1019 hPa
82 %
16 °C
Скопје - Сре, 17.06.2026 23:59

Редакцијата на Окно.мк, по прегледот на пристигнатите раскази од првиот циклус во рамки на конкурсот за краток-краток расказ, одлучи да ги награди следниве раскази:
3 место
Мане Манушев
Вест
Дедо Мраз никогаш повеќе нема да дојде. Со таков наслов осамнаа сите светски печатени медиуми, телевизиските и радио станиците испаничени ја пренесуваа најновата вест, а луѓето по улиците збунето без објаснување шпекулираа.
Дедо Мраз бил поканет на конвенција за познати ликови во земјата Тукапатука. Во оваа земја владеат закони кои ги толкува кој како сака и ги спроведува кој ќе стигне. Откако завршила конвенцијата, Дедо Мраз тргнал кон Лапонија, но бил запран од една мешана патрола составена од НТШ службеници и овластени лица кои го спроведуваат законот за следење на комуникациите. Бил направен претрес на неговата кола и не било пронајдено ништо недозволено или сомнително.
Меѓутоа, бил пронајден неговиот лаптоп. Дедо Мраз веднаш бил уапсен и сега е во притвор затоа што лаптопот имал полн HDD со фотографии, имиња и адреси на деца од целиот свет. Дедо Мраз никогаш повеќе нема да дојде.
Манушев им е веќе добро познат на читателите на Окно. Станува збор за млад автор со препознатлив стил кој вклучува спој од хумор и луцидност, а во неговите раскази често станува збор за необични, несекојдневни теми. Овој расказ, каде што ни раскажува за неволјите на Дедо Мраз со нам добро познатите службеници на Секторот за недозволена трговија и шверц, е добар пример за текст во кој успешно се употребува новинарскиот манир на раскажување.
2 место
Д. Коцев
Тој, човекот, еден
Беше роден на 29 февруари, 19... Посебен акцент ставаше на тоа што живее во два века и милениуми и како да беше единствен кој успеал да го направи тоа. Плод на бакнежот меѓу ерите. Ќе прочита некој оглас во весниците: Уметнички предмети: Продавам кучиња со педигре, ќе промрмори. Сè уште живее со верување дека којотот еден ден ќе победи и ќе се насладува на брзата птица итрица. Од целото срце го мразеше пушењето, на целата негова штетност ја додаваше и неговата двосмисленост. Тие што не го познаваа ќе го послушаа советот: Ако ти понуди човек со брада, цигари, речи: не! Градскиот херој со резерва ракија во задниот џеб, негираше дека студот не постои, дека е недостаток на топлина, не може да се измери. Велеше: - Си поигруваат со нас, бушавите, лажат! На лагата и’ се кратки нозете. Моите измрзнаа. И можеби најверно од сите играше лото, иако знаеше дека шансите за добивање се речиси исти како на неговиот сосед кој воопшто не игра, и понатаму се надеваше дека можеби го живее токму оној од илјадниците животи. Тој сега седи на неговото стереотипно место и очекува да го спомнат во најмногу илјада и двесте знаци. Замислете го како негативец во вашиот омилен расказ, работи како детски кошмар, како ваш синоним за пропаднат живот. Името му е изрезбано на некоја клупа...
Расказот на Д. Коцев „Тој, човекот, еден“ преставува парафраза на познатиот мотив за таканаречениот „евримен“ или обичен човек, кој својот најголем „успех“ го достигнува со тоа што ќе биде споменат во расказ. Со многу автоиронија, Коцев ја истражува идејата за уметноста како чин на трансформација на баналното. Одличната комбинација на описи на секојдневието и прецизна карактеризација на ликот се квалитетите поради кои решивме овој расказ да го добие второто место.
1 место
Габриела Стојаноска-Станоеска
Писмо
Сонуваше сон. Во сонот тој имаше љубовница. И тоа не една, туку две. Со двете ја изневерувал вкупно десет години. Пет за време на нивната врска и пет за време на бракот. Во сонот не и’ беше јасно зошто тогаш воопшто ја зел? Зошто и’ направил дете? Ги читаше пронајдените писма на љубовниците. Се чудеше колку многу го сакаа. Почна да се подразбудува за време на едно писмо начкртано со молив и крупни коцкести букви. Не, чекај прво да го дочитам, после ќе се разбудам. Да видам овде што пишува. Но, некој одлучи таа да се разбуди и таа се разбуди нервозна што не го дочита писмото. Затоа стана набрзина и со неизмиено лице, гурелави очи и стиснати усни што не го пуштаат здивот да се проветри ја набара лименката со пенкала, фломастери и моливчиња и со првото ненаострено моливче кое и падна в рака седна и го напиша.
