи - и потоа предавнички ја менуваа страната и ги оставаа пријателите на цедило. На почетокот на 21-от век вистинската дипломатија го покри целиот свет - сега тоа е четиридимензионална игра. Можете да се здружите со САД во безбедносната сфера и да флертувате со Русија во енергетската сфера и со Кина во економската сфера. Во игра не се само големите неевропски сили. Во него учествува и српскиот претседател Александар Вучиќ, а унгарскиот претседател Виктор Орбан е најголемиот циник на таблата.

Лекцијата за Западот не е дека треба да ги напушти своите вредности, туку дека треба да стане попаметен, да го гледа светот онаков каков што е, а не каков што би сакал да биде. Дека мора да ги избегне сите поедноставени бинарни рамки и да развие насочени стратегии за некои големи и средни сили како што се Индија, Јужна Африка или Турција. Никогаш нема да победите ако не ги сфатите новите правила на игра.

Превод: Алек Кузмановски

Карикатури: Sergei Tunin

Извор: https://www.theguardian.com/

ОкоБоли главаВицФото