Трупец, цепаница, дибек и ќутук

26.01.2024 15:58
Трупец, цепаница, дибек и ќутук

Доколку сте роден глупав, можеби сте ја извлекле најсреќната комбинација за понатамошниот живот. Ќе бидете најмалку свесниот човек во околината за сопствениот проблем. Среќата во тој случај во потполност ќе ви зависи од тоа дали сте опкружени со пријателска и емпатична социјална средина или, пак, имавте несреќа да се родите во некој суров и компетитивен либералистички рај. Ова се последици на генетичката теорија на глупоста, која вели дека глупоста е вродена и како таква исцело индивидуална психолошка појава.

Последиците се, како што видовме, контрадикторни, зашто биолошката теорија веднаш, во првиот последичен чекор, спонтано се претвора во социолошка. Тоа е непобитно така зашто проблемите на родениот глупак настануваат исклучиво во интеракција со неговото социјално опкружување. Заклучокот е дека биолошката, односно генетски наследната теорија за глупоста е и перформативно и суштински социјална според својата природа.

Социјалната теорија на глупоста, развиена во Светскиот институт за истражување и справување со глупоста со седиште во светската метропола на кичот (што очигледно не е случајно), претставува екстензија и разработка на белешките на нејзиниот одамна починат основач Дитрих Бонхофер. Темел на теоријата е обилно докажаното искуство дека глупоста не зависи толку од генетските предиспозиции, зашто огромен број глупави луѓе по род го поминуваат целиот живот во хармонија со своето опкружување не донесувајќи ниту една глупава одлука и, дури, везден постапувајќи мудро, скромно и воздржано.



Од друга страна, боде очи севселенското искуство дека голем број интелигентни, образовани, културни и во секој поглед „наимани“ луѓе, изложени на искушението на моќта, стануваат најголеми глупаци што светот ги памети. Овие последниве се воедно и најопасните луѓе на светот, зашто откога ќе излезат од сферата на својот формат и компетенции, тие стануваат арогантни и зли глупаци, не само несвесни дека се глупави ко цепаници, пењушки, ќутуци или тезгериња, туку и горди и болно суетни на својата глупост.

За жал, оваа сорта луѓе сè почесто ги зазема водечките места во институциите на политичката моќ. Или, накусо, светот во 21 век го водат глупаци од Бонхоферовата социјална варијанта, во науката наречени Bonhoeffer homo ludens.

Во контекст на последново, јасно ви е, почитувани читатели, дека Светскиот институт за истражување и справување со глупоста не ја пропушта можноста оваа сè почеста варијанта на хомосапиенсот да ја изучува токму таму каде што Бонхофер претпостави дека најмногу ќе ја има: на форуми каде што политичката моќ се сретнува со финансиската, односно кај што на истиот паркет данцуваат и претседателите и премиерите на државите на светот, но и сопствениците и менаџерите на најмоќните компании што владеат со светската економија. Погодивте, се разбира, станува збор за Светскиот економски форум во Давос, кој оваа година го украсија 3.000 учесници од 120 земји, меѓу кои дури шеесетина шефови на држави и премиери, и стотици трофејни економисти, добитници на Нобеловата награда, стручњаци, невладини организации и други забавувачи.



Врв на програмата во Давос се специјалните обраќања на шефови на држави, меѓу кои Институтот обрати особено внимание на двајца. Првиот е еден роден комичар и забавувач, чијашто улога – како во класичните грчки трагедии – почна весело и комично, но сè повеќе станува крвава трагедија во која судбината како поројна вода го носи ликот несопирливо кон трагичниот крај.

Но, неговиот почеток навистина ветуваше: се прослави со незаборавниот скеч во кој со својот машки орган, со симнати панталони и гаќи, на отворена сцена свири на концертно пијано. На надарениот пијанист му се придружуваат уште тројца колеги со кои во квартет, односно концерт за пијано со четири пениси ја свират еврејската фолклорна славеничка химна Хава Нагила, која украинската публика ја фрла во екстатично смеење. За жал, овој перформанс не беше повторен во неговото специјално обраќање во Давос.

