Три ракописи во потесен избор за наградата „Новите!” 2023

11.12.2023 10:55
Три ракописи во потесен избор за наградата Новите! 2023

На осумнаесеттиот конкурс „Новите!”, за најдобар прозен дебитантски ракопис на македонски јазик распишан од издавачката куќа „Темплум”, годинава учествуваа 15 ракописи:

Андон Карлос Поп Чотров - Македонски снајперист
Богомолка 666 - Тесно
Валентина Петровска - Второто доаѓање на Џ.
Димитар Арнаудов - Варијации на просторно временската закривеност
Димитра Десановска - Сенка
Даница Ивановска Лепојевиќ - Една ноќ друга
Игор Раиден - Омнивалентност: Издигнување
Јосипа Ризанкоска - Писма до колепката на син ми
Кристијан Фидановски - Тука и таму
Маја Јовановска - Безизлез
Магдалена Николовска - Триптих
Славица Панева - Навигација по патот на мајчинството
Сања Трпковска - Реквием на тацна
Томе Липовски - Загрижувачки глетки
Христина Димоска – Интроверт

Дел од пристигнатите ракописи се напишани во духот на новите тенденции во литературата, преку метафорични концепти на перципирање на „флуидната модерност“.

Содржинската поставеност на ракописите опфаќа важни актуелни теми како што се : свесноста за еколошките проблеми, истакнувањето на етничките и сексуалните идентитети, заложбите за маргинализираните групации, нагласувањето на носталгичноста и дезориентираноста во заемните односи меѓу книжевните протагонисти, критика на човечката природа, со еден збор, теми блиски до нас и до нашето секојдневно живеење.

Во овој нов литературен бран, и покрај слабостите кои ги носи, не недостига свежината, оригиналноста, игривоста, хуморот, обидите за демиситификација на стварноста, жанровската разноликост.

Комисијата за доделување на наградата (Елена Митреска, Катерина Шекутковска и Наташа Атанасова) како најквалитетни ги издвои ракописите „Омнивалентност: Издигнување, „Загрижувачки глетки и „Реквием на тацна”. Во продолжение пренесуваме кратки образложенија за трите ракописи кои влегоа во најтесниот круг за наградата во 2023.

„Омнивалентност: Издигнување“ од Игор Раиден е научно-фантастичен роман, чие дејство се одвива во блиската иднина (2037 година). Планетата Земја и Земјаните се ставени во интергалактички контекст, при што доаѓаат до израз сите болни точки на нашето човештвои неговата примитивност. Се преиспитуваат опресивните закони на авторитарните владејачки структури на Земјата во функција на задржување или зголемување на својата моќ. Ова е роман со еколошки пораки, кој заговара една нова еволуција на човештвото. Еволуција кон солидарност, доверба и емпатија, искоренување на насилството, обединување за заеднички придобивки и, најважно, разбирање и прифаќање на секого со сета негова различност. А сè со цел остварување на максималниот потенцијал на секој човек како поединец и на целото човештво како заедница.

„Реквием на тацна“ од Сања Трпковска е роман чија структура е базирана на патувањето на една шолја за кафе или чај, која во текот на својот живот менува многу сопственици, односно тие ја менуваат неа. Со патувањето на шолјата, која е и главниот раскажувач на приказната, читателот како преку скриена камера ѕирка и патува низ приказните на нејзините сопственици и нивните домови, ги гледа нивните навики и ги слуша нивните трачеви, сочувствува со нивните страдања и се радува на нивните мали радости, истовремено следејќи ги и општествено-политичките случувања низ државите на Југославија, во годините на нејзиното распаѓање.

„Загрижувачки глетки“ од Томе Липовски е збирка кратки раскази и минијатури, кои се карактеризираат со една палава заиграност, игри на зборови и завршници базирани на ефектот на изненадување. Во манир на Хармс, Кафка или целосно автентично, Липовски секојдневните ситуации кои ни се познати на сите ги зачинува со магијата на чудното и чудесното и од нив прави фантастични раскази. Во овој свет, каде што владее целосна рамноправност меѓу луѓето и животните, предметите и нештата, појавите и емоциите, необичната реалност што ја креира Липовски на моменти личи на на басна, на моменти на бајка, но во секој случај на реалност што загрижува.

Доделувањето на наградата „Новите!“ за 2023 година ќе се случи на 27 декември, среда, 12 часот, во Бруталиск, во рамките на малиот Темплум новогодишен саем на книги.

Ексклузивен покровител на наградата„Новите!“ е Комерцијална банка АД Скопје.

 

ОкоБоли главаВицФото