1019 hPa
65 %

5 °C
Скопје - Вто, 18.03.2025 04:59
Од 137 лица кои станале милијардери во периодот од април 2022 до април годинава, 53 од нив наследиле богатство во вредност од вкупно 150,8 милијарди долари (119 милијарди фунти) од своите семејства, покажа извештајот на УБС (United Bank of Switzerland). Овој износ ги надминува 140,7 милијарди долари кои ги добиле останатите 84 „самосоздадени“ милијардери кои своето богатство го стекнале со претприемништво. Според УБС, ова е првпат во деветгодишната историја за известувањето за богатството на најбогатите 0,00004 проценти од општеството „следната генерација милијардери да акумулирала повеќе богатство преку наследство отколку преку претприемништво.“
Бенџамин Кавали од UBS Global Wealth Management рече: „Очекуваме ова да се интензивира во следните 20 години, кога повеќе од 1 000 милијардери на своите деца ќе им ги проследат проценетите 5,2 билиони долари.“ Во извештајот се наведува дека „растечкото значење на ова семејство може да се види во сите поголеми географски региони“. Во Азиско-пацифичкиот регион просечното богатство на наследниците изнесувало 2 милијарди долари во споредба со 1,6 милијарди долари на претприемачите. Во Европа, Блискиот исток и Африка (ЕМЕА) разликите се уште поголеми: просечното богатство на наследниците изнесува 4,4 милијарди долари - двапати повеќе од 2,2 милијарди долари на претприемачите.
Севкупно, бројот на милијардери ширум светот во периодот помеѓу април 2022 и април 2023 година се зголемил за 7 проценти, на 2 544, а нивното заедничко богатство се зголемило за 9 проценти, на 12 билиони долари, објави УБС. Во извештајот се наведува дека огромното богатство кое веќе е пренесено на следната генерација е „само врвот на ледениот брег“. Ова големо примопредавање на богатството се очекуваше долго, но изданието на извештајот за 2023 година покажува дека тоа е во тек и дека добива замав“.
Во извештајот се наведува дека во следните 20 до 30 години повеќе од 1 000 денешни милијардери на своите наследници веројатно ќе им пренесат повеќе од 5,2 милијарди долари. До таква проценка дошле со едноставно собирање на богатството на 1 023 милијардери кои денес имаат 70 или повеќе години. „Гледајќи долгорочно, исклучителното богатство произлезено од процветот на претприемачката активност од деведесеттите години постави темел за идните генерации семејства милијардери“, се наведува во извештајот.
Како што пишува Гардијан, извештајот е важен заради сè поизразената јавна расправа за улогата на даноците на наследство во финансирањето на јавните услуги и масовното осиромашување во актуелната криза на животните трошоци. Британскиот министер за финансии Џереми Хант беше под притисок на поединци од неговата партија да најави намалување на данокот за наследство, но сепак го остави непроменет на 40 проценти за недвижности кои вредат повеќе од 325 000 фунти. Данокот влијае на помалку од 4 проценти од најбогатите семејства во Велика Британија.
Ваквата врска помеѓу меѓугенерациското пренесување на богатството и општествената нееднаквост важи и за не-милијардерите и пред смртта на предците. Според анализата која ја направи Институтот за фискални студии, подароците и неформалните заеми кои семејствата им ги даваат на своите деца за венчавки и помош при купување недвижности, ја зголемуваат нееднаквоста кај миленијалските генерации. Притоа, децата на факултетски образованите родители кои поседуваат недвижности добиваат дури шест пати поголеми износи отколку децата на родителите кои имаат понизок степен на образование и живеат како подстанари. Извештајот покажа дека најбогатите (горните 20 проценти според висината на приходите) во раната возраст добивале 26 пати повеќе од своите врсници кои спаѓаат во 20-те проценти од најсиромашните. Финансиската помош во просек изнесува 6 300 фунти (7 167 евра) за најбогатите, во споредба со 240 фунти (273 евра) за најсиромашните. Извештајот исто така идентификуваше родов тренд, односно поголема веројатност дека жените ќе добиваат подароци од родителите во младата доба во споредба со мажите.
Анализата на меѓугенерациските трансфери на богатството покажува и дека приближно половината од парите кои ги добиваат младите се наменети за купување недвижности или уредување на домовите, на што просечно се трошат 20 000 фунти од родителската поддршка. Од друга страна, децата на семејствата кои спаѓаат во најмалку богатата третина од населението на Обединетото Кралство имаат релативно поголема веројатност дека ќе користат финансиски подароци за купување автомобили, отплата на долговите или плаќање на школувањето.
Превод: Алек Кузмановски
Слики: Rael San Fratello
Извор: https://www.bilten.org/