Кризата на демократијата е криза на партијата

02.02.2024 00:25
Кризата на демократијата е криза на партијата

Кризата на демократијата - оваа синтагма одекнува во таканаречениот и угледен печат барем од пресвртната 2016 година која ни ги донесе Трамп и Брегзит и се наметна како неизбежна линија на разграничување во периодизацијата на неодамнешната историја. Значи, синтагмата е сеприсутна, а објаснувањата варираат и нивниот спектар е широк. Меѓу мрзливите спаѓаат обвинувањата на сметка на гласачите со недоволен капацитет кои избираат несоодветни опции за 21-от век и обвинувањата на сметка на другите држави заради фамозните „интерференции“. Уверливите толкувања се однесуваат на препознаениот расчекор помеѓу формалната демократска еднаквост и изразената економска нееднаквост. Меѓутоа, постои уште еден експланаторен фактор кој ретко се зема предвид: кризата на демократијата всушност е криза на партијата.

Острината на оваа теза особено боде очи во нашиот општествено-политички контекст во кој партиите главно се сметаат за гробари на демократијата, што првенствено, заради некоја причина, се мери споед бројот појавувања на некои собраниски претставници. Постои јасна вертикала која ја држи партијата заедно и секое отскокнување се санкционира. А секој понезависен исчекор на претставниците се смета за придонес во демократскиот развој, иако често не е сосема јасно какви се ефектите од таквите исчекори во контекст на реалните општествени промени. Не е спорно дека партиите знаат да станат инертни и закоравени бирократски структури прилагодени исклучиво на хировите и интересите на лидерите или претседателите. Меѓутоа, решението не е во пролиферација на илјадници мали лидери или претседатели или во формирање своевидни стартап партии кои се потпираат на репутацијата на поединците.

На проблемот со кризата во партиите неодамна на страниците на Фајненшл Тајмс укажа еден од најпознатите толкувачи на современиот популизам, Јан-Вернер Милер. За да ѝ обезбеди соодветна позадина на ваквата теза, Милер укажа на низа примери од современите политички проекти кои ги заобиколуваат класичните партиски структури. Меѓу нив се истакнува движењето на чие чело е францускиот претседател Емануел Макрон, потоа новата персонализирана партија на Зара Вагенкнехт во Германија, специфичниот облик на доминација на Доналд Трамп во Републиканската партија, левите движења/партии како Непокорена Франција или Подемос и најекстремниот пример, партијата на реативниот победник на неодамнешните холандски избори, Герт Вилдерс, која има само еден член - самиот тој. Генерално, одамна помина времето кога двете партии, главно конзервативната и социјалдемократската, опфаќаа речиси 90 проценти од електоратот.

Има повеќе причини за политичка диверзификација, а Милер за потребите на својот текст го истакнува растот на бројот разни општествени теми - од екологијата до сексуалните прашања - кои добија статус на политички теми и на тој начин овозможија процвет на поразновидни политички проекти и партии. Некогаш одамна политичките партии диктираа и дефинираа кои се темите, а кои не се. Политичкиот простор изгледаше постабилен, но треба да се лишиме од носталгијата кон тие времиња зашто таквите рамки често ѝ пречеа на политичката иновација. Но, тоа не значи дека треба да се лишиме и од формите на партиите. Имено, речиси сите набројани примери се засноваат на политичките домети и харизматските лидери. Со самото тоа и проектите се зависни од рокот на траење на нивната харизма, а притоа таа ја гуши секоја демократска култура одоздола. „Членовите“ на овие движења-партии повеќе наликуваат на обожаватели на бендови отколку на политички активисти без оглед на степенот на нивниот ангажман. Едноставно, ни инфраструктурата ни политичката програма ни визијата за општеството, ако постои, нема да го преживеат копнежот за харизма.

Пролиферацијата на различните теми кои добија статус политички во последниве триесетина години, смета Милер, овозможи и полесно комбинирање на ставовите инаку резервирани или за левиот или за десниот спектар. Зад полесната комбинаторика, за што е пример вештата Вегенкнехт, не се наоѓа прашалноста на „древните“ политички поделби туку корозијата на политичките институции. Програмите и „линиите“ веќе не се градат преку макотрпна едукација и дискусија туку легитимитет им дава харизмата на оние кои ги обзнануваат во каква било комбинаторика. Кога харизмата еднаш ќе испари често останува пустош. Денес демократијата е мошне индивидуализирана и се сфаќа како право на секој да се изрази политички. Би било многу покорисно за демократијата ако се сфати како право политички да се организира и дека на тој начин се формираат институции кои ќе можат да ја бранат од секаков вид узурпатори. Партиите не станаа неадекватни за современиот свет, туку светот „одлучи“ дека економските прашања и нееднаквоста не се соодветни за партиите и демократијата. Оттаму произлегува нивниот колапс и симптомите во форма на проект-личност кои ги канализираат политичките фрустрации или несигурноста во разни форми.

Превод: Алек Кузмановски

Слики: Martin Jarrie

Извор: https://www.bilten.org/

ОкоБоли главаВицФото