Перцепцијата е субјективно искуство кое има само прво лице еднина

04.12.2023 01:38
Перцепцијата е субјективно искуство кое има само прво лице еднина

За мозокот можеме да размислуваме како за отисок од прст, секој е единствен и се разликува по нешто, а се обликува во текот на животот врз основа на нашите искуства. Сите живееме во сопствената кутија на перцепцијата. Во неа е мрачно и таа, всушност, не гледа и не слуша ништо. Во неа струјат само низа сигнали.

Во основа, нашата перцепција се формира од комбинациите на она што го очекуваме. Таа доаѓа одвнатре, од нашите минати искуства, кои се комбинираат со она што доаѓа во нашиот мозок однадвор. Кога овие две нешта ќе се сретнат се создава она што ние всушност го доживуваме.

Но сечија перцепција е единствена и никогаш не можеме да знаеме како би доживеале некоја ситуација. Перцепцијата е апсолутно субјективно искуство кое има само прво лице еднина.

Отсекогаш бев фасцинирана од односот помеѓу физичкиот мозок и умот. Отсекогаш се обидував да ја разберам невронската основа на нашата свесна перцепција. Сето она што доживуваме од моментот кога ќе се разбудиме до следното враќање во длабок сон без соништа. Како мозокот го создава субјективното искуство што го имаме - нашите чувства, нашите мисли, емоциите?

Невроните почнуваат да формираат врски, а минувајќи низ животот и стекнувајќи разни искуства, се одвива еден вид „кастрење“. Всушност, тоа ги јакне важните врски и се ослободува од неважните. Оттука почнуваат да се развиваат подефинирани структури.

Впрочем, нашата перцепција за светот околу нас е конструкт на умот, илузија. Чувство кое го создал умот. Но постојат нешта кои навистина постојат во реалноста, но ние всушност не ги гледаме.

Вниманието е како рефлектор кој го насочуваме на нешто во нашето визуелно или слушно поле. Затоа на сите ни се случило нешто да се случува пред нашите очи, но бидејќи нашето внимание било насочено на нешто друго, мозокот можеби го регистрирал, но ние не сме биле свесни за тоа.

Постои постојана интеракција помеѓу нештата што несвесно ги обработува нашиот мозок и кои влијаат на нашето однесување. Значи, она за што сте свесни во секој момент може да влијае на она што го забележувате и на кое се сеќавате. Ако сте преплавени со негативни емоции ќе почнете да забележувате повеќе негативни нешта во своето опкружување. Ако, пак, сте позитивно расположени, ќе ги забележувате позитивните нешта, иако опкружувањето е сосема исто.

Генерално, толку информации го заплиснуваат нашиот мозок во текот на денот, што кога би морале сè да обработиме свесно, системот би бил презагушен. Затоа е полесно да се категоризира реалноста зашто на тој начин полесно се согледува, не само на основното перцептивно ниво, туку се шири и до повисоките когнитивни процеси и системи на верување. Така сме ги развиле стереотипите. Но проблемот е во тоа што, иако во повеќето случаи нешто може да биде точно, тоа не значи дека важи во секој поединечен случај.

Да речеме, стереотип е дека жените се домаќинки, а мажите вработени. Кога некому ќе покажете фотографија со маж и жена и прашате кој од нив работи во канцеларија, повеќето би одговориле дека тоа е мажот.

Постои рамнотежа помеѓу шемата која ни помага да ја согледаме реалноста и нашите очекувања, и не мора нужно да се заклучува врз основа на стереотипите кои можат да бидат прилагодливи до одредена точка. Доколку со текот на времето нашиот мозок биде изложен на поинаков вид инпути, ќе дојде до несвесна промена на стереотипот.

На пример, во рекламите за детергент за перење алишта и садови сè почесто се појавуваат мажи. Тоа со текот на времето го репрограмира нашиот мозок да се ослободи од предрасудите дека тоа е исклучиво женска работа.

Ако можеме да смислиме начини за да ја прошириме нашата ментална кутија во која живееме, ќе можеме подобро да се поврземе со различни погледи на светот. Колку повеќе работи можеме да разбереме, како и сознанието дека живееме во одредена перцептивна кутија, може да создаде поттик за развој или да нè наведе да се обидеме да развиеме поголема емпатија за другите кои живеат во нивните перцептивни кутии.

Во нашите глави до последниот здив се извршуваат задачи и секогаш има место за промена. Ништо не е врежано во камен. Ако ја промениме перспективата тоа ќе го промени начинот на кој го доживуваме светот. А животот е полн со болка. Тоа е дел од патувањето. Но да се биде во состојба тоа да се контекстуализира и да се вткае во сопствениот животен наратив е нешто што можеме да го направиме сите.

Значи, знаејќи дека нашата перцепција е илузија, нашето доживување на себеси е илузија, сето тоа е конструкт на нашиот мозок. Нашиот мозок го прави тоа за нас. Имајќи го тоа предвид може да се каже дека тоа е прилика зашто можеме да имаме одредена контрола над начинот на кој нашиот мозок го перципира светот, и тука лежи моќта.

Превод: Алек Кузмановски

Слики: Rafael Silveira

Извор: https://bigthink.com/

ОкоБоли главаВицФото