1026 hPa
69 %
1 °C
Скопје - Сре, 15.01.2025 19:59
Следејќи го својот сон се качила на брод на француската морнарица, во време кога на жените тоа не им било дозволено. Преправена во маж, таа се претставила како помошник на францускиот натуралист Филберт Комерсон.
Жана Баре е родена на 27 јули 1740 година во Бургундија. Детството го поминала во природа, меѓу билките, кои уште од рана возраст научила да ги разликува. Иако никогаш не добила формално образование, имала големо познавање од областа на ботаниката. Помеѓу 1760 и 1764 година, била вработена како домашна помошничка во куќата на натуралистот Филберт Комерсон. Набрзо неговата сопруга починала, а Жана станала негова љубовница и соработничка. Со него добила и син кој бил даден на посвојување.
Кога Комерсон станал официјален ботаничар на францускиот двор, Жана заминала со него во Париз и продолжила да работи како негова куќна помошничка и лична медицинска сестра. Во 1765 година, од француската влада, плашејќи се дека ќе ја надминат нејзините големи ривали, Велика Британија и Шпанија, на адмиралот и истражувач Луј Антоан де Бугенвил му било наредено да открие нови територии во име на круната. Бугенвил веднаш се сетил на Комерсон и го замолил да го придружува на патувањето.
Тој, пак, рекол дека нема да го прифати неговиот предлог доколку не се согласи со него да оди и неговиот помошник. Бидејќи било незамисливо една жена да се впушти во таква експедиција, Комерсон и Жана смислиле план: Жана се преправила во маж и го променила своето име во Жан.
Почнале да се појавуваат гласини
Експедицијата на Бугенвил се состоела од два брода: Будуз и Етоал, кои испловиле од Нант во 1766 година. Една од првите постојки била во Монтевидео (денешен Уругвај), каде тегобност и чир на ногата го спречиле Комерсон да ја извршува својата работата. Но, таму била Жана, која практично сите работи ги извршувала сама, додека ботаничарот одморал во кабината што му ја позајмил капетанот на бродот Етоал.
Во Бразил Жана дошла до откритие кое ја фасцинирало: спектакуларна билка која, по водачот на експедицијата, ја нарекла бугенвила. На крајот излегува дека младата жена сама успеала да собере помеѓу три и шест илјади нови растенија. Комерсон, како ботаничар на експедицијата, го задржал правото да именува седумдесет од нив по него, но и дозволил на Жана да именува само едно по себе.
И покрај тоа што експедицијата била успешна, патувањето било сè само не глатко. Жана, како и целата посада, морале да се справат со страшни бури за време на преминувањето на Магелановиот теснец, како и со многу проблеми, што во нејзиниот случај значело дека таа морала да биде особено внимателна во секој момент за да може да го избегне разоткривањето.
Но, во толку мала средина, тоа било речиси невозможно и многу морнари почнале да го вперуваат прстот кон Жана. Еден од членовите на експедицијата подоцна во своите мемоари напишал дека таа потоа им кажала на своите придружници дека всушност била кастрирана од отоманските пирати, во што тие очигледно не поверувале.
Жена на бродот! Жена на бродот!
Иако не е познато што точно се случило на крајот, идентитетот на Жана бил откриен по нејзиното пристигнување на Тахити. Некои велат дека самите домородци на островот ја предале на екипажот кога го откриле нејзиниот статус, а други тврделе дека екипажот ги проѕрел нејзините лаги. На крајот, според некои верзии на приказната, Жана била силувана, додека во неа било вперено оружје. Бугенвил, не сакајќи да ризикува да се врати во Франција со жена на бродот, донел контроверзна одлука: ги оставил Жана и Комерсон во Маурициус.
За време на нивниот престој во Маурициус, на покана на гувернерот на островот, Пјер Пуаве, двојката направила неколку патувања до Мадагаскар, кој Комерсон го опишал како „ветената земја за натуралистите“. Жана продолжила да работи како негова куќна помошничка и медицинска сестра до неговата смрт во март 1773 година.
Малку се знае за животот на Жана Баре после смртта на Комерсон. Некои од нејзините биографи сугерираат дека можеби работела во таверна на островот, каде што го запознала францускиот поморски офицер по име Жан Дуберн, со кого се омажила на 17 мај 1774 година. Потоа, двајцата патувале низ светот, па се вратиле во Франција, каде што Жана открила дека Комерсон ја именувал за негова наследничка и ѝ оставил значително наследство што ја направило богата жена.
Една деценија подоцна, Жана добила и доживотна пензија од француската влада и признание за учеството во првата француска експедиција што ја обиколила светот. Жана Баре починала во Сан Антоан, Франција, на 5 август 1807 година, на 67-годишна возраст.
Извор: https://nationalgeographic.rs/