Пластиката ја труе Африка

08.12.2023 00:28
Пластиката ја труе Африка

Пластичниот отпад се натрупува во африканските земји побрзо од која било област во светот, покажа новиот извештај на британската орагнизација Tearfund. Ако натрупувањето продолжи со ист интензитет, се предвидува дека субсахарска Африка ќе произведува 116 милиони тони пластичен отпад годишно го 2060 година, што е шестпати повеќе од 18-те милиони тони отпад произведен во 2019 година.

Главен двигател за порастот на потрошувачката на пластика во субсахарска Африка, каде 70 проценти од населението е помладо од 30 години, е побарувачката за возила и други производи кои се ценовно попристапни зашто содржат пластика. Голем проблем е и масовното користење пластична амбалажа, која по користењето се пали и фрла. Во извештајот на Tearfund се истакнува дека луѓето кои живеат во таканаречените земји во развој и собирачите на отпад несразмерно го носат товарот на влијанието од загадувањето на средината и здравјето со пластика. Здравјето на луѓето ширум Африка секојдневно страда заради загадувањето со пластика и непостоењето глобална регулација.

Ако продолжат сегашните трендови се предвидува и дека употребата на пластиката во целиот свет ќе се зголеми речиси трикратно до 2060 година. Притоа, приближно половина од пластиката ќе заврши на отпади, а помалку од 20 проценти ќе се рециклира, што се наведува и во извештајот на Организацијата за економска соработка и развој за 2022 година. Организацијата одржа состанок на влади во Најроби во врска со договорот на ОН за борба против загадувањето со пластика.

Клучниот фокус се однесува на тоа дали треба еднострано и глобално да се одлучи за целите за ограничувањето на производството на пластика или државите сами да ги изберат своите цели и ограничувања. Во последната рунда преговори во Париз во мај годинава, САД, Саудиска Арабија, Индија и Кина се злагаа за договор во „париски стил“ со кој државите би имале слобода да ги одредуваат сопствените обврски, додека останатите, вклучувајќи ги африканските земји, преферираа цврсти глобални обврски. Целта е до крајот на 2024 година да се постигне формален договор.

Претставникот на собирачите на отпад во Кенија, Џон Чеја, во претходните рунди на преговорите истакна дека е нужно во договорот да бидат вградени работничките права на собирачите и собирачките на отпад, што е работа која во светот ја работат околу 20 милиони луѓе. Проблемот со загадувањето со пластика не може да се реши ако овие работници немаат достоинствени приходи и квалитетна здравствена заштита, повторуваше Чеја. Преговарачите во Најроби се повикани да се согласат со значајни намалувања на производството на пластика и да ги препознаат правата на собирачите на отпад, кои собираат 60 проценти од целата пластика која се рециклира глобално, и сето тоа да го стават во средиштето на договорот.

„Нултиот нацрт“ на договорот засега опфаќа многу различни перспективи и пристапи на претставниците на светските влади. Во делот на договорот кој се однесува на производството на чиста пластика, нацртот наведува три можности како чекори кон намалување на натрупувањето таков вид пластика. Првата ја вклучува глобално договорената цел за намалување (слично на Монтреалскиот протокол). Втората ги вклучува глобалните цели за намалување на производството, со национално одредени ограничувања (слично на Парискиот договор). Третата вклучува национално одредени цели и ограничувања. Активистите предупредуваат дека нацртот сè уште е недоволно „инспиративен“, односно дека е уште еден во низата климатски договори со кои се фингира промената на парадигмата, додека всушност сè продолжува по старо - business as usual.

Превод: Алек Кузмановски

Фотографии: Edward Burtynsky

Извор: https://portalnovosti.com/

ОкоБоли главаВицФото