Габриела Стојаноска-Станоеска исто така им е позната на читателите на Окно. И во овој случај станува збор за автор(ка) со изграден и препознатлив стил, како и за една од најредовните учеснички на нашиот конкурс. Пресуден за да и’ го доделиме првото место беше фактот дека расказот претставува една добро изградена и лесно читлива куса прозна целина со неочекуван крај, која содржи ситни, но битни елементи на фантастика која, пак, придонесува во создавањето на атмосферата во самата приказна која се движи на границата помеѓу сонот и јавето.
Би сакале и да ги пофалиме следниве раскази:
Кејт
Под масата
Квечерина го стишува работниот ден. Влегувам во омилено мало кафуле. Минута-две за да се сместам и љубезен келнер ја слуша мојата нарачка. Никој нема да ми се придружи. Оддалечувањето на келнерот во видното поле ми открива зафатена маса. Над масата, едно блиску наспроти друго, две ведри лица. Со очи незаинтересирани за околината, маж и жена спокојно разговараат.
Рака вешто спушта филџан со кафе пред мене. Се приближувам со лицето кон филџанот за да ја помирисам пареата што се извива од него. Под масата, над скутот на жената, нејзината лева дланка цврсто ги обвиткува прстите на десната. Повремено, дланката на кратко го олабавува стисокот и, потоа, ги зграбува прстите – ги трие, ги свива, ги исправа, па повторно се смирува околу нив.
Уживам во кафето, црно и жешко, последно за денес. Под масата, десната дланка на мажот, со внатрешната страна се движи напред-назад по кратка патека малку над неговото десно колено; прстите, исправени и раздвоени, не ја допираат ногата. На моменти, дланката запира за им дозволи на прстите да се протријат од нејзината внатрешност и, потоа, го обновува движењето над коленото.
Убаво кафе служат овде, но, понекогаш ми се чини, во мала количина. Плаќам.
Ѓоко Бушавиот
Еден ден на Семјон Семјонович
Еден ден Семјон Семјонович на една бела маица напиша: I SEE STUPID PEOPLE. Дента со неа го прошета градот.
Паметните вознемирено се прашуваа: Да не мисли случајно на мене?
Глупавите му приоѓаа и гласно, за сите да чујат, му кажуваа колку му е добра маицата.
Вечерта Семјон Семјонович ја соблече маицата и веќе никогаш не ја облече.
Ивана Батев
Среќно до крајот
- Вештерка е, рече Марица за првата девојка која Ивица ја бакна.
Тој само климна со главата, разбирајки. Очекувајки. И отиде да ја запали печката.
Славица Гаџова
Каталог на производи
На првата страница, топло ќебе со ракави и подарок, светилка за читање. Три во еден breakfast maker, на третата. Откако печењето ќе заврши, лепчето ќе скокне. Свежо и миризливо кафе што ќе ве расони. Топол чај, засладете по желба. Од петтата страница на каталогот кон мене јури автомобил со голема брзина и јас во паника несмасно зграпчувам куп листови, стигнувајќи до празниот лист наменет за забелешки. Со тап молив цртам ѕвезди, мали и големи, далечни и блиски. Сакам да нарачам ѕвезди што мирисаат на расцутена липа, оние што се гледаат од чардакот во јунска квечерина.
Наградата за прво место е 7, за второто 5, а третото 3 книги во издание на издавачката куќа Темплум.
Прегледот на новите пристигнати раскази ќе биде утре (вторник, 22. 02. 2011).
Им благодариме на сите учесници кои ни испраќаа свои дела во текот на изминатите три недели.
Им честитам на добитниците,со
Испратено на 21 февруари 2011 од НекојсиИм честитам на добитниците,со здравје да си ги читаат книгите.Кога конечно завршува конкурсов,кој е датумот на последниот пристигнат расказ?Поздрав
Конкурсот завршува на 7 март
Испратено на 22 февруари 2011 од marijana2Конкурсот завршува на 7 март 2011 година. Токму на тој ден (понеделник), ќе се изврши последниот преглед на пристигнати раскази, а во деновите што ќе следат и ќе бидат објавени наградените од вториот дел на конкурсот.
трето наградениот и
Испратено на 22 февруари 2011 од Ludellaтрето наградениот и првонаградениот расказ мислам дека треба да си ги променат местата...
А кога ќе биде готова книгата
Испратено на 23 февруари 2011 од ДализаА кога ќе биде готова книгата со расказите?