Младите Американци и Израел

23.01.2024 01:30
Младите Американци и Израел

По шокот што го доживеа Израел на 7 октомври следеше шок заради реакцијата на „глобалната левица“, особено американската. Како се случи наместо солидарност заради убиствaтa на невини граѓани на Израел, да избијат жестоки демонстрации против израелската влада и повици за моментален прекин на огнот? Зошто на оние кои секогаш беа за солидарност и мир, сега им беше тешко да сочувствуваат со израелското страдање?

Запрашаноста набрзо ја заменија обвинувања. Се зборува дека демонстрантите, главно млади, во најдобар случај се водени од незнаење или соголен антисемитизам. Дури и оние кои се вбројуваат во либералниот табор во Израел сметаат дека нема смисла да се слуша што зборуваат во моментов припадниците на американската левица и дека можеби дошло време за збогум.

Чувството на предавство е разбирливо, но Израелците сепак би требало да ги сослушаат демонстрантите, зашто нивната активност не е подбивно тролање, туку е заснована на формиран поглед на светот и судбоносно историско искуство кое го споделуваат со своите републикански врсници. Она што ја одреди положбата на новата генерација е 11 септември 2001-та година, без разлика дали самите го искусиле или растеле со трауми од војните кои следеа. Во налетот на бес и копнеж за освета заради смртта на неколку илјади невини луѓе, САД ги окупираа и уништија Ирак и Авганистан, ги срушија државната власт и цивилните организации во овие земји, разгореа граѓански војни во кои животите ги изгубија стотици илјади луѓе. Ако тоа не е доволна морална трагедија, овие војни се покажаа и како големо дипломатско и политичко промашување. Наместо стабилност и сигурност, окупацијата доведе до подем на ИСИС, јакнење на непријателските милиции во Ирак и враќање на Талибанците на власт во Авганистан.

За постарите Американци чиј поглед на свет се формирал во годините на студената војна, како што е претседателот Џо Бајден, овие војни претставуваат несреќа, но не повеќе од тоа. И за демократите и за републиканците, САД беа и останаа светилник на демократијата во непријателскиот свет. Затоа САД и нивните сојузници имаат право и обврска да продолжат да концентрираат голема војска во целиот свет, да се вмешуваат во локалните конфликти и да водат војни ширум светот како што им одговара. Помладите Американци кои пораснале во периодот на мир во деведесеттите години, рушењето на комунистичкиот блок, мировните договори на Блискиот исток и завршувањето на конфликтот во Северна Ирска, потешко се идентификуваат со идејата на САД во улога на светски полицаец. За нив, обновувањето на војните на Блискиот исток и Авганистан, како и американското вмешување, претставуваат катастрофа која ги слабее американската економија и општеството, додека го јакне опасниот популистички тренд.

За многу припадници на американската левица неограничената поддршка на САД за Израел претставува составен дел на оваа деконструктивна стратегија, која е тесно поврзана со републиканската реторика и милитантноста (особено на претседателот Џорџ Буш помладиот), трошење милијарди на оружје и војни во светот, додека граѓанското општество и инфраструктурата дома се запоставуваат. Од друга страна, американската десница по ерата на Буш премина во сепаратизам кој се граничи со национализам и без оглед на неговите мотиви е резултат на повикот за повлекување од светските конфликти. Реториката на Трамп беше крајно произраелска (во склад со претходните републикански администрации), но тој практично испраќаше помалку вооружени сили и помош од своите претходници.

Предупредувањето против повторување на грешките од минатото, мешањето во меѓународните конфликти по цена на американските пари и крв со лажни оправдувања, не е само барање на одродените интелектуалци или разгалените студенти кои живеат во стаклено ѕвоно. Не е во прашање ни антисемитизмот скриен под маската на поддршката за Палестина. Станува збор за доминантно расположение кое ја надминува партиската припадност и може да се најде меѓу младите припадници на работничката класа, членовите на синдикатите кои се важен столб на Демократската партија, како и меѓу синдикално неорганизираните работници кои се наклонети кон десницата. Ако претходните синдикалини лидери го поддржуваа Израел (дури купуваа израелски обврзници во знак на солидарност), припадниците на новата генерација, кои на сопствена кожа ја почувствуваа воената служба на Блискиот исток, чувствуваат бес заради инсистирањето да се продолжи по истиот пат кој доведе до воени катастрофи. Под нивно влијание, неколку големи и важни работнички синдикати во САД, предводени од синдикатот на работниците од машинската индустрија, се надоврзаа на осудата на насилството на Хамас и поддршката за моментален прекин на огнот. Барањето за воведување економски санкции и повлекување на инвестициите од Израел се само прашање на време.

Луѓето кои влијаат на јавното мислење и медиумите во Израел засега можат да го отфрлаат мислењето на помладите генерации како минлива бесмислица. САД и следните години ќе ги води генерацијата која негува симпатии кон Израел и е подготвена да ги игнорира започнатите војни во Ирак и Авганистан. Меѓутоа, одлучувањето долгорочно ќе го преземе помладата генерација, па и демократите и републиканците ќе почнат да ја обликуваат новата политика во склад со сопствениот поглед на светот. Денешната политика на Израел поставува темели за остра дипломатска конфронтација со нашиот најважен и најголем сојузник, чија автоматската подрршка веќе нема да се подразбира.

Превод: Алек Кузмановски

Карикатури: Sherif Arafa

Извор: https://www.haaretz.co.il/