1009 hPa
45 %
28 °C
Скопје - Пет, 11.10.2024 12:59
Во 2023 година излегоа интересни и провокативни албуми, кои докажуваат дека музиката е жива и здрава и во 2020-тите! Иако доминираше оживување на музиката од 1980-тите, сепак имаше и иновативни албуми од сите жанрови.
Добро познатите бендови, со кои растеа генерации (некогаш) млади, издадоа нови албуми, како Sleaford Mods, The Kills, Everything But the Girl, Belle and Sebastian, Blur, Depeche Mode, Feist, Foo Fighters, Gorillaz, The Hives, па дури и The Rolling Stones!… но, ние сепак ќе се осврнеме на некои други (не толку познати и посвежи) бендови.
Ова е наш избор за неколку најдобри албуми од различни жанрови кои ги слушавме во 2023 година (секако има уште, особено од македонската сцена, за комплетна листа видете тука) – без некој посебен редослед.
All Her Plans – Cable Ties
Последниот албум на Cable Ties, „All Her Plans“, е извонредно олицетворение на бунтовнички дух и сирова енергија, создадено од триото од Мелбурн, познато по нивниот храбар пост-панк звук. Објавен на 23 јуни 2023 година, овој албум е 35-минутно патување низ пејзаж на панк ривајвл, гаражен панк и алтернативен инди рок, снимен во Secret Location Sound Recorders. Да живеат Joy Division!
10,000 Gecs – 100 gecs
Бендот 100 gecs се дефинира како hyperpop дуо. Нивниот албум од 2023 година наречен 10,000 Gec е мешавина од многу жанрови, популарни денес и во минатото, а звучи како нивна какофонија и пародија. Интересен, забавен, критичен, интелектуален, површен, одличен! Од поп-музика, преку мамбл рап, ну-метал, хип-хоп, поп-панк, електро-ска и (не)балканска мешавина за сите вкусови.
(ITS) Integrated Tech Solutions – Aesop Rock
Сериозен олд-скул хип-хоп албум замислен како критика на технологијата и преиспитување на историјата, свртување кон природата и носталгија по минатите времиња, но воедно модерен со урбана атмосфера, ги преиспитува битните општествени прашања и расправа за менталното здравје, сѐ преку призмата на уметноста и креативното наследство. Вреди да се ислуша(ат зборовите).
Tracey Denim – Bar Italia
Интроспективен албум со елементи на пост-панк и инди рок. 15 песни кои ги истражуваат темите на врските. Сонлив гитарски звук, кој на моменти потсетува на Electrelane. Јасни мелодии, слоевити хармонии и солидна ритам-секција. Песните како “Punkt” и “Nurse!” имаат теми на носталгија и напнатост помеѓу минатото и сегашноста, а пренагласените гитари се натпреваруваат со мелодичниот звук. Албумот завршува со „maddington“, која наликува на „Reading, Writing and Arithmetic“ на The Sundays. Совршен албум за љубителите на инди култура од средината на 90-тите.
Shook – Algiers
Интересен експериментален албум од необичен бенд. Политички нијанси, антиколонијална историја, антикапиталистички стихови, праведен гнев, хиперсвесност и сензитивност за битните прашања. Баланс на темнината со светлина на заедницата, хаотична мешавина од госпел, рап и индустриски битови. Сурова, витална автентичност… и Зак де ла Роша!
Catherine Special (EP) – Slap Rash
Интересно деби EP кое ја опфаќа интензивната енергија и суровата моќ на дуото од Манчестер. Преку спој на бас, тапани и електроника, обезбедува моќно звучно искуство. Песните како „Photo Fit“ и „This Note Is Useless“ комбинираат динамични вокални изведби со енергични бас-линии, рефлектирајќи ги личните борби и општествените проблеми. Женска верзија на Sleaford Mods или на IDLES?
