1020 hPa
72 %

15 °C
Скопје - Пет, 13.06.2025 05:59
Резултатите од неодамнешните избори во Аргентина и Холандија и трендовите на популарноста на политичките партии во анкетните истражувања во релевантен број други, особено европски држави, активираа нова рунда медиумско-аналитички апокалиптични сценарија според кои ни се заканува мрачна доба на превласт на екстремно десните опции на континентот и пошироко. Релативната победа на Герт Вилдерс во Холандија беше неочекувана и нема сомнеж дека слични политички опции играат важна улога во бројни земји, но забележливо е и дека разликите во одреден број процентни поенти често се третираат како сигнали за фундаментални политички промени. Ако малку го прошириме кадарот станува видливо дека се работи за континуитет со помали или поголеми варијации. Екстремно десните партии веќе одредено време се етаблирани како опции со значаен електорален досег. И уште поважно, бројни нивни ставови и вредности се нормализираа и прифатија како составен дел на политичкиот пазар на идеи.
Континуитетот и нормализацијата бараат политички одговор. Во либералните кругови и на левицата се разгледуваат различни опции, а меѓу нив се истакнува една која засега главно има статус на сè погласно претчувство. Имено, наводно постои една електорална-идеолошка комбинација која на пошироко сфатената левица сè уште не е пробана, а вредносните анкети и простата математика сугерираат дека би можела да оствари значаен успех на изборите во повеќето земји. Значи, се работи за комбинација на социјално конзервативни ставови и прогресивни економски политики. Таа се заснова на врежаната социолошка претпоставка според која пониските класи се склони кон конзервативните општествени вредности, но и економските политики на редистрибуција, ако не и кон оние порадикалните. Левицата би требало, гласи предлогот кој сè поизразено циркулира во дискусиите, да направи идеолошка отстапка, да ги занемари прашањата како проблемот на сексуалните малцинства или миграцијата, и да се фокусира на наводно заборавените класни прашања. Облогот вели дека во тој случај работниците веднаш би почнале да ја фаворизираат левицата која во моментов ги фрустрира заради инсистирањето на „буржоаските девијации“ како што се таканаречените идентитетски политики.
Досега не бевме сведоци на конкретен обид за електорална реализација на оваа идеолошка комбинација, а прва би требало да ги претстави новата партија на Сара Вагенкнехт, харизматичната поранешна членка на германската Левица. Инаку, оваа мошне популарна политичарка во Германија фигурира како елабориран пример на овој политички облог, иако постојат големи сомнежи во радикалноста на нејзините економски политики кои често наликуваат на класичниот германски ордолиберализам со социјални примеси. За поисцрпен политички портрет на Вагенкнехт го препорачуваме текстот на германскиот социолог Оливер Нахтвеј. Но, додека чекаме дали Вагенкнехт ќе успее да го докаже она што наводно е социолошки и математички очигледно, да наведеме пет клучни проблеми кои сериозно ја доведуваат во прашање оваа очигледност.
Првиот проблем на левото прифаќање на комбинацијата на социјалниот конзервативизам и економскиот прогресивизам е од начелна природа. Имено, со таквата комбинација свесно се жртвува благосостојбата, ако не и животите на значаен дел од нашите сограѓани со поинаква боја на кожата или со поинаква сексуална ориентација. Покрај тоа што се работи за морално потполно неприфатлив потег со кој буквално се жртвуваат сегменти од популацијата за изборен успех, се поставува и прашањето зошто овие „таргетирани“ гласачи гласале за левицата после еден таков потег. Ако толку не ги поднесуваат странците и сексуалните малцинства што заради нив гласаат и против сопствените материјални интереси, тогаш очигледно постои подлабок проблем од составувањето идеолошки рецепт за нив. Поверојатно е дека ќе продолжат да гласаат за опциите за кои гласале и досега.
Вториот проблем на оваа комбинација е откажувањето од политиката како таква и претворањето на политичката партија во маркетиншка агенција која го следи пазарот и го пакува производот во зависност од добиените резултати. Гласачите се третираат како идеолошки формирани групи или индивидуи кои не се подложни на политичко обликување туку, ете, нивните ставови се спонтани, а со самото тоа и природни и конечни. И партиите треба да се прилагодат на таквите ставови и вредности, а не да се препуштат на нудење некакви „фикционални“ решенија кон кои наводно е наклонета левицата. Меѓутоа, проблемот на левицата не се состои во тоа што не ги „почитува“ ставовите на работничката класа туку во тоа што често ги патронизира во нудењето поинакви ставови. А тоа не е баш најпаметен начин на политичко уверување.
Третиот проблем е поврзан со толкувањето на успехот на екстремната десница и таканаречените десни популисти. Идеолошкиот рецепт кој го следиме во случајов се заснова на неуверлива интерпретација на тој успех. И, во случајов, не е потребно таквата неуверливост да се докажува со поинаква интерпретација туку е доволно да се нагласи дека се манипулира со погрешни податоци и дека различните успеси на десните опции многу варирале во своите економски политики. Постојат и такви како Вилдерс и Хавиер Милеи, да ги споменеме само најсвежите примери, кои се истакнуваат со крајно про-пазарни решенија, но и оние кои заговараат таканаречен шовинизам на благосостојбата, значи, селективна социјална држава до која странците нема да имаат пристап. И покрај тоа што увозот на идеолошки рецепти на десницата и начелно е проблематичен, примерите покажуваат дека не постои единствен веродостоен рецепт и дека десницата ги остварува успесите на сметка на различни социјално-економски комбинации.
Четвртиот и петтиот проблем се поврзани со класната структура на општествата и политиката и со самото тоа се поврзани. Да речеме дека четвртиот се однесува на хоризонталната, а петтиот на вертикалната димензија на класната структура. Во првиот проблем наведовме дека политичката концесија која ја подразбира оваа препорачана идеолошка комбинација претпоставува и воспоставување социјална хиерархија кај пониските класи. Работниците со поинаква боја на кожа и сексуалните малцинства се отпишани зашто нивните „партикуларни“ проблеми едноставно се товар кој нè одвлекува од важните прашања. Покрај признавањето на идеолошкиот пораз, оваа социјална хиерархија со себе влече и бројни организациски проблеми. Како да се воспостави солидарност во рамки на работничката класа ако постојат јасни хиерархии? А како без солидарност да се избориме за напредна економска политика? Со самото тоа што веќе не зборуваме за другите, идентитетски политики?
Мошне наивно, би ви рекле првите капиталисти кои низ историјата и тоа како знаеле да ги искористуваат меѓунационалните и родовите разлики на работничката класа за да придонесат за поделби и да го ослабат синдикалното движење. И тука доаѓаме до петтиот проблем. Очигледно, оваа идеолошка комбинација едноставно ги заборавила најмоќните кои го диктираат ритамот на економијата и политиката, а тоа е капиталистичката класа. Ако заборават, тогаш останува впечатокот дека економските политики ќе се променат сами по себе, со реторичка отстапка на левицата, и дека нив никој нема да ги праша ништо. Или дека ќе ги прифатат сите барања ако ги прашаат на следниот начин: добар ден, ние сме новата левица, нормални, обични луѓе, веќе не се занимаваме со идентитети и фикции, може ли да ни ги зголемите платите, а себеси да си ги зголемите даноците?
Кој живее во фикционален свет, пресудете сами.
Превод: Алек Кузмановски
Слики: Sandy Skoglund
Извор: https://www.bilten.org/