Отказ за откажувачите

02.05.2024 01:24
Отказ за откажувачите

Ненси Фрејзер

ДААД е најголемата германска. но и светска агенција која на уметниците и научниците им обезбедува стипендии и резиденции. Програмите на ДААД (Deutscher Akademischer Austauschdienst, односно Германска служба за академска размена) изминативе години, меѓу другите, ги користеа нобеловките Херта Милер и Олга Токарчук, режисерки од калибарот на Боб Вилсон и Џим Џармуш, уметници како Сузан Сонтаг и Нам Џун Паик...

Кон крајот на април дознавме дека на истата листа сепак нема да се најде и името на американската филозофка со еврејско потекло Ненси Фрејзер: со одлука на Џојбрато Макерџи, претседателот на ДААД и ректор на Универзитетот во Келн, претходно одобрената стипендија ѝ е одземена зашто се потпишала на отворено писмо за осуда на „израелскиот масакар во Газа“. Деновиве дознаваме дека на таа листа нема да има уште две имиња. Холандскиот теоретичар и уметник Јонас Стал и британскиот писател и теоретичар Чајна Миевил му упатија отворени писма на Макерџи во кои се солидаризираат со Фрејзер и ги одбиваат одобрените резиденции.

Јонас Стал

Инаку, Стал се прогласува себеси за „уметник на пропагандата“ - што во оваа рубрика му донесува дополнителни бодови - а кога пред пет години во интервјуто за Новости, Давор Коњикушиќ го замоли да ни го објасни тоа, тој рече: „Како уметник на пропагандата ги признавам присуството на моќта и важноста на донесувањето одлука на каква структура на моќ како уметник сакам да припаѓам и како сакам да придонесувам со своите уметнички компетенции“. Еве, сега гледаме дека човекот бил сериозен. Во своето писмо, меѓу другото на Макерџи му го порачува и следново: „Најпосле, цената на нашите кариери и нашата егзистенција е релативна. Релативна во споредба со тоа да се разбудите во Газа како сираче или да морате да го погребате своето дете. На погрешната страна на историјата сте и можам само да го замислам страшниот психички товар под кој ја одржувате бариерата помеѓу себеси и реалноста на антисемитските, расистичките и убиствените политики кои ги легитимирате. Но не морате да го правите тоа. Можете да бидете еден од оние кои го прекинуваат молкот, кои одбиваат да го оправдаат геноцидот. Морам да ја одбијам номинацијата која ми ја додели вашата институција, но повикот до вас да ѝ се придружите на праведната страна на историјата останува отворен.“

Чајна Миевил

И Миевил даде интервју за Новости минатата година, а во разговорот со Иван Периќ тогаш патемно се осврна на оправданата борба за основање палестинска држава: тоа е нешто што денес изгледа подалечно од кога било. Во своето писмо му порачува на Макерџи: „Длабоко сум му благодарен на Стал за јавната порака со која ја одбива својата номинација, ги охрабрувам сите да ја прочитаат и можам да додадам многу малку: таа детално ги објаснува и причините за мојата одлука. Се солидаризирам со бројните германски работници и активисти во институциите како вашата, кои се згрозени и се борат против моменталниот расизам, цензурата, авторитаризмот и негирањето на злосторствата. Слобода за Палестина!“

Расизмот, цензурата и негирањето на злосторствата во Германија продолжуваат - во Берлин полицијата неодамна го спречи одржувањето на големата меѓународна конференција на Палестинскиот конгрес, но гледаме дека отпорот продолжува. Стал, Миевил и другите, сè побројни уметници кои не сакаат да бидат апологетски пиони на злосторствата немаат намера да се откажат.

Превод: Алек Кузмановски

Извор: https://www.portalnovosti.com/