Aşk – Altın Gün
Можеби на македонската публика музиката на Altın Gün ќе ѝ звучи попознато и помалку егзотично отколку на светската публика, но овој спој на турската/анатолска музика со психоделичен рок е навистина одличен! Tриумфално оживување на анадолскиот фолк-рок од 1970-тите години. Енергичен, динамичен, успешно ги „имитира“ нивните настапи во живо. Песните како „Rakıya Su Katamam“ и „Canım Oy“ се богати со интензивни, огнени звуци, комбинирајќи го традиционалниот турски фолк со психоделичен звук. Употребата на опрема за снимање во духот на 1970-тите додава топла, автентична текстура, која потсетува на класична рок продукција. Емотивните длабочини, сонлива меланхолија, уникатен спој на историски и современи звуци.
Quaranta – Danny Brown
Rефлективен и зрел албум каде што раперот Danny Brown ги истражува темите на самоуништување и пронаоѓање смисла. Отстапување од претходните албуми, со интроспективни текстови и контемплативен тон. Музички слоевит и комплексен, со различни стилови, ги доловува личните борби на Браун и неговото патување кон исцелување.
Struggler – Genesis Owusu
„Struggler“ од Genesis Owusu живописно комбинира поп, рок и фанк, пркосејќи им на жанровските граници со енергичен и еклектичен звук. Необичен артист со необичен албум. Одлична инструментализација, по малку потсетува на Metronomy, но сепак е карактеристично уникатен. Емотивната длабочина на албумот е опиплива, осцилирајќи меѓу хип-хоп, звук од 1980-ти, но и пост-панк. Возбудливо и емотивно музичко патување.
Joy’all – Jenny Lewis
Aлбум кој ги испреплетува елементите на поп, рок и соул, одразувајќи зрела перспектива за сложеноста на животот. Албумот, главно напишан за време на работилница водена од Beck, ја прикажува Луис како модерна Стиви Никс, со песни кои потсетуваат на Fleetwood Mac од 1970-тите со посебна лирска специфичност. Атмосфера на класичен американски рок од седумдесеттите ја доловува интимноста на бендот и топлината на албумот.
Failure Not Success – Wild Billy Childish & CTMF
Апсурдно како кога Џими Хендрикс би свирел гаражен рок од 1950-тите со Иги Поп во 2023 година!
Why Does the Earth Give Us People to Love? – Kara Jackson
Музика која дефинитивно не припаѓа на денешното време – емотивна, моќна, бавна… Kara Jackson има длабок глас кој не ѝ одговара на годините (има само 23!), а во нејзината поезија одекнуваат вековите… Таа е американски национален младински поетски лауреат од 2019 и 2020 година, и нејзините песни се длабоки, но во нив има и хумор, како во песната „Dickhead Blues“. Вселенска гитара и авторитативен женски глас! „Why Does the Earth Give Us People to Love?“ е дебитен албум на Kara Jackson во indie folk жанрот, со примеса на џез и блуз. Вреди да се ислуша, почувствува и размисли.
Maps – Billy Woods and Kenny Segal
Еклектичен хип-хоп, потсеќа на олд-скул рап од 1990-тите. Кратки, моќни песни, поезијата (рапувањето) е во прв ред, а ритамот и мелодиите се чисти и јасни, без искршените модерни ритми или мамбл рапувањето. Албумот го прикажува патувањето како средба која често вклучува непријатност и изолација, но исто така има потенцијал за возбуда. Омотот на албумот е под влијание на стилот на прирачниците за безбедност во авионите. Возбудливо летање!
The Comeback Kid – Marnie Stern
За љубителите на класичниот експериментален рок и виртуози на гитарата – Marnie Stern е сѐ тоа во едно. Откачени песни, сложени, атипични и непарни ритмички структури. Има и елементи на пост-рок и храбри премини од еден во друг ритам, ќе се чувствувате како да сте на музичка рели патека од ешеровски димензии. Оставете ја Marnie Stern да ве вози!
Super Snõõper – Snooper
Во хардкор-панк стил за албумов ќе кажеме само – „забавен и бучен!“
Се разбира има уште многу интересни албуми, но за тоа друг пат, за годинава е доста!
Извор: https://arno.mk/