Демократијата и капитализмот

21.02.2011 13:59
Тарик Али

Разговор со Тарик Али – писател, левичар и активист. Роден е 1943 г. во Лахоре, денешен Пакистан, а живее во Лондон. Автор е на драми и романи, на бројни книги со политички коментари, како и коавтор на сценариото за документарниот филм „Јужно од границата“ на Оливер Стоун.

Неговиот активизам започнал рано – во првите улични протести и штрајкови во Пакистан учествувал уште како тинејџер, а продолжил за време на 1960-те во Европа. Денес редовно објавува свои коментари и анализи во The Guardian и London review of books.

Европските влади упорно свртуваат десно. Мултикултурализмот е мета на напади од неколку правци. Можете ли да ни ја појасните разликата меѓу десничарските напади и критиките кои доаѓаат од левицата – на пример, од Жижек, кој зборува за лажниот мултикултурализам, или од Бадју, кој пишува дека јазикот на мултикултурализмот го прикрива „императивот на освојувачката цивилизација: стани како мене, и јас ќе ја почитувам твојата разлика“.

Се согласувам со Жижек и Бадју. „Мултикултурализмот“ на елитата отсекогаш бил навредливо надмен и инструментализиран. Сега таа приказна е напуштена за политичарите да им се додворуваат на струите на екстремната десница во своите држави. Меркел почна да користи идентитаријански јазик, кој потекнува од Карл Шмит, за да објасни зошто Германците со турско потекло никогаш не можат навистина да бидат Германци. Лекциите за холокаустот не се длабински усвоени. Саркози и Камерон исто така преминаа во напад. Мултикултурализмот за овие луѓе претставува шифрирана ознака за муслиманите. Секогаш е згодно да се најде жртвено јагне. Во 1920-те, 30-те и 40-те години тоа беа Евреите. Денес, муслиманите. Утре, којзнае.

Ако ЕУ е претежно економска заедница, какви се политичките последици од падот на системите во Грција и Ирска?

Катастрофални? Всушност, рационалното буржоаско решение би било ЕУ да се расформира и да се реконструира како јадро на Европа: Германија, Франција, Белгија, Скандинавија. Да се изгради како социјална Европа, со поинаков устав. Британија треба да се исклучи зашто нејзината елита е генетски приврзана за атлантизмот. Не мислам дека ќе се случи нешто од тоа. Она што е веројатно е тоа дека ЕУ треба да имплодира во текот на наредната деценија. Отсекогаш сум се залагал за регионални блокови: ибериско единство, балканска конфедерација која би ги опфатила Бугарија и Грција, итн...

Дали е можно да се даде концизен опис за современата левица, или поточно би било да се каже дека тоа е хетерогена група движења?

Колапсот на комунизмот доведе до брз колапс на социјалната демократија: таа изврши самоубиство. Левиот дел на Европа е слаб, како и социјалните движења, но во многу земји има насобран гнев кој не наоѓа политичко вдомување. Затоа имаме студентски востанија, штрајкувачки бранови, но не и обединувачка политичка програма или партија. Контрастот со Јужна Америка е очигледен. Таму социјалните движења создадоа нови видови партии и ја освоија политичката власт со леви социјалдемократски програми.

Се чини дека во левицата има теориски несогласувања. Фредерик Џејмсон е критикуван во книгата на Ајџаз Ахмед „Во теорија: класи, нации, литератури“. Данило Золо во новата книга „Правдата на победниците“ воопшто не е воодушевен од Харт и Негри; тие беа критикувани и од Бадју. Дали ова е знак на отвореноста и зрелоста во интерните расправи, или е знак на проблеми?

Секогаш е добро кога левицата е подготвена да расправа за идеите. Харт и Негри, како посебен случај, остро се критикувани во левицата, а тезите од нивната „Империја“ се најдоа под сомнежи од кои не се ослободени. Во тоа се согласувам со Золо и Бадју: „Империја“ беше стимулативен труд за либералниот утопизам.

Кога би разговарале со млади луѓе кои сакаат да дознаат повеќе за левицата, од каде би ги советувале да почнат? Кои книги биле информативни за вас?

Секоја генерација си го наоѓа својот пат. За мене тоа беа Маркс, Ленин, Троцки, Дојчер, Мао, како и Стендал, Балзак, Достоевски, Фаиз, Неруда и други. Кога некој ќе ме праша, секогаш предлагам младите да се обидат да го читаат „Капиталот“, како и политичките списи на Маркс. Но да ги читаат како социологија и политика, а не како религија.

Според вас, постои ли овде потенцијал за една модерна левица? Или сме ограничени на изборот меѓу преспакуваните апаратчици од ерата на Милошевиќ и либералите од „левиот центар“ кои сонуваат за „капитализам со човечки лик“?

