Супа од чиопа и други фосфени

01.12.2023 14:30
Супа од чиопа и други фосфени

Оваа изложба е приказна за птиците Чиопи, кои живеат во пештерата на еден остров среде најтивкиот океан на планетата Земја. Од нивните гнезда луѓето ја прават највкусната супа на светот. Ако супата се јаде со затворени очи, во внатрешното видно поле се појавуваат т.н. фосфени, лажни ѕвезди кои постојано трепкаат зад спуштените очни капаци. Нивната боја зависи од тоа кој дел од телото го осветлуваат и колку долго можат да трепкаат; ѕвездите се толку мали што не можат да се видат со голо око, но можат да се видат со затворени очи. Секоја фосфена си има своја специфична боја, а сите заедно ја сочинуваат шареницата на окото. Ако се случи една боја да премине во друга, фосфената се крши и паѓа во црна дупка. Таму и понатаму се дели на други бои, до бесконечност. Една од најтемните бои е мракот, што како низ цедилка капе и истекува во ноќите на космосот. Во тие темни делови луѓето ги сонуваат своите сонови и ги кријат малите тајни од кои на другиот крај на вселената светнуваат нови Супер Нови.

Така секогаш сѐ почнува од почеток и никогаш ништо не завршува. Светлината не може да се изгаси, но човекот може да заборави, да ги отвори очите и да ги види боите.

Сликите на оваа изложба настанаа при обидот да се уловат сите нијанси на треперењето на тие внатрешни бои со кои е населена вселената...

 

Слични содржини

Графички Дизајн / Книжевност / Уметност
Книжевност
Книжевност / Настан
Книжевност
Книжевност / Култура / Уметност
Книжевност / Уметност

ОкоБоли главаВицФото