Маскирана книга

16.02.2011 15:22
Маскирана книга

Играта за која идејата ми ја даде Омар Калабрезе, се состои во исфрлање на основниот заплет од некое познато дело кое потоа коректно се прераскажува, отежнувајќи го препознавањето на текстот и оставајќи недоумица за кое дело станува збор. Насловот треба да биде непрепознатлив и да го оддалечи читателот од точниот одговор.

Решенијата се на крајот на текстот.

1. Викајте ме Исмаил.

Роден во село на дрводелци вешти во изработка на брзи бродови, отпловува на море помеѓу монструми и чудовишта и мавајќи со наострено копје тргнува во потрага по Левијатанот. Во мноштвото неверојатни авантури, подготовката на заседа станува ритуал на патот на созревањето и освојување на човечноста. Post fara resurgo.

2. Една безбојна приказна

Амбициозен, сонуваше наполеони и златници. Можеше да се задоволи со тоа што го сакаа и свештениците и семејството на градоначалникот. Можеше добро да се ожени и да дојде до големо богатство, но прокоцка сè со еден невешт истрел. Сериозно ја изгуби главата.

3. Драги Вотсон

Закоравен ерген, манијкално точен, што го излудуваше неговиот нераздвоен помошник, се заплетка во еден бизарен потфат, или, подобро кажано, измама. Се жени речиси случајно, иако знае дека тоа е само губење време.

4. Изгубени илузии

Момчето прерано созреа, чесно, доблесно, ја презема работата на татко му и тргнува да ја освои престолнината. Иако наследил поголемо богатство, не успева да го добие кредитот кој му е потребен; според кажувањето на еден од неговите помошници, лошо котирал на берзата, иако акциите кои ги имаше вредеа многу. Владата не сака да му помогне, а го напуштаат и оние кои се збогатиле благодарение на него; на крајот плаќа за сè. Но секогаш зборува дека не треба да се изгуби присуството на духот: повторно се воздигнува и освојува половина свет. Крушата под круша паѓа и верувај во себе и во своето ждребе.

5. Пулицер

Скита по светот, одејќи по жената која го нема удостоено ниту со еден поглед. Ама на половина пат во себе ја открива репортерската склоност, и почнува да прави интервјуа со личности од висок ранг, но и тие од подземјето. Одличен стил и покрај понекоја провокативна вулгарност. Ги добива најголемите награди во својата категорија.

6. Мирандолина

Драма на љубомора, судир на различни интереси, сè поради наметливоста на еден еден плејбој, странец. Семејниот свештеник, наместо да ја смири ситуацијата, сее раздор. Со среќа, нејзината собарка со помош на своето момче (кое постојано ја вовлекува во неволји), ги средува работите. (Но приказната не завршува тука и ќе треба уште дваесет години додека меѓусебно не се помират сите).

7. Излезе да купи цигари

Тој е интелегентен, љубопитен, остроумен, со добри позиции во општеството и угледна фамилија. Но не умееше да одолее на искушенијата, целосно опседнат со жени, патувања и коњи. Останува до доцна во ноќта со пријателите кои се однесуваат како свињи. Кога некој така ја предизвикува судбината не заслужува, кога ќе се врати, да го чека ниту пес. А него го чека и жена, ене ја, уште плете осамена, а не е дека немала прилики.

8. Квази Висконти

Богата, разгалена, лакома за пари, се обидува да и’ направи рогови дури и на својата снаа. Тешко му на тој кој си има работа со Јужнаци.

9. Пустиник покајник

Далеку од човечката заедница се бори во гради, откривајќи ја повторно вистинската блискост со Изворот кој му даде живот на Адам и на неговите деца.
Но не успеа да им одолее на задоволствата на цивилизацијата. Во суштина имаше тежок живот.

10. Гладио

Црн војник, не се одвојува од бомбата и камата, има само една фикс идеја: „Господ да ги убие Англичаните“. Поразен е и збунет кога токму луѓето кои зборуваат англиски му нудат нов живот. Делува како да прифаќа, но симулира и не се дава: успева да побегне и да им го украде најскапоцениот бисер. Вистинска ѕверка. Некаде настрана, некој пуши.

11. Волстрит

Паметен, остроумен, без скрупули, и покрај мрачното минато оди кон својата цел, ги уништува сите кои му се спротиставуваат и одбива да ги признае своите гревови.
Се разбира, има успех, но нему ништо не може да му се измолкне и тој ги сфаќа своите грешки, но доцна. Да беше жив татко му, работите би се одвивале поинаку, но мајка му секогаш му попушташе.

12. Скица

Тој, таа и некој трет. Едниот не знае точно што сака, другиот знаеше ама не му беше гајле. Заминуваат, доаѓаат, се тепаат еден со друг, на крајот се среќаваат, навидум без смисла. Но само навидум, бидејќи смисла има дури и премногу. Жената е незадоволна, но фантастична.

13. Како Ричардсон

Убава, млада и нежна, без одбрана, на прв поглед послушна, посветена на куќата и семејството, како да има непромислена склоност кон ризик или можеби е само наивна. Сретнува личност достојна на секој презир, која ќе ја искористи нејзината доверба, а таа беше толку неподготвена. Од друга страна, тој умее да ја стекне довербата и на нејзините роднини, прави што ќе му текне, снисходлив е, се расфрла и лаже. Таа запаѓа во стапица, му се препушта и го губи тоа што и’ е најскапоцено. Ама не треба да се донесуваат типизирани заклучоци: еден авантурист, егоист и грабежливец, неспособен за нежност и сомилост кон слабите, но кој добро ги познава фаталните правила на борбата за преживување, и’ помага да почне нов живот.

14. Бистри, свежи и слатки води

Тој ја сака неа. Таа умира. Што да се прави со една толку банално универзална приказна? Сепак авторот на овие сладникави страници ја напушта латинската поезија на која и’ го посветил животот и ја става својата академска титула на коцка. Станува познат бидејќи ја раскажа оваа приказна.

15. Еден обичен живот

Строг, можеби и ситничар, никого нема поштедено од критики, но никогаш нема изречено две критички забелешки одеднаш. Бидејќи имаше многу изразено чувство на должност и почит кон формата, за да биде сосем сигурен во тоа што го тврди, чекаше првин да го направи категоричкиот скок. Можеби неговиот начин беше шематски, но беше способен за синтеза и бараше работите да се соопштуваат само на вистинско место и во вистинско време. Останатите велеа дека е празноглав, но тој водеше сметка за сè што го опкружуваше, само не сакаше да работи ништо на слепо. Иако признаваше дека сака малку да го крене носот, на крајот покажа дека поседува практичен дух и разум.

Решение

1. Пинокио. 2. Црвено и црно. 3. Пат околу светот за осумдесет дена. 4. Евангелието. 5. Боженствената комедија. 6. Трите мускетари. 7. Одисеја. 8. Однесено со виорот. 9. Тарзан. 10. Тигрите од Момпрасена. 11. Крал Едип. 12. Уликс. 13. Црвенкапа. 14. Љубовна приказна. 15. Трите кантови критики.

Баш е интересно, те тера да

Баш е интересно, те тера да се замислиш подлабоко. Во секој случај, деталите се одлучувачки.

ОкоБоли главаВицФото