1021 hPa
93 %
8 °C
Скопје - Нед, 13.10.2024 02:59
„Постои еден човек - Виктор Орбан - дали некој воопшто слушнал за него?“ праша Доналд Трамп на еден од своите неодамнешни собири, мислејќи на унгарскиот премиер. „Веројатно е еден од најмоќните лидери во светот. Тој е лидер на Турција.“
Лапсусот на Трамп предизвика потсмев, но на чуден начин беше во право. Амбициите на унгарскиот лидер досегнуваат многу подалеку од владеење со земја со 10 милиони луѓе. Орбан сака да биде лидер на новата Европа. Таа желба јасно се виде минатата недела во Брисел.
Пред самиот почеток на последниот самит на лидерите на ЕУ минатата недела, растеше загриженоста дека Орбан ќе стави вето на отворањето на пристапните преговори со Украина, иако би се согласил да гласа за буџетот на ЕУ, кој опфаќаше пакет со помош за Украина од 50 милијарди евра. На крајот се случи обратното.
По агресивниот испад против Киев, Орбан ја напушти просторијата во која се одлучуваше за проширувањето на ЕУ. Тоа му овозможи едногласност на Европскиот совет. Неколку часа подоцна, стави вето на усвојувањето на бараната буџетска поддршка за Украина.
Иако самитот беше уште една демонстрација за изолацијата на унгарскиот премиер, исто така покажа дека, иако Орбан повремено посакува да ја напушти просторијата, нема амбиција да излезе од ЕУ. А ако ЕУ не може да го реши својот проблем Орбан, се зголемува ризикот од понатамошна фрагментација и политичка парализа. Крајно време е европските лидери повторно да ја прочитаат историјата на распадот на Хабсбуршкото царство и клучната улога која ја одиграа Унгарците.
Европските лидери сега погрешно го толкуваат Орбан како што погрешно го толкуваа рускиот претседател Владимир Путин во 2022 година. Претпоставија дека тврдите позиции на Орбан во суштина се стратегија за преговарање - начин за извлекување повеќе пари од Брисел. Меѓутоа, сега не се работеше првенствено за пари, туку за идниот облик на ЕУ.
Орбан на 2024 година гледа како на револуционерен момент кога комбинацијата на факторите би можела да ја промени насоката на Европа. По деценијата со кризи, Европејците се деморализирани и недоверливи кон своите влади. Радикалната десница е во подем. Миграциите повторно се на врвот на политичката агенда. Неуспехот на украинската контраофанзифа ги поттикна сомнежите дека Киев ќе може да ја поврати територијата што ја окупираше Русија.
Унгарскиот премиер се надева дека ќе ја искористи кризата на лидерството во ЕУ. Неговиот трик изгледа рационален, зашто Урсула фон дер Лајен се приближува кон крајот на својот мандат како претседателка на Европската комисија, а Германија е парализирана од ригидноста на својата институционална култура. Во меѓувреме, францускиот претседател Емануел Макрон претрпе голем политички пораз кога неговиот закон за миграциите беше одбиен во парламентот. Кога станува збор за традиционално пресудните француско-германски односи, тие прераснаа во токсичен коктел на нервоза и депресија.
Вообичаено е политичарите да повторуваат одлуки кои претходно им донесувале успех. Орбановото противење на потенцијалното членство на Украина во ЕУ личи на неговата конфронтација со Брисел околу миграциите во 2015 година. Но овојпат стратегијата пропадна и тој сега е во поголема изолација од претходно. Се покажа погрешна претпоставката дека источноевропските лидери ќе се исплашат дека заради Украина ќе им бидат намалени фондовите, а дека оние од западна Европа ќе одбијат да интегрираат уште една голема земја од истокот.
Клучно е да се разберат причините за поразот на Орбан. Европските лидери сфаќаат дека блокирањето на патот на Украина кон ЕУ беше симболична победа за Путин. Само силни безбедносни гаранции и ветена европска иднина би можеле да ги убедат Украинците во одреден момент да прифатат територијални отстапки.
Парадоксално, фактот дека некои од орбановите идеолошки сојузници од десницата сега се во владата ја ослабна неговата позиција дека зборува во името на народот против елитите. Лидерите како италијанската премиерка Џорџа Мелони настојуваат да го зголемат своето влијание во ЕУ покажувајќи подготвеност да соработуваат со блокот, наместо да го парализираат.
Орбановите махинации се совпаднаа и со враќањето на Доналд Туск на местото премиер на Полска. Тоа е уште една лоша вест за Орбан. Присуството на Туск значи дека унгарскиот лидер веќе не може да тврди дека настапува во името на источна Европа, и го потсетува на сопствената политичка ранливост. Многу аналитичари во поразот на орбановите сојузници од партијата Право и правда на неодамнешните полски избори, гледаат и пораз на Орбан.
Во неодамна објавената книга за стратешките приоритети на унгарската влада, имењакот и близок советник на унгарскиот премиер, Балаж Орбан, омилената стратегија на Будимпешта ја опишува како „хусарски рез“. Историски, задачата на хусарите била први да тргнат во напад, вообичаено против многу посилен непријател. Нивниот успех, тврди Балаж Орбан, зависел од идеалните прилики за оваа тактика. Во спротивно, бројно надмоќниот непријател би ги сомлел. Токму тоа се случи во Брисел минатата недела. Но сè уште е нејасно дали неуспехот на „хусарскиот рез“ на Орбан беше привремен или траен.
Превод: Алек Кузмановски
Карикатури: Marian Kamensky
Извор: https://www.ft.com/