1016 hPa
75 %

3 °C
Скопје - Пон, 17.02.2025 04:59
Годинава жирито на наградата „Новите!” (состав: Елена Митреска, Катерина Шекутковска и Наташа Атанасова ) како кандидати кои влегуваат во потесниот круг за најдобар дебитантски прозен ракопис ги издвои следниве три автор(к)и: Игор Раиден, Сања Трпковска и Томе Липовски.
Добитникот на наградата ќе биде прогласен на 27 декември, во 12 часот, во Бруталиск, во рамки на Малиот новогодишен саем на книга. Ексклузивен покровител на наградата „Новите!” е Комерцијална банка АД Скопје.
Во продолжение пренесуваме извадоци од најдобро оценетите три ракописи: „Омнивалентност: Издигнување” од Игор Раиден, „Реквием на тацна”од Сања Трпковска и „Загрижувачки глетки” од Томе Липовски.
Игор Раиден - „Омнивалентност: Издигнување”
Пред нив беше Апотеозата Ашимба, олицетворението на Вистината, еден најнапредните причинско-последични алгоритми кога било создадени. Дело на самите Вали. Ашимба се користеше за добивање точни информации од минатото врз основа на збир од варијабли, но и за предвидување можни исходи врз основа на сегашни варијабли. Сепак, неговиот потенцијал беше уште поголем со правилна употреба. Беше крајно потценувачки да се нарече квантен компјутер. Немаше зборови со кои можеше да се опише опасноста доколку падне во погрешни раце.
Очигледно, трката на Рекшите за Апотеозите никогаш не заврши, помислија близнаците. Не ни сонуваа дека на Земјата ќе го оттргнат Ашимба од рацете на Рекшите.
„Ајде, генијалче, сакам да го видам,“ продолжи Терион.
Нериан телекинетички го отвори уредот според упатствата од анализаторот. Биоцелитите требаше да бидат истурени на специјална површина и да го изградат телото на вештачкото битие. Нериан потроши околу половина час. Не смееја да ризикуваат и да го отворат на сила. Конечно, биоцелитите се најдоа на мазната површина и сега требаше само да почекаат. Оптимизираните вештачки клетки ги прочитаа своите упатства и повлекоа енергија од површината, па започнаа со градбата.
Безобличната виолетова смеса почна да се гради нагоре. Ефикасно пиеше енергија од површината и растеше сѐ побрзо. Пред нив се појави вештачки организам со божествен изглед - чуден, андроген, хуманоиден, но и змејолик. Имаше мазни, бисерно бели крлушки кои постепено преминуваа во своевидни крилја, на кои виолетовата светлина изгледаше уште повеќе надреално. Крилјата бавно лебдеа над елегантниот грб. Изразот му беше сосема неутрален, а на телото немаше никакви карактеристики кои би означиле некаков пол. Змиските очи му беа целосно црни и сјајни. Погледот му беше ладен, но некако чудно смирувачки. Целото тело имаше бавна, блага модулација на светлината, од бисерен сјај, до темновиолетови тонови. Изгледаше поубаво од своите создатели.
Ги погледна и ги поздрави, но одеднаш застана.
„Околностите се надвор од калкулациите.“
„Што значи тоа?“ праша Нериан. Зошто Ашимба беше изненаден? Нели знаеше дека ќе се сретне со нив?
„Ова не е мојата оригинална временска линија,“ Ашимба погледна настрана.
„Молам?!“
Во тој момент влезе Рајан и го рече истото што и Нериан. Ашимба го поздрави - очигледно знаеше кој е, па продолжи: „Објаснувањето кое го барате е...“
Телото одеднаш почна да му се кочи, како да е во симулација која се расипува. Говорот го снема. Рајан се наежи. Во атмосферата имаше нешто толку одвратно, толку надмоќно, што веднаш го преплаши. И близнаците го почувствуваа тоа.
„Ашимба!“ му викна Терион. „Рестартирај се!“
Ашимба се обиде, но залудно. Успеаја околу него да видат некоја чудна портокалова светлина, но не беа доволно брзи да видат дека зад него се отвора портал. Ашимба беше грабнат од некого, а тие само видоа како порталот се изеде самиот себе на крајот. Немаа доволно време да реагираат, дури и со нивните нивоа на моќ. Терион 'ржеше од бес. Како можеше да знаат каде се наоѓа Ашимба, како и точното време кога ќе биде подготвен и достапен?
Ситуацијата беше грозна. Некој така да им се провлече низ прсти и дури и да не троши време да ги нападне... Само да го земе тоа што му треба и да ги остави со празни раце и глави полни прашања.
