Визуелизирање на еднаквоста: женските улоги во обликувањето на уметничките наративи - АИКА симпозиум

29.11.2023 10:14
Визуелизирање на еднаквоста: женските улоги во обликувањето на уметничките наративи - АИКА симпозиум

Годишниот симпозиум на Здружението на ликовни критичари – АИКА Македонија, насловен „Визуелизирање на еднаквоста: женските улоги во обликувањето на уметничките наративи”, ќе се одржи на 1-ви декември (петок) 2023 година, со почеток од 12 часот во Музејот на современа уметност во Скопје. Учесници на симпозиумот се Нада Пешева, Ана Ивановска Дескова и Јана Коцевска.
Симпозиумот се организира со финансиска и техничка поддршка од Министерство за култура и Музеј на современата уметност-Скопје.

Симпозиумот „Визуелизирање на еднаквоста: женските улоги во обликувањето на уметничките наративи” има за цел да ја истражи повеќеслојната димензија на учеството на жените на уметничката сцена, со специфичен фокус на еволуирачкиот пејзаж на Македонија во периодот по 60-тите години. Симпозиумот настојува да го расчлени квалитетот и квантитетот на културните политики во Македонија кои беа инструментални за стимулирање на вклучувањето на жените во визуелната уметност, архитектурата и уметничкиот активизам, и да ја процени инклузивноста на родовите теми во неодамнешната уметничка продукција.

Темата на симпозиумот ќе се осврне на историските и современите улоги на жените уметнички, расветлувајќи го нивниот придонес во пошироката уметничка нарација.

Преку испитување на напредокот на политиките и иницијативите насочени кон промовирање на учеството на жените во уметноста, симпозиумот има за цел да го оцени степенот до кој овие мерки поттикнаа вклученост и рамноправност на македонската уметничка сцена.

Програма на симпозимуот:

Нада Пешева: Женското учество во современата македонска ликовна/визуелна уметничка сцена по 1991 година

Прашањето за видливоста на жените авторки и ре-испитување на позицијата на жената во светската уметничка сцена, е дел од новите политики и тенденци и во современата светска ликовна критика и теорија, а прашањето за учеството на жената како авторка во совремната ликовна сцена е предмет на интерес и кај нас особено во периодот по 90-тите.
Оттука, истражувањето се фокусира на женското учество во современата уметничка сцена, со посебен осврт на квалитетот и квантитетот на културните политки во стимулирање на учеството на жените во современата ликовната/визуелната уметност во Македонија во периодот на 1990-тите години, но и степенот на инклузивност на родови теми во рецентната уметничката продукција.
Истражувањето ќе се осврне на референтни изложби и кураторски проекти кои застапуваат, поттикнуваат и промовираат еднаква презентација на жени авторки реализирани преку програмските активности на националните установи и независната културна сцена, но и вклучување на дела од женски авторки во колекциите на установите, во објавените публикации и слично.

Ана Ивановска Дескова: Улогата на жените архитекти во постземјотресната обнова на Скопје

Во втората половина на дваесеттиот век, значително се менува улогата на жената во македонското општество. Во новонастанатиот политички, економски, социјален и културен контекст, жените го прават својот прв пробив во мноштво професии, кои претходно се сметале за „машки“. Обемниот и сеопфатен модернизациски и еманципаторски проект значи забрзано менување на структурата и ликот на градовите, а жените архитектки рамноправно учествуваат во обликувањето на новиот животен простор.
Жените архитектки даваат значаен придонес кон архитектонската сцена во Социјалистичка Република Македонија, особено во периодот на постземјотресната обнова на Скопје. Периодот на 60-тите, 70-тите и раните 80-тите години е време на интензивно архитектонско и урбанистичко творештво за Мимоза Томиќ, Вера Ќосевска, Љубинка Маленкова, Олга Папеш, Василка Ладинска и многу други.

Образовани во веќе реномираните архитектонски школи и културни центри – Белград, Загреб и Љубљана, каде архитектонскиот модернизам навлегува директно од европските центри – Париз, Берлин, Виена, Прага итн., по нивното враќање во Скопје тие имаат силно влијание врз развојот на македонската архитектонска сцена, ширејќи ја модернистичката идеја и култура помеѓу помладите генерации на архитекти.

Инспирирани од интензивната дебата која се води на глобално ниво за улогата на жената во општеството, а соодветно и во професијата, овој проект има за цел да ја истражи, документира, проучи и промовира улогата и делата на овие извонредни жени од практиката – планерки, архитектки и дизајнерки; да доведе кон подобро разбирање, поголема видливост и вреднување на архитектонското и културното наследство кое тие го оставиле на идните генерации.

Авторскиот тим на проектот го сочинуваат Ана Ивановска Дескова, Владимир Десков, Јован Ивановски, Бојана Стојменовска, Теа Дамјановска и Михајло Стојановски.

