Teтоважи со птици кои го осветлуваат патот до подобра иднина

07.02.24 16:28

„Птиците се аутсајдери”, вели Стефани Браун. „Тие коегзистираат со нас речиси невидливо во нашите животи, ако не гo насочиме вниманието на нив. Тие се мали суштества, но, со свој специфичен начин на однесување и став, а знаат да бидат и моќни кога се во голем број”.

Уметницата Стефани Браун им посветува внимание на овие мали, но сепак значајни суштества во својата тековна серија насловена „Носачи на факели”. Составена од повеќе од сто тетоважи во боја, колекцијата содржи обични видови птици, како што се врапчињата и ластовичките, кои во своите клунови носат запалени кибритчиња.

Уметницата од Трој (Њујорк) чија практика опфаќа цртање, сликање и тетовирање, оваа серија ја започна во 2019 година, по околу една година проучување и анализирање на примероците во Одделот за птици во Музејот „Филд”. Во продолжение таа објаснува:

„Поминувањето време на создавањето на оваа збирка ми помогна да ја разберам улогата на птиците не само како научни артефакти, туку и начинот на кој овие зачувани примероци можат да им помогнат на современите научници во нивното проучување, честопати и во напорите за зачувување на преостанатите популации.

Гледајќи наназад, звучи чудно, но во 2019 година се чинеше дека климатската криза достигна максимален раст, со најтоплите години забележани во тоа време. Токму во тој период, најдов стара викторијанска божиќна честитка од овие врапчиња кои маршираат во поворка низ снегот, држејќи мали факели во темна ноќ. Тоа беше слика што веднаш ми се допадна и посакав да ја прилагодам во тетоважа.

Спојувањето на овие извори го поттикна она што сега е еден вид робустен птичарник кој претставува ода на убавината и посебноста на секое суштество, но и светилник на надеж”.

„Има толку многу аналогии што можат да се направат”, вели уметницата. „Најмалата светлина може да биде водилка на патот низ темнината. Потребна е само искра за да се запали пожар, големината не е важна. Природните шумски пожари имаат дури и регенеративна цел: да прочистат и да ги вратат хранливите материи на земјата само за да се врати биолошката разновидност”.

Имајќи го предвид тоа дека тетоважите природно бледнеат и губат детали со текот на времето, сликите на Браун се пример за нејзината голема посветеност на самите животни. Со светли бои и деликатно исцртани пердуви, птиците во In the Dark и Chimney Swift се елегантни и активни, што го води набојот на енергија кон нешто ново.

Овие карактеристики одекнуваат од нацртаните „Носачи на факели”. Делата претставуваат „симбол на истрајност на чистата волја која е потребна за да се преживее во овој свет, без разлика дали тоа се однесува на полето на личното, социјалното или еколошкото.

Малите светлечки суштества се потсетник дека треба да се биде внимателен во борбата против системите што постојат и да се одржи надежта за појавувањето на прочистувачки оган што ќе нè ослободи од нив и ќе направи простор за подобар свет”.

Иако Браун во моментов е во голема мера резервирана за тетоважи, доколку ѕирнете на нејзиниот Инстаграм профил ќе видите дека таа има оригинали, принтови, налепници и разни уметнички додатоци достапни во нејзината продавница. Нејзините дела во текот на годинава ќе бидат изложени во галеријата Antler во Портланд и галеријата Living Room во Чикаго.

Извор:https://www.thisiscolossal.com

ОкоБоли главаВицФото