1023 hPa
93 %
6 °C
Скопје - Пон, 02.12.2024 09:35
Вечерва, во Даут пашин амам, во 19:30 часот, ќе биде отворена изложба по повод деведесет години од раѓањето на македонскиот уметник Ристо Калчевски.
Одбележувајќи го 90-годишниот јубилеј од раѓањето на Ристо Калчевски (1933 – 1989), еден од најзначајните толкувачи на енформелната практика во македонската ликовна уметност, целта е интегрално презентирање на неговото богато творештво. Досегашните истражувања и анализи кои ги сумираме на едно место, односно неговото критичко и научно валоризирање како автор што оставил свој специфичен белег во одредени општествени услови, упатуваат дека Ристо Калчевски зазема исклучително место во развојот и афирмацијата на македонската современа уметност, оставајќи посебен белег и со долгогодишната педагошка дејност.
Дефинирајќи го како еден од најзначајните претставници на енформелот кај нас, неизбежен е краток осврт на еден од најзначајните светски сликарски правци по II светска војна. Во услови кога „сомнежот во рационалната организација на општеството и рационалните морални начела го заострува проблемот на човечката егзистенција, исто како што и концептот на добро организиран и среден хармоничен свет, заснован на „филозофски разум“ ја губи речиси секоја вредност“ (Л. Труфиновиħ, Сликарски правци XX века,Јединство, Приштина, Просвета, Београд, 1982), енформелот или апстрактниот експресионизам не претставува само сликарски правец, гледано во потесна смисла на зборот, туку и пошироко, движење кое опфаќа разнообразна сликарска пракса, тргнувајќи од сликарството на акција во САД, преку лирската апстракција во Франција, па сè до сликарството на материја.
Појавата на енформелот во Македонија (и тогашна СФРЈ), кон крајот на 50-тите и почетокот на 60-тите години од 20. век се случува со мало задоцнување ако ги погледнеме ваквите појави и тенденции во САД и Европа. Имено, како што забележува ликовниот критичар Л. Неделковска „...енформелот во Македонија, како и во Југославија се развива и го достигнува својот интензитет во периодот кога во Европа и САД се одвива процесот на неговото стабилизирање и конвенционализирање, односно процесот на неговото академизирање.“ [Л. Неделковска, Енформел: 1959-1966 (кратка историја на енформелното сликарство во Македонија, МСУ, Скопје, 2009]. Од историски аспект, неговата појава претставува клучна тенденција во ослободувањето, модернизацијата и развојот на современата македонска уметност по II светска војна.
Појавата на Ристо Калчевски се случува токму во еден период особено значаен за македонската ликовна сцена, средината на 50-тите години од минатиот век, односно во услови кога слободата на уметничкото творештво станува незапирлив процес во осовременувањето на ликовниот израз. Тој ѝ припаѓа на генерацијата ликовни уметници образувани на некои од југословенските ликовни академии. Уште во текот на студиите на Ликовната академија во Љубљана (во класата на Максим Седеј), примајќи сликарски поуки за поранешните уметнички тенденции, тој постепено се доближува до посткубизмот. „1955 е неофицијален датум кога тој започнува да го користи своето слободно време во создавањето на уметнички дела по свој вкус, и покрај тоа што се уште имал обврски на Академијата за ликовни уметности во Љубљана“ (М. Бочварова-Плавевска, Ристо Калчевски, МСУ, Скопје, 2001). За прв пат неговите дела биле изложени пред јавноста по дипломирањето во 1957 година, на една групна изложба во Прилеп. Критичката јавност овие дела ги дефинира како плод на синтетичкиот кубизам, во кои е евидентна „карактеристична скратена пиктурална еволуција“. Усогласените строги односи ги нагласуваат геометризирани линии кои ги обликуваат формите и плановите на предметите, елиминирајќи ја играта светло – сенка и валерските решенија.
