Среќно во Хаг

11.01.2024 01:09
Среќно во Хаг

Сите оние кои јасно гледаат дека продолжувањето на војната е бесмислено и дека размерите на масовното убивање и уништување во Газа се огромни и затоа сакаат да го запрат нечовечкото страдање на повеќе од два милиони луѓе - мораат да се надеваат, барем и потајно, дека Меѓународниот суд на правдата во Хаг во четврток ќе издаде наредба за прекин на огнот. Не му е лесно на Израелец да посака наредба против својата земја која може да доведе и до казнени мерки, но дали постои друг начин да се запре војната?

Не е лесно да се прифати дека вашата земја ќе ја тужи држава која знае нешто за неправедните и зли режими, а чиј основач бил морален пример за целиот свет. Не е лесно кога ќе ве обвини Јужноафриканската Република и тоа за геноцид кој наводно го сторила држава подигната на пепелот на најголемиот геноцид во историјата.

Повеќе не е можно да се потисне фактот дека Израел е под сомнеж за најтешки злосторства против човечноста и меѓународното право. Сега веќе не зборуваме за окупација: зборуваме за апартхејд, преселување, етничко чистење и геноцид. Има ли полошо од тоа? Не знам дали некоја друга држава е обвинета за сето тоа.

Не е можно да се поништат обвинувањата, дури ни со повикување на антисемитизам. Дури и дел од обвиненијата да се преувеличени или неосновани, рамнодушноста со која се зборува за нив во случајот, со вечното обвинување на оној што тужи, можеби е начин тие да се негираат или потиснат, но така не може да се исчисти името на Израел, и тоа секако не е пат кон излекување или поправање.

За три месеци се убиени повеќе од 20 000 луѓе, а меѓу нив илјадници деца и бебиња, целата област е целосно уништена, и сето тоа тука не предизвикува сомнеж за геноцид. Несфатливите изјави на клучни личности дека е нужно да се исчисти Газа од нејзините жители или тие да се елиминираат, даваат основа за тежок сомнеж во намерата да се спроведе етничко чистење. Израел заслужува да му се суди за двете.

Несомнено дека Израел не влезе во војна со намера на изврши геноцид, но и без првобитната намера го извршува на терен. Секој поминат ден со стотици убиени го зголемува сомнежот. Во Хаг ќе мораат да ја докажат првобитната намера и можеби нема да успеат во тоа. Дали тоа го ослободува Израел?

Сомнежот за постоење планови за етничко чистење, за кои сега нема да се дискутира, е уште пооснован. Таа намера е отворена и декларирана. Линијата на израелската одбрана, според која повеќето нејзини министри не ја претставуваат владата, е гротескна. Се сомневам дека некој ќе го сфати тоа сериозно. Ако трансферистот Бекалел Смортич не ја претставува владата, тогаш што бара во неа? Ако Бенјамин Нетанјаху не го разрешил Итамар Бен Гвир, тогаш како е можно како претседател на владата да не е виновен?

Но кај израелската јавност владее атмосфера која треба да нè вознемири повеќе од она што се случува во Хаг. Духот на времето се состои во широко распространетиот легитимитет за извршување воени злосторства. Етничкото чистење во Газа, а потоа и на Западниот брег е тема за која отворено се изнесуваат аргументи за и против, додека масовното убивање на жителите на Газа воопшто не се поставува како прашање во израелскиот дискурс.

Проблемот со Газа е создаден 1948 година. Го создаде Израел кога оттаму протера стотици илјади луѓе. Тоа несомнено беше етничко чистење на југот од земјата. Израел никогаш не презеде одговорност, а министрите сега повикуваат да се заврши работата во појасот Газа. Мачно е да се соочиме со прашањето за „денот потоа“ чија смисла е дека Израел ќе одлучува што ќе се случи во Газа. Тоа покажува дека духот од 1948-та година не умрел. Тоа е она што Израел го направи тогаш и сака да го повтори денес.

Меѓународниот суд на правдата во Хаг нека одлучи дали има доволна основа за обвинение за геноцид или други воени злосторства. Од аспект на совеста, одговорот е веќе даден.

Превод: Алек Кузмановски

Извор: https://www.haaretz.co.il/

ОкоБоли главаВицФото