Менталното здравје како стока во неолиберализмот

07.02.2024 00:21
Менталното здравје како стока во неолиберализмот

Последниве неколку години сме бомбардирани со низа наративи за пандемијата на менталното здравје, проблемот со анксиозноста и депресијата кои влијаат на функционалноста и благосостојбата на личноста.

Историски гледано, менталните болести и нивниот синоним „лудило“ отсекогаш биле конотирани негативно преку категоријата (не)нормалност, опасност и закана. Затоа ментално болните, лудаците и лудачките оправдано биле социјално изолирани со цел постигнување „чиста“ популација и одржување на општата хигиена, како што наведува Николас Роуз.

Меѓутоа, за душевните пореметувања и психичките болести веќе не се зборува како за стигматизирани појави кои треба да се изолираат во душевни болници, туку здравјето (ментално) почнува да се дефинира како многу повеќе од отсуство на болест.

Меѓу другото, за менталното здравје е заслужна Светската здравствена организација која го дефинира како „состојба на благосостојба во која поединецот ги остварува своите потенцијали, може да се соочува со нормалните животни стресови, може да работи продуктивно и плодно, и е способен да придонесува во својата заедница“.

Освен што благосостојбата на поединецот е на прво место, во оваа дефиниција темелниот фокус е ставен на потенцијалот, односно продуктивноста и способноста на личноста да придонесува во заедницата (читај: економијата). Со други зборови, способноста да бидеме продуктивни се конотира во контекст на пазарните барања на неолибералното капиталистичко општество да придонесеме за економијата и профитот. На тој начин менталното здравје се интерпретира како неолиберална кованица во секојдневието на општеството кое се карактеризира со економизација на сите сфери на човечкиот живот, а со самото тоа и со комодификација на здравјето.

Од личноста се очекува да се грижи за своето ментално здравје и да направи сè за да може да се соочи со стресовите, анксиозноста, депресијата но тоа да не ѝ штети на економијата. Затоа кованицата „ментално здравје“ најдобро се разбира во однос на општествениот, политичкиот и економскиот контекст, а не исклучиво преку медицинскиот модел на менталните нарушувања и болести.

Комодификација на животот и менталното здравје

Претпоставувам дека многу од нас не го забележале дефинирањето на менталното здравје на овој начин, туку целта сме ја гледале во грижата за благосостојбата на личноста. Меѓутоа, како на овој начин да се зборува за менталното здравје и како сите да го следиме тоа без преиспитување?

Бидејќи живееме во неолиберална капиталистичка реалност, темелниот аспект кој го дефинира тој систем е економизацијата. Наједноставно кажано, економизацијата се однесува на процесот во кој економските односи почнуваат да продираат во досега неекономските сфери на човечкиот живот.

Улрих Броклинг проширувањето на економските односи во сите сфери на човечкиот живот дополнително го објаснува преку императивот на претприемништвото, односно „претприемничкото себство“ кое е насочено кон целта на пазарниот успех, диктирајќи ја нашата приватна и професионална сфера.

Во контекст на денешницата и нашето општество тоа значи дека економската логика се проширува на сите домени на човечкиот живот анализирајќи сè во контекст на ефикасноста. Ефикасноста се мери со логиката на трошоците и користа, врз основа на што се вреднува успешноста на граѓаните и граѓанките - колку успешно се соочуваме со стресот, колку успешно ја работиме својата секојдневна работа, колку успешно се грижиме и посветуваме на нашето здравје... Со човечкиот живот сега владее натпреварот за моќ, способност и виталност.

Накратко, човечкиот живот е комодифициран.

Пациенти или потрошувачи?

Сигурна сум дека барем еднаш во денот сте изложени на некој текст, објава, слика за стресот, прегорувањето, депресијата, анксиозноста или пак на некакви животни совети и како до среќен живот. Сега менталното здравје се третира како бренд, односно како стока. За да бидеме способни продуктивно да придонесуваме во својата заедница, ни се нудат низа пазарни решенија. Депресијата и анксиозноста, колку навистина да ѝ штетат на личноста и да ѝ предизвикуваат страдање, се толкуваат како профитабилни здравствени состојби.

Здравјето станува посредство на пазарот и неолибералниот систем, при што поединецот се посматра како потрошувач кој или ќе биде товар или ќе придонесува за светската економија.

Затоа можеме да кажеме дека неолибералниот дискурс не го третира системот за здравствено осигурување и нега како човечко право, туку како стока, заради што пациентите се третираат како купувачи. Секоја доба и секој општествен контест имаат сопствена конструкција на знаењето и сопствена вистина за општествените феномени; додека во некои минати времиња граѓаните и граѓанките во душевните болници се третирале како изолирани затвореници, сега тие стануваат потрошувачи.

Здравјето, благосостојбата и адекватната грижа не се шега ниту стока, туку прашање на основните човекови права и универзална егзистенција. Луѓето навистина доживуваат депресија и анксиозност. За жал, имаме систем во кој луѓето за решавање на проблемите често се препуштени самите на себеси, што ги прави ранливи од злоупотреба на капиталистичката логика.

Превод: Алек Кузмановски

Слики: Thomas Allen

Извор: https://voxfeminae.net/

ОкоБоли главаВицФото