Минатата година патував во Загреб, Белгард, Нови Сад и Сараево, и ме охрабри фактот дека голем број млади сакаат да го надминат деструктивниот национализам од 1990-те. Мислам дека би било важно повторно да се создаде заеднички културен простор каде што интелектуалците и уметниците редовно би се среќавале да разговараат за заедничките проблеми. Елитите во земјите од поранешна Југославија се многу слични: корумпирани се и немаат политички принципи. Десен центар или лев центар, не е битно. Постои само еден вид политичка ѕверка – неолибералниот политичар кој гледа како да ги земе парите за себе, за своето семејство, за својот клан, своите придружници. Тоа е современата демократија.

Напишавте: „На 15-ти февруари 2003 година, над 8 милиони луѓе маршираа на улиците на пет континенти против војната која сè уште не почнала“. Беше навистина импресивно. Но војната сепак започна. Што гледате како главно достигнување на оваа антивоена акција? Има ли таа трајни последици?

Протестите од 2003 покажаа дека милиони обични луѓе – левицата беше во нивна сенка – знаеја дека нивните политичари лажат, и се обидоа да ја спречат војната со протест. Кога тоа не им успеа, станаа, со исклучок на помал дел, деморализирани и пасивни. Не сум сигурен дали има трајни последици. Тоа беше ден на гневот: превентивен удар против планираната војна. За жал, не беше успешно и над еден милион Ирачани загинаа досега. Кој ќе ги одведе Буш и Блер пред Хашкиот трибунал?

Можеби Обама? Сепак, тој е добитник на Нобеловата награда за мир... Пишувавте за него во книгата „Синдромот Обама“. Кои се симптомите?

Во денешна Америка, демократијата дозволува само умерено републиканство. Обама е токму тоа. Ништо повеќе. Континуитетите со неговиот претходник Буш имаат многу поголема тежина отколку сите разлики меќу нив. На домашна и меѓународна сцена, Обама е промашување: неспособен за сериозна реформа на здравствениот систем, попустлив кон богатите, ескалација на војната во Авганистан, клањање на Израелците, тетеравење наваму-натаму сè додека не сфати дека Мубарак не може да се спаси во Египет. Тешкотиите на Вашингтон во Египет, гледани во глобален контекст, покажуваат поширок зафат одошто за времето на Буш: потпирањето на корумпирани фигури во Пакистан, Јемен, Ирак, Авганистан, а сега е исконструирана и поделба на Судан. Над еден милион луѓе загинаа во сите тие војни. Кој ќе оди во Хаг? Списокот е долг речиси колку и списокот на илузии кои за Обама ги гаат либералите, очајнички фаќајќи се за секоја сламка. Легализацијата на геј правата во војската надоместува за сè останато. Ова е тажниот коментар за американската политика денес.

Пред неколку дена го гледав возбудливиот разговор меѓу Тарик Рамадан и Славој Жижек за настаните во Египет. Гостуваа во англиската програма на Ал-Џезира. За споредба, коментарите на медиумите од главната струја за протестите беа постудени, амбивалентни. Од каде таква воздржаност? Што се случува во Египет? Или – што се случи?

Арапскиот свет, со Египет во центар, ја проживува европската 1848 година. Наспроти раните медиумски коментари, овие масовни мобилизации и востанија имаат малку заеднички нешта со Источна Европа од 1989 г. Тогаш преовладувачка желба беше придружувањето кон Западот и да се биде како Западот, да се поддржат неговите крстоносни војни, да се подражаваат неговите криминалци, да се прифати неговата „цивилизација“. Во арапскиот свет луѓето сакаат независност и демократија, сакаат да се одвојат од грдата империјална прегратка на Западот кој ги поддржуваше нивните тирани. Поради тоа приемот во поголемиот дел западни медиуми беше млак. Тристотините мртви во Египет не ги возбудуваат како една смрт во Техеран. Живееме во свет каде што граѓаните на Западот ги игнорираат западните двојни стандарди. Многумина на Запад се поведоа по примерот на Нетанјаху и се воздржуваа од критики кон Мубарак. Сè уште се стеснуваат да се разделат со него, кој кохабитираше со речиси двојно поголем број империјални водачи отколку што порано ги примала Клеопатра.

Цитирате поезија во своите политички текстови. Песните на Саади Јусеф ги наведувате во книгата „Буш во Вавилон“, а статијата во Гардијан за студентските протести во Британија ја завршувате со стиховите на Брехт: „Подобро е, мислиме, во гневот да востанеме...“ Се чини дека не недоставуваат индигнации. Но гневот сам по себе сигурно не е доволен. Има ли поезијата некаква улога во пракса, во акцијата, во артикулацијата на чувствата за индигнација и неправда?

На плоштадот Тахрир во Каиро сè уште рецитираат поезија. Поезијата станува клучна под деспотските владетели и таа ја задржува својата моќ, посебно кога ја пејат диви пред обичните луѓе. Тоа е долга традиција во многу делови од светот.

Извор: vreme.com

ОкоБоли главаВицФото