Вистинскиот почеток на неговиот творечки развоен пат претставува вклучувањето во групата „Мугри“, во 1960/1961 година, соодветно на новите стилски тенденции во неговото творештво, при што асоцијативното го обликува појавното во сликата. Фигурата сè уште е присутна, не е наполно елиминирана. Но, третманот во обликувањето на површината укажува на тенденција на разградување на формата, многу повеќе отколку на нејзина конструкција. Притоа, палетата е минуциозно прочистена, а фактурата облагородена.
Првата самостојна изложба во 1961 година (заедно со Драгутин Аврамовски Гуте) го дефинира веќе неспорно како автор чие творештво му припаѓа на апстрактното сликарство. Карактеристичниот пиктурален третман во обликувањето на уметниковата визија за некои појави од реалноста врз платното укажуваат на неговото доближување до смирена лирска апстракција (периодот 1961/1962 година). Тој самиот ќе забележи „...платното... јас, така да кажам, го пробивам, не буквално, се разбира. Јас ја барам длабочината... Освен тоа, јас сум апсорбиран со светот на зреењето, гниењето, со проблемот на промените што ги донесува времето.“ (Л. Неделковска, Енформел…) Ваквите асоцијации, сугерирани токму од самиот автор, упатуваат на можноста од исчитување на „сликарската материја и нејзиното „разлевање“ на платното како еден вид метафорична замена на органската материја во нејзиниот динамизам, пулсирање, судрување и распаѓање.“ (Л. Неделковска, Енформел...). Овој особено плоден период за неговото „ликовно физиономирање“ (1961/1962) е со тенденција на облагородување на ликовниот медиум. Фактурата на сликата произлегува, пред сè, од пиктуралниот рафинман. Во отсуство на ригорозна архитектонска шема, авторот, преку деликатна обработка на избалансираните обоени површини, кои суптилно се прелеваат една во друга, на сликата ѝ ја враќа „индивидуалната сензибилност особено при изборот на одделни пасажи, произлезени како регистрација на средбата на боите во самиот процес на изработката на делото, чија екстатичност е контролирана.“ (М. Бочварова- Плавевска, Ристо…)
Во периодот 1963 – 1968 година, Калчевски создава творештво кое според своите карактеристики му припаѓа на т.н. апстрактен пејзажизам и/или апстрактен натурализам. Според Борис Петковски, делата настанати во овој период ја задржуваат „основната внатрешна движечка потенција“, обликувајќи притоа своевидна имагинарна геологија, карактеристичен имагинарен простор како асоцијација на природата. Основен белег на оваа творечка фаза е проширување на сликарскиот медиум со внесување несликарски материјали. Наспроти поранешната мазна фактура, мошне умешно од технолошки аспект, Калчевски сега внесува и други материјали во маслената паста на боите. На тој начин постигнува силно нагласена пастуозност која предизвикува релјефност на површината на сликата. Следниот чекор (1964/1965) е парцелизирање на сликата на површини чија разновидна колористичка функција се нагласува со јасно релјефно одвојување на една од друга. Кон крајот на 60-тите (1967/1968) се отвора кон нови „естетски хоризонти“ преку хомогенизирање на површината, која сега е расчленета со неколку паралелно поставени слоеви на дрвени плочи, разновидно профилирани и обоени. Ваквото парцелизирање на површината на сликата го постигнува со густи слоеви боја кои содржат релјефни додатоци.
По 1968 година (околу 1970), Калчевски работи на т.н. слики објекти, малку познати или воопшто непознати за македонската јавност. Овие исклучително интересни примери во суштина го следат веќе воспоставениот принцип на парцелизирање на површината. Во врска со ова, ликовниот критичар М. Бочварова констатира дека во соодносот меѓу пиктуралното и предметното во сликата, во овој случај, авторот во втор план ја става бојата. Притоа, не само што акцентот е ставен на употребата на пластичните елементи, кои го потиснуваат пиктуралниот момент, туку даваат и поинаква димензија на ликовното кон димензија на „скулптуралното“ или „објектното“.
