Раѓање на новиот Блиски исток

18.02.2011 10:55
Раѓање на новиот Блиски исток

Пред два века доаѓањето на Наполеон во Египет го навестило раѓањето на модерниот Блиски исток. Денес, речиси 90 години по пропаста на Отоманската империја, 50 години од окончувањето на колонијализмот и 8 години од почетокот на војната во Ирак, револуционерните протести во Каиро покажуваат дека може да се случи нов пресврт.

Се уриваат трите столба врз кои почива влијанието на Западот врз Блискиот исток – силното воено присуство, трговските врски и низата држави кои зависат од доларите. Како исход на тоа, Блискиот исток кој ќе се појави на сцената во наредните недели и месеци можеби ќе стане помалку подложен на влијанието на Западот.

Првиот столб – военото присуство – потекнува од времето на француската и британската окупација на делови од Отоманската империја по Првата светска војна, а е зајакнат со врските кои арапските држави ги воспоставија со САД и СССР за време на Студената војна. Во 1955 г. Западот беше дури доволно силен да ги привлече Турција, Ирак, Иран и Пакистан да пристапат во своевидниот западноазиски НАТО пакт, познат како Багдадски пакт.

Војната позната како Јом Кипур, која се случи 1973 г., претставуваше вистински пример за военото влијание на Западот и СССР. Египетската војска истрела чехословачки ракети со калибар 130 милиметри, додека сириските мигови се бореа со израелските „јастреби“ на небото над Голанската висорамнина. Но американското и советското влијание не беше ограничено само на воено поле, туку допираше и до воениот ланец на команда. Во блиското минато, воените постројки во Персискиот залив го штитеа снабдувањето со нафта за државите сојузнички во Студената војна и ги спречуваше Ирак на Садам Хусеин и Иран на ајатолахот Хомеини да воспостават контрола над наоѓалиштата со тој енергенс.

Сепак, тој воен столб беше постепено уриван. Едно до првите навестувања беше неуспехот на операцијата наречена Орелска канџа, започната со цел ослободување на заложниците во американската амбасада во Иран, 1980 г. Втората „пукнатина“ се појави во 1983, кога Хезболах ја нападна американската база во Бејрут, што претставуваше повод за ненадејно повлекување на американските војници од Либан. По инвазијата на Ирак во 2003, американските сили почнаа да ја напуштаат Саудиска Арабија и сфатија дека нивната деловна воена сила не мора да претставува предуслов за силно влијание на тој терен.

Вториот столб на кој почива улогата на Запад на Блискиот исток – трговските врски – исто така е ослабнат. САД во минатото им беа клучен трговски партнер на заливските земји, но ситуацијата се менува. Во 2009 г. Саудиска Арабија извезуваше 57% сирова нафта на Далечниот исток, а само 14% во САД, што е последица на одлуката на кралот Абдула од 2005 за придвижување на политиката „поглед кон Исток“.

Најпосле, САД повеќе немаат ланец релативно стабилни „клиенти“ во регионот. САД веруваа дека давањето помош на Египет, Израел и Јордан претставува гаранција за стабилноста и добрата соработка во остварувањето на американските интереси. Таквиот метод беше успешен во текот на триесетина години, но „алката“ ослабна.

Се стекнува впечаток дека Западот сè побрзо го губи влијанието, што недвосмислено покажува одлуката на Саудијците од 2003 да забранат поставување американски постројки на своја територија. Исто така, за време и на првиот и на вториот мандат, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху одби да ги следи упатствата на САД за израелско-палестинскиот мировен процес, а Катар ги засили врските со Сирија и Иран.

Кон сето тоа можеме да го додадеме револтот во Египет. Хосни Мубарак претставуваше клучен сојузник на Западот за Блискиот исток. Сега американско-египетскиот сојуз е во опасност, што подразбира дека американската политика кон целиот Блиски исток е под знак прашање.

Имајќи го предвид решението на трите столба врз кои почива стратегијата на Западот кон тој регион, се појавува новиот Блиски исток, чиј костур претставуваат силните трговски врски со Пацификот и воспоставувањето сојузи со повеќе големи сили, револуциите во северноафриканските држави, зајакнувањето на самодовербата на Турција, пркосот на Иран и дебаклот на Ирак. Затоа, Западот го изгуби стратешкиот терен на кој маневрираше без проблеми.

Даниел Корски е висок советник за политички прашања во Европскиот парламент, а Бен Џуда е аналитичар во Европскиот совет за меѓународни односи.

Извор: project-syndicate.org

ОкоБоли главаВицФото