Сања Трпковска - „Реквием на тацна”
И кралица и бабица
Јас му бев свадбен подарок oд тетка му од Битола, сестра на мајка му. Бев бела шолјичка со мотиви од природа и златна линија, извадена од комплет на кинески порцелан за шест особи. Кутија донесена од Истанбул, пакувана во Задар, подарена во Скопје.
Изработка -Англија, сликан рачно. Само уште еден ваков сет имало во Скопје, во Гранд хотел, го ваделе само за високи гости. Тетка го кажуваше тоа на секое доаѓање.
Кога прв пат дознав за таа приказна ги замислував гостите како џинови, во чија една рака може да собере цел сервис на шолјички, и чајник, и чорбалук, и длабоки, и плитки чинии, и чинија за торта.
Мендух беше висок метро и осумдесет и пет. Стела беше повисока од него и затоа носеше ниски потпетици на свадбата.
Кога не бев на послужавникот, стоев во кафениот креденец во аголот од салонот. Тоа е моето прво место во овој дом, но и прво мое место во Тафталиџе. Никогаш не живеев во зградите од карши, само во куќите.
Кај Мендух дома ѝ припаѓав на старата.
Почнав со неа, со турско кафе, најмногу го сакаше потпечено, дома, секој ден, во два и пол. Само Стела ѝ вареше, а таа пиеше и пушеше цигара. Друг не сакаше да ѝ вари, не ѝ го погодуваа.
Кога ме вадеше Стела од креденецот, свекрва ѝ пушташе радио и слушаше музика. Сакаше забавно, најмногу странски шлагери, но и во домашните подеднакво уживаше. Зборуваше турски течно. Изговараше лесно и ги украсуваше речениците како да е таму родена.
На прв поглед
О, ѝ се допаднав на старата уште кога ги отвораа подароците синот и снаата.
Кога нè виде, стана и нè зеде сите шест шолји со тацни, нè одвои од сервисот за ручање и нè изнесе да не измие со студена вода во дворот. Беше лето, исто како ова. Нè избриша внимателно сите пет, а јас бев последна.
Ме бендисуваше долго време пред да ме одбере. Молчеше и со двете раце ме превртуваше. Газерот го ставаше на сонцето, да види да не има некоја силуета на жена во дното. Се израдува кога виде дека сум чисто бела внатре, едноставна. Мојот порцелан не беше претенок за одржување.
Свечено пресече лимон и стави малку сол на него, го стисна да излезе сок и ме помина најпрвин од внатре, потоа преку целата површина, потоа внимателно дното и на крај ја изгланца дршката. Ме одбра.
Од мене сјаеше нејзината широка насмевка со една златна пломба, отсликана врз мојот тиркизен бран нацртан од предната страна. Младата свекрва извади шамивче од појасот на сукњата и внимателно ме остави 5 минути да се печам на сонцето.
Ѝ ги паметам допирите, ме држеше цврсто, но не ме притискаше до гушење, така ми правеа само гостите, понекогаш. Но, јас за тие допири уште не знаев, бев тазе.
Уште еднаш ме изми со водата од чешмата во дворот и ме благослови на сонцето. Моите бранови се прелеваа врз лотусот. Беа длабоки и силни на самиот почеток, можеа да се прелеат и да го поплават цело Тафталиџе, да го прелијат Вардар.
Потоа сè стана историја. Со палецот и показалецот со години нежно ме придржуваше за да се израмни кајмакот од кафето. Го сркнуваше на неколку пати, во долги и елегантни голтки. Беше театрална и префинета во секое движење, беше вдовица.
Со секое допирање со усните, јазикот го држеше на долните непца, чекаше да падне некое немелено зрнце кафе на него за да го изгрицка. Имаше убави и здрави заби. Таква ѝ била коската, велеше.
Кафето во два и пол задолжително го пиеше сама, дури и ако имаше некој на гости. Никогаш не зборуваше, само слушаше музика, а кога беше помлада и танцуваше, често со цигарчето во рака.
Утринското кафе и беше „шетачко“, заминуваше да го пие со муабет. Не правеше разлика од сосед до роднина, секаде одеше. Многу ѝ се допаѓаа музичарите што живееја до нас. „Имаат добри души“, велеше за нив, „ќе им даде господ деца“.
За мене тој свет тогаш не постоеше. Кога некој од куќата ќе заминеше надвор - јас останував. Мојот свет почнуваше и завршуваше со креденецот, не знаев дека постои и нечиј туѓ. Веќе следниот ден, Стела, ме научи.
Не се простив од старата пред да одам. Од болеста постојано зборуваше неповрзани работи. Мендух и Стела останаа последните што ја разбираа. Добиваше напади и често викаше, таткото тогаш ги тераше децата надвор додека Стела да ја смири бабата.
Брат му ретко беше дома, работеше во градската печатница во две смени, играше карти и одеше на кино...
