Личната карта на Оливер Спасовски

17.01.2024 11:05
Личната карта на Оливер Спасовски

Презиме Спасовски, име Оливер, државјанство македонско, коса црта, граѓанин на Република Северна Македонија, пол машки, роден на 21 октомври 1976 година во Куманово, живее во Скопје. Ова е личната карта на првиот полицаец Оливер Спасовски, министерот за внатрешни кој „помогна“ половина милион Македонци сè уште да не можат да дојдат до нова лична карта, а оние што извадија, добија трауматски последици од „шталите“ каде што ги напика! Спасовски ќе остане запомнет меѓу луѓето како антиминистер, зашто им натовари обврска за чие исполнување не им обезбеди услови! И кој, згора на тоа, во очи ги излажа дека и услови има и документи навреме за секој ќе има!

Ако се услови да дојдеш пред пункт во ноќ за да фатиш ред пред да се раздени, да стоиш десет часа на нога, на отворено, на студ и убиствено загаден воздух, во куп ѓубре и пред две-три смрдливи кабини полни со измет, со стрес, со нервози и очај од понижувањето, без ред во толпа во која се туркаат и стари и изнемоштени и мајки со деца и болни и оперирани, тогаш и Спасовски е успешен министер, за каков што се фали деновиве по Вашингтон. Министерот колку што сака може себеси да се смета за успешен, ама граѓаните веќе масовно му покажуваат палец свртен надолу. Уа!

Државата го смени уставното име во 2019 година, кога со уставен закон утврди дека документите ќе важат пет години по што ќе мора да се сменат, но, поради изразените „способности“ на министерот за планирање и за менаџирање на вакви масовни операции, државата не обезбеди навреме обрасци со Северна, па дури до летото 2021 година издаваше лични карти и пасоши со името Република Македонија! Потоа, Собранието не успеа да го усогласи Законот за лична карта со Преспанскиот договор, па до денешен ден нема преодна и завршна одредба дека личните карти со старото уставно име ќе важат до 12 февруари 2024 година, како што има преодни и завршни одредби во законите за патни исправи и за безбедност во сообраќајот! Усогласувањето со Преспанскиот договор не помина оти власта сакаше во тој пакет да го пикне и усогласувањето со Законот за употреба на јазиците, па како резултат на тоа политикантство сега сме во процес кога на милион и пол луѓе министерот усно им ги поништува важечките лични карти на 12 февруари. Трето, остана необјаснето зошто граѓаните ги плаќаат новите поскапени документи, кога и експерти и Народниот правобранител укажаа дека државата треба да ги плати затоа што таа бара наново и предвреме да ги вадат! (Анти)министерот овие прашања полицајски ладно ги коментира дека таква била одлуката на Владата, ако била поинаква пак ќе се почитувала. Па, тој во која Влада е министер и зошто досега самиот не предложи државата да ја плаќа наметната обврска? На кој народ му служи ако не го есапи зборот на Народниот правобранител? За 50-те милиони евра ли што се очекуваат во државниот буџет масовно се понижуваат граѓаните? Четврто и комично, во неофицијалниот пречистен текст на Законот за лична карта објавен од МВР во 2022 година во образецот на документот под името на државата стои – Република Македонија!?

Понатаму, банките веќе најавија дека неистечените лични карти со името Република Македонија ќе важат на шалтерите и по 12 февруари, а ДИК најави дека без проблем ќе се гласа со таквите документи, ама Спасовски ниту после ова не излезе да им објасни на луѓето дека не мора да брзаат и да губат здравје чекајќи во калта што тој ја нарекува пункт.

Шесто, МВР ги укина шалтерите во објектот на МРТВ на кој се издаваат документите платени по итна постапка, па граѓаните кои дале екстра пари за да извадат пасош или лична карта по брза постапка се принудени да чекаат на истиот шалтер со оние кои вадат документи во редовна постапка, па излегува дека постапката е брза само во одлевањето на парите од нивниот џеб, а за сè останато е редовна, што значи никаква.

Воопшто и не е потребно да се повторува прашањето зошто сето ова не се среди на здрав и достоинствен начин со испраќање покана по пошта до секој граѓанин со термин само за подигање на новиот личен документ, без ново сликање, без метеж, кога МВР и онака ги има нашите податоци, отпечатоци од прстите и фотографии? Немаме ние таква среќа да имаме министер што ни служи, па нема ни потреба да се прашуваме кога Македонија ќе се приклучи на 21 век. За жал.

Слики: Gérard DuBois

Извор за текстот: Слободен печат

ОкоБоли главаВицФото