Роман на годината - извадоци од пристигнатите романи (7)

02.04.2024 10:41
Роман на годината - извадоци од пристигнатите романи (7)

„Последна шанса за втора клапа: сценариото на немиот сведок”, Кристина Краличин, „ИД – Концепт консалтинг и дизајн”

Остин во есенскиот период е многу жив и раздвижен град.Тој важи за град што го зазема првото место по жива музика, а воедно е и град на младата популација поради тоа што претставува универзитетски центар и младите луѓе го исполнуваат бројот на вкупното население во голем дел. Како урбан центар познат по таа раздвиженост и живост, Остин претставува и центар на културните достигнувања во Тексас. Секој млад човек може да пронајде работа по желба во Остин, кој токму поради тоа важи за град што ги исполнува соништата на младите луѓе, бидејќи само три проценти од работоспособното население е невработено.

Враќајќи се кон својот дом, кој се наоѓаше во близина на центарот, не уживаше во пешачењето, нити забележуваше како ноќта веќе ја распослала својата темна ткаенина над реката. Зградата во која живееше беше од четири ката, а станот од 52 квадрати се наоѓаше на последниот кат. Тој влезе во станот и го фрли карираниот качкет на фотелјата и отиде да се одмори барем за кратко. Немаше волја првин да се истушира, туку посака да легне на креветот и да го истегне грбот пробувајќи да најде соодветна положба што ќе му ги отпушти жилите.

Во последно време чувствуваше одредени болки под левата плешка. До скоро немаше никакви проблеми и овие болки ги занемаруваше, можеби несвесно и не им придаваше важност. Погледна во телефонот и во тој момент како да сфати дека нема многу време за да се спреми и да се најде со колегите на договореното место.

По краткиот одмор се подготви за излегување. Беше околу 21 часот кога пристигна во „Лагуна“. Го здогледа Тимоти во тесниот агол на сепарето како седи со Рејчел и се упати кон нив. Му се допаѓаше коктелот од мириси на текила помешан со женските парфеми. Кога го погледна Тимоти во придушените пурпурни светла на кафе - барот што во доцните саати наликуваше на ноќен клуб, му покажа со раката, едвај видливо за Тери, да седне до него.

Од десната страна се наоѓаше девојката на Тимоти, која Тери првпат ја запознава одблизу. Таа изгледаше нешто сосема спротивно од нејзината тетка Сесил, висока и привлечна девојка со долга и права руса коса. Оскудниот фустан беше мошне провокативен, оцртувајќи ги нејзините женствени атрибути. Тимоти сигурно го забележа љубопитниот поглед што Тери го задржа на неговата девојка и љубезно, а помалку гордо ја претстави: „Ова е Лола.“

Девојката со насмевка ја подаде својата рака и истовремено се претстави: „Шарлот.“

„Мило ми е, Тери“, одговори тој седнувајќи до Рејчел и ја прегрна: „Добра вечер“.

„Како си?“ го праша.

„А, како можам да бидам ако доаѓам директно од состанокот со Џејмс.“

„Што зборуваш, имавте нешто работа?“ го праша Тимоти вклучувајќи се во разговорот, додека Тери со раката му даде знак на келнерот да дојде.

„Имавме инспекција. Рутинска контрола, но сепак потребно е да се усогласат некои делови од сценариото со последните законски измени. Ми претстои интересен викенд“, помалку иронично се изјасни Тери.

„Разумно“, додаде Рејчел.

„Значи ти си сценаристот, односно продуцентот на филмот? Отсекогаш ме интересирале научнофантастични филмови и како што Томи ми кажа, се работи за многу убаво осмислен филм. Да бидaм искрена...“ и на тој дел од реченицата Шарлот подзастана и со десната рака си ја покри устата за да го придуши смеењето од хуморот за кој само таа имаше разбирање. Ги подигна рамената, ја вовлече главата пониско и продолжи: „Отсекогаш сум сакала да бидам главна глумица во научнофантастичен филм“ и наброја неколку научнофантaстични филмови кои беа прикажувани во минатото, со што докажа во неколку збора дека тој жанр особено ја интерeсира.

