Шаманска приказна од Ескимската книжевност

07.12.2023 14:49
Шаманска приказна од Ескимската книжевност

Дошол еднаш некој непријателски шаман по име Гутлих како дух од реката Кускоквим и сакал да го усмрти шаманот Ареја. Влегол во машката куќа, поминал право низ градите на Ареја и овој добил туберкулоза. Потоа неговиот дух се претворил во куче и излегол од машката куќа.

Тогаш Ареја одлучил да го убие кучешкиот човек. На помош го земал шаманот Ицакзухајули; влегле во машката куќа и пет луѓе од јужната страна на островот им пееле.

На тоа патување на духовите стигнале до Кускоквим. Таму среде патот стоела голема маѓепсана светилка, која ја чувале четири дабари и која требало да ги запали; неа ја наместил непријателскиот шаман. Двајцата поминале точно низ неа.

Тогаш стигнале до една замка, која исто така им ја поставил човекот куче, но успеале да поминат низ неа.

Потоа дошло големото куче. Тогаш нивните духови се претвориле во мали риби и испливале на другата страна.

Потоа патот им го попречила рибарска мрежа која имала очи на местата каде што била зацврстена, така што кучешкиот човек за малку не ги видел. Но, нивните духови успеале да го поминат и тоа, како што поминале и покрај една секира, која била жена на кучешкиот човек.

Најпосле, стигнале до домот на непријателскиот шаман. Сите камења, со кои била прицврстена прозорската кожа во горниот дел од рамките, биле животни. И неговата светилка стоела таму како дух на светилка. Тие не можеле ни да влезат во тоа игло.

Тогаш со магија постигнале жената во мислите да посака да зготви риби. Таа му ги донела рибите на својот маж и тој ги изел. Двајцата волшебници го набљудувале од влезот.

Одеднаш, Ареја веќе не го гледал Ицакзухајули. Тој заминал во машката куќа. На подот имало многу мали барички. Ицакзухајули го земал срцето на Гутлих. Ареја со секира ја искршил светилката.

Со себе го имале и Ајугеја, виножитото кое на шаманите им служело како лак. Ареја тргнал дома по подземен пат, Ицакзухајули полетал кон небото како птица, носејќи го срцето во клунот.

Го испуштил среде островот Нунивак за да падне во езерото Нануацих, кое лежи на ридот.

И, шаманот Гутлих умрел таа пролет.

Нека сите мои грешки се упатат на своето место, не правејќи многу врева притоа.

Илустрации: Jüri Arrak - Panga-Rehe Jutud (1975)

Избор и превод: П. В.

ОкоБоли главаВицФото