Зимски „МакеДокс” во „Котур”

06.02.2024 13:24
Зимски „МакеДокс” во „Котур”

На 7 и 8 февруари од 19:30 часот, во кафе „Котур и филм”, ќе се одржи зимски „МакеДокс”.

Предвидени се две проекции на две документарни остварувања од последното издание на „МакеДокс”, првиот од програмата на нови автори, а вториот од главната програма – добитник на главната награда Кромид на 14. издание на „МакеДокс”.

„Снајка: дневник на очекувања“, во режија на Теа Видовиќ Далипи.

Секоја врска подразбира спој на двајца луѓе со различни економски, социјални или религиозни идентитети наследени од семејството. Љубовта, бракот и родителството на Теа, која е Хрватка и Мирсад, кој е Ром, наликуваат на невозможна мисија поради остриот контраст помеѓу системот на вредности и обичаи што ги имаат нивните семејства. Обидувајќи се да го урамнотежат товарот од крутите обичаи, од една страна и финансиските притисоци, од друга страна, Мирсад и Теа се на раб да ги разочараат своите најблиски. Притоа, тие ризикуваат и да ги загрозат сопствената врска и изгледите за подобра иднина за себеси и за нивната новородена ќерка Фрида.

„Помеѓу револуциите”, во режија на Влад Петри.

Зара и Марија се спријателуваат на универзитет во Букурешт, во седумдесетите. Но, во Иран има сè поголеми политички превирања и Зара мора да се врати дома. Како што тече декадата, тие ја одржуваат врската низ низа писма, каде што ги запишуваат своите напори како жени што се борат за глас, но и како нивните земји се движат во различни насоки. Покрај далечината и пречките, нивниот копнеж една за друга останува силен.