1016 hPa
51 %
25 °C
Скопје - Саб, 07.09.2024 20:59
На 2-ри и 3-ти декември, во Националната галерија „Чифте амам“ ќе биде презентиран проектот „Скриеното, чудесно”.
Мултимедијалниот проект „Скриеното, чудесно” се состои од изложба на современ филигрански накит, две едукативни предавања за поширока публика и креативна работилница за деца.
„Скриеното, чудесно” е колекција современ накит, која се темели на повеќегодишно истражување за Охридското езеро, со финален фокус на неговите ендемски видови - микроскопските фотосинтетизирачки алги, Дијатомеи.
Современиот филигрански накит, заедно обмислен и изработен од Марта Пејоска и Билјана Клекачкоска, е всушност една продлабочена студија за конкретното, но невидливо за голо око, кое се крие во длабочините на езерото. Генералната идеја на авторките e да се епитомизира важноста на интердисциплинарните проекти, во овој случај спојот на уметноста и науката. Резултатот од соработката со институтот по биологија од Природно математичкиот факултет при УКИМ, е материјализиран во накит, кој пак се користи како една креативна алатка за подигнување на нивото на свесност на публиката за важноста на нашето природно наследство.
„Приближувањето на откритијата до публиката го изведовме на еден интересен и концептуален начин односно преку форма на уметнички накит. Нашата директна инспирација се дијатомеите кои се од суштинско значење за многу процеси во езерото, но и надвор од него. Нивните многубројни вариетети во структури се полето на игра од која се раѓаат нови дизајни и цела една нова линија на изразување. Финалната форма е материјализирана со помош на иновативни технологии и техники во изработувањето и е конципирана како нов препознатлив белег на градот Охрид и езерото” – стои во текстот за изложбата на авторките Марта Пејоска и Билјана Клекачкоска.
Отворањето на изложбата е на 2-ри Декември, во 19ч, во Националната галерија „Чифте амам“.
Во склоп на проектот, покрај главниот настан – изложбата, предвидени се и две предавања и креативна работилница за деца. Предавањата се ретка прилика, пошироката публика да се запознае со природната реткост на Охридското езеро и регионот т.е. Националниот парк Галичица и да се сретне со двајцата предавачи, секој експерт во својата област. Првото предавање, во соработка со Ангела Тасеска, од ЈУНПГ на тема биорезерватот на езерото и планината како нераскинлив систем и второто во соработка со проф. д-р Златко Левков, на тема Охридското езеро и неговите ендемски видови – дијатомеите. Од визуелните презентации на експретите, учесниците ќе цртаат т.е. скицираат според нивната перцепција и потоа според нивните цртежи истите ќе ги моделираат во глинамол или пластелин.
Работилницата со едукативен карактер е наменета за млада публика (возраст 6-14год). Учењето ќе биде на еден малку поразличен начин, односно ќе учиме за ендемските видови во Охридското езеро и за природното богатство на неговиот регион преку тактилно спознавање.
Предавањата и работилницата ќе се одржат на 3-ти Декември, со почеток во 10ч, во Чифте Амам.