Проектот „Улогата на жените архитекти во постземјотресната обнова на Скопје” е раководен од Здружението за поддршка и промоција на културата „Континео 2020“ – Скопје. Проектот е финансиран од Амбасадата на Швајцарија во Северна Македонија

Јана Коцевска: Прво па женско

Родовиот аспект и феминистичкото насочување во визуелната култура и уметност е од особено значење, земајќи ја предвид нужноста овие практики да комуницираат со социјалните и политички проблеми и состојби, како и потребата тие да понудат дидактички принцип во продукцијата. Јана Коцевска во своето излагање ќе се осврне на оние современи културни и уметнички практики со кои таа активно се занимава веќе 11 години преку своето искуствено дејствување како организаторка на феминистичкиот фестивал „Прво па женско” и како истражувачка во ЦИНИК - Центарот за истражување на национализмот и културата. Главниот фокус во нејзиното работење е состојбата на постоечката родова нееднаквост во општеството, како и значајните општествени разлики во однос на позициите на моќ во минатото но и денес, кои според Коцевска се значаен фактор и всушност неодвоив дел од развојот на културата и уметноста. Адресирањето на родовата нееднаквост во културните политики и во развојот на критичката мисла се суштински важни позиции, а особено важно кога овие политички позиции се инкорпорирани од страна на автор(к)ите кои ги создаваат и ги градат наративите низ призмата на родовите аспекти и феминистичките вредности. Токму постоењето на фестивалот за феминистичка култура и акција ППЖ овозможува создавање на платформа која предвидува, развива и продуцира уметнички практики преку поддршка и соработка со автор(к)и кои ја адресираат родовоста и негуваат критички пристап кон нееднаквоста, позициите на моќ, телесноста и сексуалноста како и стигмите поврзани со овие теми. Коцевска ќе ги пренесе искуствата во креирањето на ова феминистичко јадро на визуелната уметничка продукција и ќе се обиде да го потенцира значењето за развојот на критичката нишка што ја создаваат авторките во своите визуелни дела кон нормите, хемонистичките политики и неправдите.

Биографии:

Нада Пешева (1976, Скопје) дипломирала на катедрата на Историја на уметноста со археологија на Филозофскиот факултет во Скопје (2000). Магистрирала на тема “Културна политика и менаџмент“ на Универзитетот на уметности во Белград, Србија (2013). Во моментот е докторант на катедрата за Културолошки студии на Институт за македонска литература, УКИМ. Во потесен интерес на нејзината работа влегуваат ликовната теорија и критика, културниот менаџмент и политика, културниот туризам, културните индустрии и родовите прашања во културата. Учествувала на повеќе локални и меѓународни конференции, дебати и симпозиуми во земјата и странство и објавувала трудови во повеќе научни списанија и публикации. Во моменов е вработена во Агенција за промоција и подршка на туризмот. Член е на Здружението на ликовни критичари „АИКА Македонија“, а била и член на Управниот одбор на здружението.

Ана Ивановска Дескова е архитект, историчар на архитектура и истражувач, вонреден професор на Архитектонскиот факултет на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, каде предава предмети од Историја на архитектурата и Заштита на градителското наследство. Нејзиниот главен истражувачки интерес е насочен кон архитектурата на 20 век во Скопје, особено периодот на неговата постземјотресна обнова. Во тим, заедно со Владимир Десков и Јован Ивановски, таа е автор на бројни истражувачки проекти, публикации и изложби и го промовирала наследството на модерното движење во Скопје, Венеција, Виена, Атина, Минхен, Њујорк итн. Била член на кураторскиот Советодавниот одбор за изложбата „Кон конкретна утопија: Архитектурата во Југославија 1948-1980“ одржана во 2018 година во Музејот на модерна уметност во Њујорк.

Јана Коцевска (Скопје, 1986) дипломирала на Институтот за етнологија и антропологија во Скопје. Една е од основачките на Тиииит! Инк. и на Фестивалот Прво па женско. Била дел од тимот на Коалиција Маргини и на повеќе значајни културни настани во Македонија, како КРИК – фестивал за критичка култура и Викенд на гордоста, а волонтирала и на МакеДокс – Фестивал на документарен филм, Друга приказна – Регионален книжевен фестивал посветен на малите фикции. Исто така, Јана е една од основачите на ЦИНИК – Центарот за истражување на национализмот и културата. Од октомври 2021 Јана е претседателка на Управниот одбор на Јадро - Асоцијација на независната културна сцена. Теми од интерес во нејзината работа се род, феминистичка теорија и култура, културни политики и човекови права.

Слични содржини

Општество / Активизам / Култура / Уметност / Настан

ОкоБоли главаВицФото