1019 hPa
65 %

5 °C
Скопје - Вто, 18.03.2025 04:59
„Птици во аквариум” е насловот на уникатната неодамна објавена книга од професорите Лидија Капушевска-Дракулевска и Влада Урошевиќ, во издание на „Полица“, со која се одбележуваат сто години по објавувањето на „Првиот манифест на надреализмот“.
„Книгата „Птици во аквариум: надреализам 1924 ‒ 2024” од Влада Урошевиќ и Лидија Капушевска-Дракулевска претставува сеопфатна аналитичка студија и преглед на генезата, развојот, теоријата, темите, техниките, митологијата и феномените на надреализмот. Освен тоа, оваа студија на исклучително акрибичен начин го анализира односот на надреализмот со некои други книжевни правци или жанрови (симболизмот и фантастиката, на пример) и други општествени активности (политиката).
Иако во центарот на вниманието се наоѓа францускиот надреализам, книгата содржи важен регионален аспект, донесувајќи темелен преглед на српскиот надреализам. Истовремено, оваа студија нуди панорама на распространувањето на надреализмот во голем број светски книжевности и култури, од англиската, шпанската, германската, американската, италијанската, чешката, романската, белгиската и другите европски книжевности, па сè до литературите во земјите од Латинска и Централна Америка и Јапонија. Она што е особено важно за нашата книжевна средина се двата есеи во кои се согледува односот на надреализмот и современата македонска поезија, како и надреалистичките постапки во современата македонска поезија.
Поради сето ова, „Птици во аквариум: надреализам 1924 ‒ 2024” не само што претставува едно од најцелосните толкувања на надреализмот, туку истовремено е и најтемелната студија за некој книжевен правец објавена кај нас” – стои во предговорот за книгата на Владимир Јанковсски.
Извор:https://polica.com.mk/