Ѕвезда на форумот, меѓутоа, според мое скромно убедување (во својство на истражувач-волонтер на Институтот за глупост), беше несомнено неодамна избраниот претседател на Аргентина, Хавиер Милеи. Искрено речено, немаше да го забележам вселенскиот талент на Милеи, и немаше ниту да го дослушам неговиот говор, да не ја кажеше – уште на самиот почеток – најурнебесната шега на форумот, воедно и најбесната глупост на планетата: „ Денес сум тука да ви кажам дека западниот свет е во опасност. А во опасност е поради тоа што оние што би требало да ги бранат вредностите на Западот, се обземени со визија на светот што несопирливо води кон социјализам и поради тоа кон сиромаштија.



За несреќа, последните децении главните лидери на западниот свет го напуштија моделот на слободата (либерализмот, индивидуализмот, м.з.) и го заменија за различни верзии на она што ние го викаме колективизам“.

Хахаха, ингениозно: по четириесет години од глобалното владеење на неолибералниот капитализам, кој индивидуализмот го става како основна премиса и завршна цел на својот идеолошки концепт (кој, патем, ги закла ко бројлери сите леви идеологии и движења, а социјализмот го исфрли од историјата како неуспешен и злосторнички експеримент), комедијашката ѕвезда во подем, пресмешниот Хавиер, се жали дека суровото преземање на светското богатство од страна на планетарните олигарси е „вид колективизам“!? И дека најголемата опасност за „западниот свет“ и за западните „вредности“ денес да ти бил непостоечкиот социјализам, идеолошкиот леш и демонтираниот мит за човечката еднаквост, во чијшто мртовечки ковчег четири децении кој ќе стаса забива клинци, кламфи, шрафови и нитни! Хаха, каков неповторлив хумор, но воедно и несогледливо длабока глупоштија.

Инаку, во говорот што секој посветен изучувач на човечката глупост (или љубител на урнебесните гротески) мора без здив да го догледа до крајот, Милеи ги остави вчудовидени буквално сите присутни. Луѓето просто не можеше ништо да ги подготви за ситуацијата дека ним, на врвната екипа бандити, крупни капиталисти, економисти и политичари, што лесно и безмилосно владеат со светот, некој комедијаш ќе им држи предавања од економската теорија, со речник и тези како за седмо одделение основно училиште, или како за вечерно школо за економски тупаци.



И така Хавиер бамбореше ли бамбореше, поучно разоткривајќи им ги тајните на економската мудрост на присутните во Давос, и мојата дребност виртуелно меѓу нив, кога наеднаш слушнав уште една опасна шега. Вели тој со пророчки глас и тап, загрижен поглед: „Никогаш не треба да биде заборавено дека социјализмот е секогаш и секаде осиромашувачка појава што пропаднала во сите земји каде што била воведена. Тој (социјализмот) беше неуспешен економски, социјално, културно, а исто така и уби повеќе од 100 милиони човечки суштества“.

Ех, кога ќе ја чујам бројката „сто милиони“ – што и Хавиер и секој друг што ќе ја каже со сигурност и убедување на селски дибек, ја извлекле директно од дебелото црево, кое инаку го содржи мнозинството од нивните неурони – веднаш се присетувам на една сјајна жена која на старост оболе од Алцхајмеровата болест; кога ќе ја прашаа колку години има со весела насмевка одговараше: „Стотка!“ Сакам да кажам дека човечкиот мозок, кога е во фаза на распаѓање и во сериозна декомпозиција, се фаќа за оваа „тркалезна“ света бројка, небаре ќе го премости мракот во кој престојува сè повеќе и повеќе. За стоте милиони жртви на комунизмот просеруваат армии глупаци, торлаци и кретени, сите овие четириесет години од нараснувачкиот глобален новофашизам, и самото нивно спомнување е комплетна легитимација на говорникот како трупец, пењушка, цепаница и ќутук, со мозок каков што има морската краставица и со коефициент на интелигенција што со тренинг и школување никогаш не е поголема од собната температура.

Но, јас малку заталкав од темата… За што зборував?! А, да, за човечката глупост и за нејзините сè пострашни последици по човештвото и нашата кутра планета.



Цртежи: Saul Steinberg

Извор за текстот: Слободен печат

ОкоБоли главаВицФото