Цензура на солидарноста

22.12.2023 13:36
Цензура на солидарноста

Саемот на книги во Франкфурт ја откажа наградата на Аданија Шибли, писателка и есеистка со палестинско потекло, поради „војната што ја започна Хамас“. Еден културен центар во Берлин е одбиен за финансирање и ќе биде затворен откако ќе биде домаќин на настанот на Еврејскиот глас за праведен мир на Блискиот Исток. Франција ги забранува сите пропалестински демонстрации.

Мајкл Ајзен беше отпуштен од функцијата уредник на биомедицинското списание eLife поради ретвитирање на објава од сатиричната веб-страница Onion со наслов „Жителите на Газа на умирање критикувани зашто не го користеле последниот збор за да го осудат Хамас“. Дејвид Веласко, уредник на водечкото уметничко списание Artforum, беше отпуштен поради потпишување отворено писмо во кое повикува на „ослободување на Палестина... крај на убиствата и повредите на сите цивили и итен прекин на огнот“. Универзитетот Колумбија суспендираше две студентски организации, Студенти за правда во Палестина и Еврејски глас за мир. Хотелот Хилтон ја откажа конференцијата во Хјустон организирана од Американската кампања за палестинските права, по притисокот од Ортодоксната еврејска стопанска комора.

Во Британија министерката за наука Мишел Донелан бара јавна осуда на двајца професори за нивните ставови за Израел и конфликтот во Газа. Универзитетот во Ливерпул го откажа предавањето на британско-израелскиот историчар Ави Шлаим во кое тој требаше да ја критикува израелската политика. Платформите на социјалните медиуми ја отстрануваат содржината или ги суспендираат профилите на палестинските активисти, новинари и медиумски сајтови. Инстаграм ја додава белешката „Палестинските терористи се борат за својата слобода“ во биографиите на палестинските корисници. (Тој подоцна се извини, наведувајќи грешка во машинскиот превод.)

Ова се само дел од случаите последниве два месеци во кои организации и поединци - вклучително и многу Евреи - беа откажани, забранети или отпуштени поради изразување солидарност со Палестинците. Имаше многу дискусии последниве години за „културата на откажување“, но овој бран на потиснување на говор кој се смета за недозволиво пропалестински е неверојатно интензивен. А сепак, оние кои беа најгласни за културата на откажување беа релативно тивки последниве недели, додека многумина од левицата кои ја поздравија цензурата на одвратните идеи сега гласно се противат на ограничувањето на слободата на говорот.

Обидите да се ограничи изразувањето солидарност со Палестинците можеби никаде не се толку жестоки како во Германија. „Во Берлин“, напиша неодамна филозофката и американска еврејка Сузан Најман, „зборот „апартхејд“ ќе ве отпушти побрзо отколку што би ве отпуштиле во Њујорк за погрден термин за Црнците.

Во 2019 година Најман, која е директорката на Форумот Ајнштајн во Потсдам, ја објави студијата Учиме од Германците, во која го спореди пристапот на Германија и САД во справувањето со мрачните аспекти на сопственото минато и ја пофали Германија за начинот на кој се справува со историја на нацизмот и холокаустот. Германија, тогаш веруваше Најман, постави „модел за другите земји кои се обидуваат да се соочат со своите гревови и да напишат поискрена верзија на својата историја“.

Четири години подоцна Најман се променила во срцето. Германија, тврди таа, усвоила премногу „формален пристап кон историската конфронтација“, додека ги третира Евреите „како сите да зборуваат со монолитен глас, засекогаш фиксиран на сопственото угнетување“. Најман заклучува: „Сега ми се чини дека најмногу што можеме да научиме од Германија е - предупредувањето“.

Од друга страна, странскиот дописник на Ди Цајт, Јерг Лау, ја оспори идејата дека односот кон Израел и цензурата на палестинските гласови се поврзани со обидот на Германија да се искупи за холокаустот, опишувајќи го како „опасна теорија на заговор“.

А сепак, вонреден е степенот до кој германските власти се обидоа да ги потиснат гласовите на Палестинците, и тоа предизвика протести од многу Евреи, не само од Сузан Најман. Друга германско-американска авторка, Дебора Фелдман, забележа дека само оние Евреи кои не го критикуваат Израел се сметаат за вистински Евреи. Откако долго време давав слични аргументи за перцепцијата на муслиманските заедници - дека либералните, секуларни муслимани кои го критикуваат исламот често се отфрлаат како „неавтентични“ - тоа е перспектива што добро ја разбирам. И Најман и Фелдман се потписници на отвореното писмо на германските Евреи - писатели, уметници и професори - во кое се осудува „вознемирувачкото задушување на граѓанскиот живот по неколкумесечното ужасно насилство во Израел и Палестина“.

Во Америка причините за потиснување на пропалестинските гласови се различни, но и таму многумина беа изненадени. „Размерите ме изненадија, како и интензитетот“, забележува Џеневив Лекиер, професорка по право на Универзитетот во Чикаго и водечки експерт за слобода на говор и уставно право на САД. Таа додава дека ова сега „изгледа како нов макартизам... вакво сузбивање на јавниот говор одамна не сме виделе“. Луѓето неуморно се отпуштаат не поради „промовирање насилство“, туку поради „повикување на прекин на огнот“ и „критика кон Израел“. Значењето на „говорот на омраза“, тврди Лекиер, е проширено „за да го вклучи говорот што според мене е сосема легитимен, честопати и говорот за мир“. Тоа е обид да се прецртаат моралните граници околу она што се смета за прифатливо, и да се делегитимираат палестинските перспективи.

Во овој контекст, Британија беше релативно либерална, што е можеби изненадувачки. Поновите закони, како што се Законот за јавен ред и Законот за полиција, криминал, казнување и судови, во голема мера ја проширија способноста на властите да ги криминализираат протестите. Сепак, полицијата релативно благо се справи со демонстрациите за конфликтот во Газа, дури и кога тие беа под силен политички притисок.

Делови од левицата покажаа искривена проценка по нападите на 7 октомври, при што некои го прославија дивјаштвото на Хамас како „отпор“ и ја доведуваа во прашање веродостојноста на тврдењата за силување, преминувајќи ја границата меѓу поддршката за палестинските права и поттикнувањето антиеврејска омраза. Неопходно е да се оспорат таквите аргументи, да се спротивстави на антисемитизмот и да се отфрли Хамас, кој претставува закана не само за Евреите, туку и за Палестинците.

Меѓутоа, не може да се соочиме со антисемитизмот или да го отфрлиме Хамас со етикетирање на изразите на солидарност со палестинскиот народ како нелегитимни или со стеснување на просторот за дебата за праведна иднина и за Израелците и за Палестинците. Таквата цензура иронично ги отсликува аргументите на многумина од левицата последниве години, кои се обидоа да делегитимизираат одредени гледишта со проширување на границите на говорот на омраза и со преобликување на политичката дебата во морална смисла. И двата пристапа се во заблуда.

Како што варварството на нападот на Хамас не ја оправдува бруталноста на израелскиот напад врз Газа, така ни неразумноста на делови од левицата го оправдува задушувањето на политичкото застапување за правата на Палестинците. Цензурата не може да биде основа на правдата.

Превод: Н. Г.

Слики: Arghavan Khosravi

Извор за текстот: The Guardian, 03.12.2023.