Мајки тигрици и мајки маченца

17.02.2011 12:10
Мајки тигрици и мајки маченца

Пред многу години, со сопругата и трите ќерки се возевме, кога едната од нив наеднаш праша: „Дали попрво би биле паметни или среќни?“. Се сетив на тој миг кога минатиот месец во Wall Street Journal го прочитав текстот на Ејми Чуа, „Зошто кинеските мајки се супериорни“, кој поттикна речиси 4000 луѓе да испратат коментари на интернет страницата на весникот, а својот став го изразија и над 100 000 корисници на Фејсбук. Споменатиот текст е напишан со цел промовирање на книгата на Чуа, „Борбениот повик за тигровата мајка“, која стана најпродавана веднаш по своето објавување.

Чуа тврди дека постои поголема веројатност кинеските деца да бидат поуспешни од американските поради нивните „мајки-тигрици“, додека мајките од Запад се „мачиња“ или нешто полошо. Чуа никогаш не им дозволувала на своите ќерки да гледаат телевизија, да играат компјутерски игри, да спијат кај другарките, ниту да глумат во училишна претстава. Тие биле принудени секојдневно со часови да вежбаат свирење на клавир или виолина. Од нив се очекувало да бидат најдобри по сите предмети освен гимнастика и драма.

Според неа, кинеските мајки веруваат дека на децата веќе после својата втора година треба отворено да им се приговара кога не ги исполнуваат високите стандарди на родителите. Чуа нагласува дека познава мајки од Кореја, Индија, Јамајка, Ирска и Гана кои се „Кинески“ според пристапот, како и одредени кинески мајки кои не се тоа. Исто така, децата би требале да имаат силно его за да ги прифаќаат критиките.

Но Чуа, која како и својот сопруг предава на американскиот универзитет Јејл, живее во култура каде што самопочитта кај децата се смета за толку кревка што детските спортски тимови им даваат награди за „најскапоцен играч“ на сите членови. Затоа, не чуди податокот дека многу Американци се ужаснати од начинот на кој ги воспитувала децата.

Еден од проблемите во оценувањето на пристапот на „мајките-тигрици“ се однесува на фактот дека нивните ставови се условени од гените кои родителите ги пренесуваат на децата. Доколку сакате вашите деца да бидат најдобри во одделението, лесно ќе ја остварите целта ако вие и вашиот партнер поседувате интелектуални способности благодарение на кои би можеле да станете професори на престижните универзитети. Колку и да се труди „мајката-тигрица“, секој ученик не е во состојба да биде најдобриот во својата генерација освен, се разбира, ако не ги прогласиме сите нив за најдобри.

Методите кои ги применуваат „родителите-тигри“ се засноваат на поттикнување на децата на најдобар начин да ги развијат повеќето свои способности, поради што се стекнува впечатокот дека при изборот „памет или среќа“ предност му се дава на првото начело. Истото мислење го застапува и Бети Минг Лиу, кој во реакцијата на текстот на Чуа напиша: „Токму поради родителите како Ејми Чуа мајките од азиско потекло кои живеат во САД посетуваат психијатри“. Исто така, Стенли Сју, професор по психологија на универзитетот Калифорнија, ги проучувал самоубиствата кои се посебно чести кај таквите жени, за разлика од другите етнички групи, каде што стапката на самоубиства е поголема кај мажите. Тој верува дека притисокот кој го наметнува семејството претставува значаен фактор.

Чуа на ваквите критики би одговорила дека големите достигнувања носат големо задоволство, и дека таквите цели можат да се остварат само со напорен труд. Можеби ова гледиште е точно, но останува прашањето – зарем не би требало да ги поттикнуваме децата да прават одредени активности зашто самите ги увидуваат нивните вредности, а не поради стравот од критиката?

Во одредена мера се согласувам со Чуа – двоумењето да му кажете на детето на кој начин би требало да постапи може да отиде предалеку. Една од моите ќерки, која има деца, ми раскажа многу интересни приказни за методите кои нејзините пријатели ги применуваат во воспитувањето на децата. На пример, некои родители ја отпишале ќерката од три различни дневни престои бидејќи таа не сакала да го поминува времето таму. Исто така, други родители толку веруваат во „учење по сопствена волја“ што една вечер заминале на спиење во 11 часот навечер, оставајќи ја 5-годишната ќерка да ги гледа омилените цртани филмови.

Пред сè, треба да се стремиме нашите деца да станат добри луѓе, и да живеат во склад со етичките вредности, што подразбира и грижа за другите луѓе. Таквиот пристап кон родителството не се коси со среќата. Тигрите живеат самотнички, освен женките кои се грижат за младенчињата. Спротивно од тоа, ние сме друштвени животни и како слониците не сме сосредоточени само на добробитта на своето потомство. Тие животни ги штитат и се грижат за сите младенчиња во стадото.

Извор: online.wsj.com

Илустрација: Ден Парк

ОкоБоли главаВицФото