Периодот на 70-тите години (1972 – 1980), според ликовниот критичар Соња Абаџиева, го дефинираат две можности во пристапот кон разрешување на апстрактното во уметничкото дело на Калчевски. Едната е врзана со постапно укинување на предметното во сликата и негово сведување на „чист однос на боја и облик“, што се доведува во релација со апстрактниот натурализам, додека втората солуција е да се афирмира чисто пластичен концепт од самиот почеток, кое, пак, може да се доведе во врска со „своевиден концептуализам во апстрактното“.
Внимателното следење на неговото творештво укажува на паралелна егзистенција на овие две можности, на двата света „кои комуницираат преку хармонични односи“. Оттука, во делата на Калчевски создадени во периодот 1975 – 1978, водејќи се по првиот принцип, врската со реалноста сè уште не исчезнала. Тие составуваат колаж од богати хроматски плохи кои алудираат на одредени пејзажни панорами, при што бојата станува супституција на поимот (умбрата ја заменува земјата, сината водата или космосот, сивата каменот, зелената полето или шумата, црвената внатрешната енергија итн.). Истиот принцип на проширена асоцијација во апстрактното го применува и во структурата, при што коегзистирањето на мазните и рапавите површини укажува на разорување на површината, асоцирајќи на одредени процеси и трансформации во материјата (набирање, расцепување, виткање, кршење, делење и сл.).
Кон крајот на 70-тите, неговиот ликовен ракопис се смирува. Контрастот на боите го заменува со тонска градација, преку меко ткаење на фактурата со истородни и еднаквозначни елементи чие движење, всушност, ја креира формата на просторот со тенденција да излезе од рамката на сликата. Тогашната ликовна критика, врз основа на тонската градација на бојата во енформелниот пристап, од една страна, како и суптилните релјефни структури на материјата, од друга страна, творештвото на Калчевски го сместува во рамките на француската лирска апстракција (Базен, Сенжие, Зао Ву Ки, Мансје итн.).
Последните негови остварувања, пред крајот на неговиот живот, од крајот на 80-тите години, само навидум, забележува М. Бочварова, отскокнуваат во однос на неговите претходни ликовни размислувања. За нив е карактеристичен педантен рафинман, грижливо нијансирање на тоновите кои се поставени дводимензионално, преку збрчкани и наслоени парцели, во кои авторот истовремено воведува и разновидни цртачки или колажни интервенции. Тие се надоврзуваат на почетоците во неговото творештво, реинкарнирајќи ги првите лирски моменти во неговите последни остварувања.
Колористичката експресија е примарна наспроти композицијата и структурата кои се редуцирани, иако некогаш густо пастуозно нанесената боја до состојба на релјефност укажува на потребата да се задоволи елементот на пластичност во ликовното дело. За Калчевски бојата е ликовен знак, но таа има и свои пиктурални особености, со што ѝ дава значење со феноменолошки карактер. Тоновите ги комбинира во „за него прифатливи законитости на правила произлезени од физичко-перцептивните својства на боите, но и од кодовите на појмовно осмислено структурирање на боите.“ (М. Бочварова-Плавевска, Ристо…)
Понатаму Бочварова забележува дека неговите слики се апстрактни, но без видлива агресивност. Тие содржат извесна нежност, како резултат на нијансирањето на монохромните површини. Забележливо е дека кај Калчевски сликата е резултат на „умерена автоматска постапка и аналитички аспект“. Ваквиот став е резултат на пристапот кон сликата како аналитички процес кој опфаќа расчленување на исти или различни сликовни полиња и нивно поврзување во целина. Следејќи го распонот на ликовната мисла на Ристо Калчевски, можеме да заклучиме дека неговото творештво има сопствен специфичен контекст во развојот на македонската ликовна мисла, контекст кој и денес сè уште предизвикува нови, севкупно и одделно, продлабочени слоеви на исчитување.