1010 hPa
88 %
13 °C
Скопје - Нед, 06.10.2024 03:59
Татковино, уморна сум.
Дај еднаш да те заборавам.
Татковино, уморна сум.
Дај еднаш да те заборавам.
Еве потпрена сум на камен столб
Малку збунета, им наздравувам на птиците.
Помогнете ми да бидам човек и ќе им викнам која сум
на оние кои никогаш нема да ме разберат.
Што е важно што сум Хрват, едвај знам човек дека сум!
Дајте ми да бидам човек на друм
каде што треба да си ајдук, каде што само ѕверот ќе
остане поштеден!
Земете го мојот роден крај да видите колку сум човек
и колку сум ништо.
Симнете ги сите знамиња или пуштете ме да се тепам
за најкрвавото.
Ќе измислиме татковина една
и две татковини, како бајки две
на корални острови
или на ледени санта.
Направете ме човек, па кажете ми дали сум родена
во волчјо крдо, во орелско гнездо
или под покривот на безименото небо.
Што ми е гајле што сум Србин, едвај знам човек дека сум.
Ајде! Со песна ќе создадеме роден крај.
На слободните.
На времето му се заколнавме на нова гордост
и на историјата за новото срце.
Кога ќе згаснат сите родољубија на светот
само едно знаме ќе свети
над земјата што нема господар.
Тогаш ќе кликаат во рововите
оние најцрните: ние сме ничији!
Ние имаме потекло месечево.
Од мајските треви малку сум пијана
и името свое го сменив утрово
со птица некоја, што одлета
кон непознатото.
Птици на северот
однесете го моето име на југ.
Птици на југот
појдете со него на север.
Помешајте ги, о, крилјата свои,
птици од север и југ!
Ајде, татковино! Време е да те засакам.
Превод: П. В.
Весна Парун (1922 — 2010) била хрватска и југословенска поетеса, драмска и детска писателка.