Трите димензии на постоењето

24.01.2024 01:52
Тродимензионалноста на постоењето

Фамилија откорнати

 

Кон изложбата „Фамилија“ на скулпторот Синиша Новески, осврт на Коста Милков.

 

Тридимензионалноста на скулптурата е обврзувачка. Природата на медиумот бара од уметникот концептуализацијата да ја изведе не преку оптички илузии, туку во реален простор и со реален материјал како медиум за уметничкото дело. На овој начин уметникот добива поголема слобода, но е и повеќе ограничен. Самата гравитација и самиот простор бараат да бидат земени предвид. Тоа неминовно го наведува уметникот постојано да биде свесен за материјалниот свет околу себеси. Скулптурата носи симболика, семиотика и метафоричност. Како и секоја друга уметност може да биде проникната со разни правци без оглед дали се работи на пример, за модернизам или за надреализам. Но, пред сѐ, таа е материјална, физичка и тридимензионална.

Овие карактеристики на скулптурата се вклопени во делата на Синиша Новески. Тие не се само неизбежен дел на медиумот во кој уметникот создава. За него нема „случајни“ нужни карактеристики. Тие се однапред обмислени за да ја изразат идејата на темата на изложбата – фамилијата.

Фамилија дом

Во делото „Фамилија откорнати“ претставени се три фигури кои претставуваат мајка, татко и дете; физичката болка на секоја раселеност, на секое бегство, на секоја неправда, избива од композицијата. Бронзените бисти не стојат на пиедестал. Стојат врз штотуку откорнати корења. Лицата на мајката и на таткото се свртени едно кон друго, додека она на детето е со погледот некаде нагоре. Што би можело да значи ова? Прашален поглед меѓу родителите? Детето е во таков шок што не може да ги оттргне очите од опасноста што надоаѓа? Ова е тажен приказ на реалноста со која се соочувале и се соочуваат неброени семејства. Корењата наместо нозе сведочат дека никој не би си заминал од своето огниште.

„Откорнатоста“ го прогонува човештвото од неговите почетоци. Архетипот е запишан уште во првите поглавја на првата библиска книга кога се случува и првото братоубиство од Каин врз Абел. Последиците на ова крвопролевање се стравот на Каин дека отсега ќе биде „прогонет и скитник по земјата“. Тој му вели на Бог, „Значи, секој што ќе ме сретне, може да ме убие“ (Битие 4:14). На ова Бог одговара, „Тоа нема да се случи; зашто кој ќе го убие Каина, седумпати ќе се казни!“ И му стави Господ знак на Каин, за да не го убие никој, кој ќе го сретне“ (Битие 4:15). Бог уште со првото убиство предвидува дека кругот на насилството на човештвото може да му донесе само проклетство. Печатот на челото на Каин има за цел тоа да го спречи. За жал, ниту една генерација луѓе не одолеала да го почне или да го продолжи кругот на злосторствата. Меѓу луѓето не би смеело да има откорнати фамилии. За жал и ден денес луѓе со корења наместо нозе стојат прашално пред бесот кој надоаѓа за кој се нашол повод и изговор во некое минато злосторство, реално или фиктивно.

Фамилија мир

Печатот на Каин го носиме сите ние, но даваме сѐ од себе да го избришеме од челата на другите така земајќи си за право да им пресудиме. „Фамилија откорнати“ на Новески е трагичен потсетник дека додека човештвото колективно не реши да бара прошка и да даде прошка непрестајно ќе се „корнеме“ едни со други.

Ова треба да нѐ потсети дека фамилијата е пред сѐ дом, место каде што е безбедно да се биде ранлив и каде што раните се исцелуваат. Оваа композиција е статична на еден убав начин. Трите тела се компактни и полни. Оддаваат чувство на припаѓање и на прифаќање. Домот е на мал простор, но има место за сите. Има простор да се биде свој, а ете секој е секому на дофат на рака. Рацете не се претставени. Стилизираните фигури стојат извишено како во миг кога се зема здив пред да се направи определено наменско движење. Дали е ова миг на дочекување или на збогување? Го праќаат ли родителите своето дете на прв ден во училиште? Или пак, тоа се враќа за да им ги раскаже своите доживувања од тој прв ден? Што и да е, „стаменоста“ на скулптурите го доловува сеопштиот копнеж на човештвото за дом, за место каде што маските се излишни, а лицето го покажува она што е во срцето.

