Иконите се враќаат дома – приказна за пријателството и отворените општества

19.12.2023 09:23
Иконите се враќаат дома – приказна за пријателството и отворените општества

 Во текот на целиот ден (15 декември 2023), имавме прилика, најпрво од Тирана, а подоцна и од Музејот на Македонија во Скопје, да го следиме патот до дома на дваесетте икони од струшкиот, охридскиот, дебарскиот и реканскиот крај. Овие икони, украдени од македонските цркви и манастири, вклучуваат и дела на прочуениот Дичо Зограф, претставник на дебарската школа, еден од најпознатите иконописци и фрескосликари на Балканот во 19-от век.

Во период кога Обединетото Кралство и Грција, ги доведоа дипломатските односи во незавидна положба заради делот од акрополскиот фриз, кој се наоѓа во Велика Британија, а за кој Грција бара да биде вратен онаму каде што припаѓа, Северна Македонија и Албанија, успеаја да создадат пријателски односи кои ја овозможија реституцијата (враќањето) на иконите.

Симболично предавање на македонските икони, министерките за култура на Северна Македонија и Албанија Бисера Костадиновска – Стојчевска и Елва Маргарити. Фотографија: Ангел Ангеловски

Иако, овде на Балканот како да навикнавме да бидеме оние кои примаат совети за создавање на добри меѓународни односи на глобално и регионално ниво, овој пат Македонија и Албанија одржаа лекција за тоа како соседни земји можат, како за инает на балканските стереотипи и предрасуди, да бидат искрено пријателски. Очигледно Западен Балкан, од темна дупка на работ на Европа, станува Отворен Балкан на отворени општества, кој може да му намигне и на британскиот премиер и да му покаже како се решаваат состојби поврзани со движното културно наследство.

По пристигнувањето во Скопје, Министерката за Култура Бисера Костадиновска – Стојчевска објасни каков ќе биде понатамошниот живот на овие икони: тие ќе поминат процес на конзервација и потоа ќе бидат изложени за пошироката јавност. „Тие претставуваат заштитено културно добро и ќе се погрижиме да го вратиме сјајот кој што го имаат за цела јавност да ги види”.

Фотографија:  Драгана Басекиќ

Иконите се македонско национално богатство, но во исто време се и во сопственост на МПЦ. Според Министерката, уште кај 37 икони е препознаено македонско потекло, а за 33 од нив веќе е испратена документација за нивно враќање. Таа додаде и дека процесот за нивно враќање веќе е познат и сега ќе биде многу побрз: „Иконите ќе се вратат во Музеј на Северна Македонија каде што повторно ќе го поминат процесот на конзервација и реставрација и ќе бидат изложени пред да ѝ бидат вратени на црквата, бидејќи таму припаѓаат. Сите икони ќе бидат вратени од каде што се украдени”.

Стручните музејски работници ги преземаа иконите веднаш по нивното пристигнување и следи преиод на нивна целосна заштита, конзервација и реставрација. Останува да се надеваме дека и МПЦ ќе се потруди иконите соодветно да бидат заштитени и чувани за да останат како вредност и за идните генерации.

Фотографија: Ангел Ангеловски

Извор: https://trn.mk 

ОкоБоли главаВицФото