Тогаш, одиме на улиците

12.03.2014 12:55
Тогаш, одиме на улици

Најавата на турскиот премиер дека по локалните избори на 30 март ќе го блокира пристапот до Facebook и You tube не изненади никого. Мнозинството очекуваше нешто, особено по низата компромитирачки снимки објавени на You Tube. „Нема да дозволиме Facebook и You Tube да ја уништат оваа нација“, соопшти Ердоган, заборавајќи дека за време на протестите во паркот Гези, го нарече Twitter „чума“.

Најголемите телевизии молчат, меѓутоа размената на обвинувања помеѓу владата и движењето Gülen, кое е заслужно за објавување на спорните снимки, се одвива на интернет. Остатокот од турското општество вознемирено ги чека локалните избори и шекулира што уште ќе се објави дотогаш, како да станува збор за финале на популарна телевизиска серија.

За разлика од протестите пролетта минатата година, турското општество сега е во улога на набљудувач. Режисерската палка ја преземаа луѓето од движењето Gülen, кои во последниве години се вгнездија во безбедносниот апарат и правосудството, со знаење и поддршка на АКП на Ердоган, сè до моментот додека овој сојуз не се распадна.

Не ја чекавме долго реакцијата на турската интернет заедница. Додека многумина се загрижени за иднината на Мелих Гокчек, твитер талибанец и градоначалник на Анкара, други се лути што изгледа дека во Турција е забрането сè освен корупција. Деновиве, интернетот е преполн со борбени извици. „Ако го забранат Facebook, тогаш моите пораки ќе ги извикуваат на улиците, што и не е лоша идеја“, пишува еден твитераш. Со слична формулација се послужил и „Гавур Адам“, исто така на Twitter: „Супер. Тогаш одиме да се бунтуваме на улиците, а не само на мрежите“.

Додека кај некои коментатори преовладува цинизмот, „сега ќе добиеме напредна демократија, каква и заслужуваме“, други му приоѓаат на проблемот значително поопуштено, „интернетот не може да се контролира“. Можеме да ја заобиколиме секоја забрана. Ако не сакаш да те фатат во кражба, тогаш не смееш да крадеш“. Заради тоа што во Турција е забранет пристапот на околу 10 000 сајтови, а You Tube беше блокиран две години, многумина научија трикови за да ги заобиколат сличните интернет забрани. Или како што рече еден интернет корисник: „Facebook се затвора, Tapebook се отвора, нема проблем“.

Корисник со име Церен Морај поставува едно сосема логично прашање: „Никој ниту да праша ’господине премиере, зошто планирате да го направите тоа по 30 март‘?“ Одговор: Затоа што Ердоган е убеден дека ќе победи на изборите и не сака да ризикува нови масовни протести. Можеби сето тоа не е точно, Турците се наклонети кон теории на заговор. Изгледа дека сепак имаат причини за тоа.

Извор: http://www.taz.de