Липсан

Домот не е цел сам за себе. Тоа не е само физички простор кој нѐ штити од стихиите на светот. Тоа е пред сѐ состојба на умот и на срцето. Новески ја замислува оваа состојба преку композицијата „Фамилија мир“. Трите фигури се седнати една до друга. Извајани се така што од нив избива спокојство. Ова изгледа како вистинскиот мир. „Седнати“ на некаков ѕид ниедна од фигурите не изгледа дека треба да вложува напор за да одржи рамнотежа. Како да се во бестежинска состојба тие се опуштени и занесени во посветеноста еден на друг. Мајката и таткото се благо свртени еден кон друг и кон детето во средина. Ова не може да биде време на молк. Близината на мајка, татко и дете претпоставува разговор. Детето има безброј прашања и неограничена мечта. Не смее да има никаква забрзаност. Овие мигови не се дел од времето како четврта димензија. Времето не застанало, но сеедно, додека „трае“ мигот на мир, љубопитните восклици на детето и смеењето од срце на родителите, станува „дел“ од вечноста. Тие всушност на седат на ѕид. Тоа е отсечка од вечното сега. Мирот не е „мирување“. Мирот е безгрижна самозаборавеност при што се станува целосно свој затоа што фокусот е целосно на другиот.

Фамилија стопени

Новески знае дека идеалот по кој човештвото трага како по изворот на виножитото нѐ исцрпува сите нас. Без извинувања и без изговори Новески посегнал по сентимент кој денешната култура сѐ помалку го разбира и го смета за застарен, дури и опасен. Најчестиот назив е „патријархат“. Овој збор го изгубил сиот углед на она што се претпоставувало некогаш под „патријарх“. „Таткото“ го изгубил авторитетот. Заштитникот и скрбителот на фамилијата е по дефиниција под сомнеж. Поимот „маж“ и „татко“ се под сомнеж, вината се претпоставува додека невиноста треба да се докажува. „Таткото“ на оваа скулптура е „Липсан“. Тажен е фактот дека тешкиот труд за да ја обезбеди својата фамилија е дополнително отежнат за секој маж и за секој татко. Липсан е, но дали смее од тоа да извлече каквов било поттик? Има ли смисла тоа што го прави? Не ли е доволно што животот е тежок? Липсаниот маж седи како врз своите плеќи да ја држи Земјината топка. Само што тој не е Атлас. Светот е претежок и тој едвај се додржува да не се сведне целосно и да признае конечен пораз. Но, на неговото лице има и впечаток на контемплативност. Да ова е критичен момент, но каде што има криза има и можност. Има во овие раце и нозе уште сила. Има во овој ум уште волја. Има во ова срце уште љубов.

Татко со дете

Мора да има. Како инаку би продолжил светот? Дури и по изјавата на Адорно сѐ уште се пишува поезија. Скулпурата на Новески „Фамилија стопени“ е таков „поетски“ израз. Она што би требало да биде заеднички простор за развој и за оформување на поединецот зрачи со радијација која индивидуалните личности ги „топи“ во аморфна колективна маса. Колективната аморфност е многу полесно подложна на манипулација. На застрашување, на уценување, на подмитување и општо земено на контрола. Кога на личноста ѝ е одземено правото и можноста да се изрази како слободно битие одземено ѝ е достоинството. Така „стопени“ сета поединечна доблест, квалитетот, знаењето, вештината и каризмата стануваат колективен ресурс за експлоатација. Цели империи се изградени врз овие принципи. Драмата „Диво месо“ на Горан Стефановски е сублимирана во скулптурата на Синиша Новески „Фамилија стопени“.