                                         

                                        ***

 

„Савески”, Анастасија Лефкоска, НУ Центар за култура „АСНОМ” – Гостивар


Г- ѓа Савески остана со кошулите в раце сред соба. Јованка замина да ја земе крпата, на два чекори само – таму во кујната, ама како да беше огромна далечина. Времето наеднаш како да запре и таа се почувствува сосема сама. Рацете полни кошули, полни товар, живот кој никогаш и не го сакаше, ама длабоко во себе знаеше дека ќе мора еден ден да го избере. Не, немаше време за каење, ниту, па нешто многу се каеше. Таков беше животот. Таква беше земјата. Ако не беше Глигор, ќе беше некој друг, ако не беше некој друг, ќе беше некој трет. Да, таков беше животот и таков требаше да биде. Среќата, задоволството, страста кон животот (што еднаш многу одамна ја беше чувствувала) беа преценети. Па, што ѝ фалеше? Беа богати. Имаше свила и преубави Охридски бисери (отсекогаш сакаше такви), имаше куќа на три ката, две прекрасни деца, нејзините близнаци Марио и Марија – седум секунди постара. Не, немаше време за каење. Нејзините обврски како жена кон ова место ги заврши и тоа мошне успешно. Животот продолжуваше понатаму.Сега требаше уште имотот да се препише. Да. Ќе разговара со Глигор, веќе редно е Марио да стане газда на оваа нивна куќа, треба веќе тој сега нив да ги гледа и чува. Марија, кога и да се реши да се мажи, ќе добие една спална (таков беше адетот, таква беше традицијата, а која беше таа да оди против неа?) исто како што доби таа – спална на која веќе долги години не спиеше, ниту пак имаше желба да спие. Наеднаш се сети на креветот во селцето, не беше голем, но сепак собираше двајца. Имаше понекогаш желба повторно да се врати таму, на таа виолетова постелнина, но желбата доаѓаше ретко и излишно. Желбите ништо убаво не носеа, само тага и празнотија. Диши и ќе помине, горчливо помисли во себе и ги стегна уште посилно кошулите. „Ова е само момент“, си рече. Само да пројде моментот и сѐ ќе помине. Таа тежина што ја чувствуваше, тоа олово што ѝ ги труеше градите, духовите на пропаднатите соништа и сеништата на неостварените ветувања. Сѐ ќе стане нормално, само моментот да помине. А што беше моментот ако не една секвенца од животот што како јајце се испилуваше, а потоа бегаше? Уште малку и ќе го снема моментот, уште малку и ќе помине сѐ. Ги затвори очите во надеж дека на тој начин побрзо ќе помине ова мачно чувство што ѝ лазеше по грбот. Ќе помине (не поминува), ќе помине (не поминува), ќе помине (не поминува)...

„Еве сум“, рече Јованка влегувајќи со крпата. Времето наеднаш се откочи, оловото испари од душата, а јајцето се испили и го снема. Сѐ беше нормално. Сѐ беше совршено. Сѐ беше пристојно. Сѐ беше, ама не беше. Кецелата на Јованка не ѝ прилегаше, ама Лилијана издиша, се насмевна на поткренатите веѓи на Јованка и замина да пегла. Сѐ до третиот кат повторуваше во себе дека кецелата е совршена и дека пеглањето ѝ е работа, дека така треба, дека така мора. Така правеа оние пред неа, така ќе прават и оние по неа. Седна на креветот – не, на спалната, туку оној нејзиниот, кошулите ги пушти од раце и сите до една ко пердуви ја допреа земјата, а Лилијана, г-ѓа Савески, уморно си го протри лицето и погледна надвор низ прозорецот.Улицата беше мирна, а времето убаво, без ниеден облак на небо. Ама, убавото време често знаеше да излаже, често зад убавото време се криеја проклетства облечени во одежда на совршенства, кои неретко исчезнуваа како фатаморгана. Моментот, повтори во себе Лилијана, моментот беше тоа, илузијата што го зграпчуваше човека, сјајот на идеализмот и младешките желби за нешто повеќе, за нешто подалеку, за нешто совршено во кое и невозможното можеше во тишина да успее – да процути, да созрее. Горко се насмевна собирајќи ги кошулите од земја, убаво ѝ се удри од глава - тоа тогаш, тоа „Да“ што го рече, таа титула што ја зеде таа рана пролет, тој март бесен. Ама, не можеше само себе да се обвини – никако. Глигор беше убедлив, шармантен, богат – наизглед полн со разбирање. „Види, кажи ми ‘да’ и остани со мене вечерва инаку... инаку, ќе ја изгубам главата.“ Ја држеше за рака, ја молеше утрото и вечерта, а кога ѝ кажа на Јованка, после минута тишина, доби смеење продолжено со хистерија. „Сериозно?! Сериозно, да – секако... И што? Ќе одиш? Ќе бидне, ќе те земе, и -?“, наеднаш замолче и горко се насмевна, „Ќе те викаат Глигорица.“

Смеењето продолжи, а Лилијана се згади од самата помисла. Глигорица. Никако, никогаш – дури и да умре. Ама, подоцна сфати дека, за да се умре не треба многу и не се умира само физички.

„Окно” во соработка со Фондацијата „Славко Јаневски” и оваа година објавува фрагменти од делата кои беа во конкуренција за наградата Роман на годината за 2023 година. Претходните извадоци прочитајте ги овде.