Промоција на „Илина и шумските тролови” од Хана Корнети

22.12.2023 11:34
Промоција на „Илина и шумските тролови” од Хана Корнети

Во сабота, 23 декември, во 12 часот, во кафе бар „Вудсток” (на раскрсницата помеѓу Теодосиј Гологанов и Рузвелтова), ќе се одржи промоција на книгата „Илина и шумските тролови” на авторката Хана Корнети, во издание на издавачката куќа „Или-Или”.

„Не сакам, не сакам, не сакам во недела сабајле да ме влечкаат по гости. Недела сабајле е за цртани и корнфлекс. За будење пред мама и тато да станат и да ми се мешаат во живот. За јадење чоколадо од скришната фиока за која мислат дека не знам. За седење на праз-зеленото килимче од баба пред мама да рече ‘не е чистено, не седи на земја’ и да ми расипе филм. И кога чистат не било чистено, а цело време некој чисти. Преку глава”.

Вака некако почнува авантурата на Илина – со упропастени неделни планови. Овој почеток на нејзината приказна е доказ дека ако еднаш дозволиш да ти се мешаат – тие, сите тие други – нема крај! Бидејќи после оваа недела, Илина е вовлечена во низа авантури: отскаменување тролови од лоша вештерка, дешифрирање на тврдоглава книга, расправање со таканаречени гатачки, мазење мистериозни бели мачори – накратко речено, бркање соништа...
...бидејќи соништата се важни.

Од соништата на Хана Корнети произлезе и оваа приказна.
Промотерки на овој роман за големи и мали деца ќе бидат Ана Алексовска и Ника Ќулавковска, а тимот на „Вудсток” ќе им нуди специјални (безалкохолни) коктели на најмладите посетители.

ОкоБоли главаВицФото