Мајка со дете

Животот е неисцрпливо креативен. Не е сѐ „стопено“ и не е сѐ „диво месо“. Новески си дава оддишка и себеси и на публиката со две скулптури кои се своевиден „диптих“, „Татко со дете“ и „Мајка со дете“. Голотијата е суптилна, но јасно присутна. Ова е замисла за тоа како би продолжило човештвото ако на метафоричните прародители не им се „отвориле“ очите за да „видат“ дека се голи. Не би имале потреба да се покриваат со смоквини лисја, а ни Бог да ги покрива со животинско крзно. Таткото, мајката и двете деца се голи и во тоа нема никаков срам. Ова е суштинско постоење. Целосна „невиност“ пред која се брише каква било разлика во возраста така што и „големите“ и „малите“ се деца. Довербата е целосна и заемна. Какво било расипана страст е „отаде“ градината во Едем. Змијата не проговорила, јаболкото не е изедено, се познава само доброто, се бира само доброто и затоа слободата е апсолутна. Во едниот случај детето, во безбедната близина на таткото ги раширило рацете за да го прегрне постоењето, а во другиот случај очи во очи со мајката детето ѝ се предало на радосната восхитеност да се биде. Скулптурите „Татко и дете“ и „Мајка и дете“ заеднички би можеле да се именуваат како „Љубов“.

Крилата тежат

Фамилијата не престанува да постои кога нејзините членови се одвоени едни од други. Новески во циклусот скулптури „Фамилија“ вклучил два „осамени“ лика. Едниот лик е „Крилата тежат“, а другиот „Македонија воскресија“. Ова не може да биде случајно. Според мене, двете фигури ја претставуваат Македонија исправена пред предизвик. Крилата се симбол за слободата. Секоја препрека би била надминлива со крила. Но, крилата може да ја имаат својата специфична функција само во воздух. Во спротивно, приковани за земјата, тие претставуваат дополнителен товар. Како едра на едреник, оставени сами на себе законот на гравитацијата ги прави да тежат и ги влече надолу. Ветрот и воздухот се силата која од тешки ги прави крилата и едрата како да немаат никаква тежина. Слободата бара од нас да ги рашириме крилата и да ја искористиме силата на ветрот, дури и кога е спротивен на нас да нѐ вивне кон слободата на небото. Скулптурата „Македонија Воскресија“ е уметнички приказ на некој кој си ги „пронашол“ крилата, ја разбрал нивната моќ за лет во слобода и сега стамено стои „своја на свое“. Рацете „крила“ отскокнуваат од стилизираната „женственост“ на скулптурата. Но, вкупниот впечаток е на животен елан и на животна радост и на животодавен дух, со еден збор на „воскресение“.

Македонска воскресија

Така воскресната Македонија може да биде каде било. Определениот географски простор, важен како што е, ги надминува физичките граници и топоними. Македонија за Македонците е пред сѐ идеја, концепт, желба и стремеж. Како таква таа не смее да има идеолошки и концептуални граници. Сето страдање на оваа географска ширина и должина е страдање пред сѐ на конкретни поединци, на мајки, на татковци и на деца. Македонија има место за сите нив, а и за секој „скитник“ кој стигнал во неа. Македонците знаат добро што значи да се биде „Фамилија скитници“. Причините може да бидат секакви, од војна до печалба. Ова е уште едно видување на „Фамилија откорнати“ во која фокусот е на „дупката“ оставена зад себеси. Композицијата „Фамилија скитници“ фокусот го става на „дупките“ кои скитањето ги причинило. Повторно гледаме во мајка во татко и во дете. Фигурите личат како самите да се „куфери“. Фамилијата целиот „имот“ го носи на себе. Ова „скитање“ и „носење“ создава дупки. Тие се сѐ поголеми со секое следно тргнување на пат во непознатото. Има ли начин дупките да се пополнат, телата да се исцелат? Има, има.