Денес спиеше во салонот пред телевизор, Мендух сака да го разбуди и заедно да отидат кај Ѓоко на риба, ако Стела уште еднаш го одбие.
„Уште ли шета оваа трудна курва тука?“, вресна старицата од горе, брат му скокна како попарен. Мендух го смири со раката, како што тоа секогаш го правеше од кога се родени и го стави прстот на уста.
Томе Липовски - „Загрижувачки глетки”
Сомчето
Глигор беше надалеку познат како страстен и успешен рибар. Особено на сом. И навистина, во Тиквешкото Езеро имало многу стари и големи сомови, а според легендата, најголемиот бил голем колку кит. И можеше да го проголта целото кајче заедно со рибарите во него. Но, Глигор сѐ уште не успеал да фати толкаво сомиште. Тој само сонуваше за него. И го сонуваше секоја вечер. Тоа беше повеќе кошмар отколку сон. Прво ќе ја видеше огромната сенка на сомот како одеднаш се издигнува од длабочините на езерото под кајчето, а потоа тој и кајчето ќе бидат фрлени високо во воздухот. Глигор ќе се разбудеше во исто време облеан во пот и силно треперење.
Едно убаво пролетно утро Глигор реши да го научи својот шестгодишен син како да лови крап. Запловија до заливот каде крапот гризе како луд. Додека Глигор се сврте да стави нова мамка на куката, нешто подолу удри во кајчето и го заниша. Малиот Гане се преврте и исчезна во длабочините на езерото. Кајчето нежно се нишаше на брановите некое време, а Глигор беспомошно и ужаснато гледаше како огромната сенка на стариот сом полека исчезнува од површината на езерото. Големиот сом поспано и полека се спушташе во најдлабокиот мрак на езерото, до своето омилено живеалиште под карпата, со детето во утробата. Откако се смести во својата дупка на дното на езерото, потона во длабок сон и почна да сонува за животот на малиот Гане.
Кога таткото се вратил на брегот по неуспешна потрага, го видел синот како фрла камчиња во водата. Таткото радосно го прегрнал малото синче и го однел дома.
И така поминале годините. Кога стариот сом спиел, Гане бил буден. Кога стариот сом бил буден, Гане спиел. Гане растел како од вода, нахранет од длабоките соништа на стариот сом. Од мало момче станал млад човек, а наскоро и возрасен. Тој не научил да чита или пишува, ниту да прави нешто корисно. Цел ден талкаше покрај брегот на езерото гледајќи во неговите сини води како да чека некого.
Неговата глава станала голема и масивна, надолжно сплескана и завршувајќи со широко отворена уста полна со ситни и остри заби. Над горната усна му израснаа два долги мустаќи, а под долната усна наместо брада уште четири мустаќи. Косата му се истенчила и на крајот целосно исчезнала, а лицето му пожолтело. Целото негово тело, иако издолжено, изгледало широко и набиено погледнато од напред, а малку срамнето кон задниот дел гледано од страна. Немал ниту едно влакно на телото, а кожата му била мрсна и леплива, може да се каже и лигава. Неговите очи беа поставени високо и прилично оддалечени, така што можел да гледа од страна без да ги поместува. Целото тело му станало сиво и било ишарано со потемни дамки на грбот и страните, додека стомакот му бил посветол, и во боја.
Сите го викале Сомчето. Селските деца фрлале по него со камења и лепешки. Девојките врескале од страв и ги затворале портите. Немал пријатели и никогаш не се оженил. Најмногу се хранел наутро и навечер, со живи риби, инсекти, дождовни црви, со сѐ што можел да улови во и околу езерото.
Гане некако пребрзо остарел. И одеднаш го зафатила некоја непозната болест. Едвај се движел на кратките нозе. Престанал да јаде, целосно ослабнал и паднал во кревет. Гледајќи дека болеста на неговиот син нема да се подобри, едно утро таткото станал во мугрите, додека Гане уште спиел, го оттурнал кајчето од брегот и ја започнал последната пресметка со старото сомиште.
Штом ја фрлил мамката, почувствувал дека нешто големо ја фатило и ја влечело. Сфатил дека тоа е тој, старото сомиште. Почнал да го влече кон кајчето, но не почувствувал отпор, како да ѝ се предал на судбината.
Стариот сом долго време чувствувал страшен замор кој ја надминувал неговата големина. Тој со тага заклучил дека животот од соништата, животот за кој сонувал е посуров од смртта. Кога Глигор го довлекол до кајчето, а тој бил двојно подолг од него, сфатил дека стариот сом е веќе мртов. Некако го одвлечкал до брегот и брзо истрчал дома да види дали Гане се разбудил. Отворајќи ја вратата, видел празен кревет.
Стрип кадри: George Carl Wilhelms - Crash Parker (1941)