Фамилија скитници

Новески го прикажал начинот на исцелувањето со скулптурата „Фамилија неразделни“. Од ист материјал како и „Фамилија скитници“ оваа скулптура е „слеан триптих“, еден вид овоземско „три лица во една природа“. Неразделни се и суштински споени, но секој има свое „јас“. Токму оваа споредба Св. Григориј Ниски ја зема како појдовна точка во објаснувањето на Светата Троица за што се тврди дека е „една суштина во три лица“. Во ова писмо упатено до неговиот брат Петар, Св. Григориј го користи примерот за тоа како е можно разни поединци, „Петар“ или „Јован“ да бидат истосуштни, а сепак да се две различни лица. По оваа логика, Св. Григориј оди дотаму да каже дека по суштина има само „едно“ човечко суштество. Теолошките и философските размисли настрана, „Фамилија неразделни“ укажува на важното сознание дека сите заедно, низ цела историја досега и во иднина, човештвото немало ниту еден помалку или повеќе човечен. Човештвото нема „вредност“ или пак, „пазарна цена“. Нас нѐ краси неотуѓиво достоинство. Навистина, го сакале ние тоа или не, се согласувале или не, ние, припадниците на човештвото, сме неразделни. Ниту еден конфликт, непријателство, омраза или војна не може да ја смени оваа вистина. Секој секому е „близнак“.

Фамилија неразделни

Синиша Новески има брат близнак. Овој феномен му е близок и го поттикнува на уметничка креативност. Излеани во бронза две фигури сочинуваат една скулптура. Оригиналот на Мирон „Фрлачот на диск“ е исто така од бронза. И во двата случаја скулпторот создал перцепција на движење. Мирон ја става нагласката на мигот пред фрлањето на дискот, додека кај Новески мигот е во рамнотежата пред телото да се исправи. И двете скулптури се во мигот на „статично движење“. Тука сличностите завршуваат. Новески не е заинтересиран за деталите на телесната анатомија како Мирон. Него го интересира врската меѓу браќата близнаци. Тие очигледно се во занесот на некоја игра. Двајца браќа, „огледало“ еден на друг, ѝ се предале на радоста да се биде жив и да си восхитен од можностите кои животот ги пружа.

Близнаци

Истиот метод и медиум на вајање се применети и на скулптурата која го има генеричкото име како и на изложбата „Фамилија“. Оваа скулптура е видливо различна од другите претстави на мајка, на татко и на дете. Ова е претстава на фамилијата „пар екселанс“. Во неа се доживува и „дом“ и „мир“ и „неразделни“. Вака би требало да изгледа секоја фамилија, секој дом и секој мир. Клетката на фамилијата е основата за организмот на општеството да биде навистина „неразделен“. Како што апостолот Павле пишува, „А плодот на Духот е: љубов, радост, мир, долготрпеливост, благост, добрина, верност, кротост, воздржливост. Против такви нема закон“. Кога фамилијата живее според овие принципи, тогаш законот станува излишен зашто нема потреба за каква било санкција.

Фамилија

Изложбата завршува со „изненадувачка“ композиција, „Велигденски кули“. Според авторот, „Во основата се ‚Османлиите‘, а горе ‚Македонците‘“. Зошто е оваа дело вклучено во циклусот „Фамилија“? На кој начин е најголемиот христијански празник поврзан со фамилијата општо и со Османлиите и со Македонците конкретно? Одговорот лежи во родниот крај на Новески, Македонски Брод. Овој обичај е поврзан со традиција која оди наназад до времето на османлиското царство и на поробениот македонски народ. Историскиот чин е далечно минато. Но, обичајот останал. Копнежот за слобода и за непречено живеење соодветно со сопствениот светоглед и култура се наследство кое секоја идна генерација треба да го негува. Токму како што во рамките на фамилијата една генерација ѝ ги предава идеалите на идната.

Притоа секое ново спознавање на она што човештвото го приближува до идеалната слобода е инкорпорирано во она што идната генерација ќе го нарече свое наследство.

Велигденски кули