Роман на годината - извадоци од пристигнатите романи (8)

08.04.2024 08:59
Роман на годината - извадоци од пристигнатите романи (8)

„Гени, мени, сени: (потеклото на бабите)”, Владимир Лукаш, „Супрема издателство”

 

Баба ми тостерот го вика тост, а тостот – тостер. „Да ти направам еден тостер на тост?“, ме прашува и чека одговор. Малку се кикотам и ѝ велам: „Да“. По неколку минути го вкусувам „тостерот“: одличен! „Сакаш уште еден?“ „Секако!“ Кашкавалот се тегне како сонливо бебе, лепчето крцка со звук на замрзната роса, а јас уживам и му се лутам на времето оти овој миг кога - тогаш ќе заврши. Излегувам откај баба ми и се упатувам кон првата поголема продавница за бела техника.

-Добар ден, имате тост?

-Мислите тостер?

-Не, тост. Машина за правење тостери.

-Извинете, но тоа се вика тостер.

-Тостер е прекрасен топол сендвич, како можете да не го знаете тоа?!

-Господине...

-Ве молам, сакам да зборувам со вашиот менаџер.

-Во ред... почекајте малку...

До мене се приближува ситен човек, висок околу 160 сантиметри, тежок околу 45 килограми.

-Добар ден, што можам да направам за вас?

-Сакам да купам тост.
-Но, господине, ова е продавница за бела техника, сендвичарницата е карши нас, таму ќе ви направат убав, голем тост. А сега извинете, имам итен состанок.

-Ме правите будала?! Сакам да купам тост, портокалов тост „Искра“! Вие сте сопственикот на дуќанов?

- Не, само менаџер.

-Сакам да зборувам со сопственикот, веднаш!

- Госп...

-Доста со тоа господине! Веднаш, веднаш, веднаш! Донесете ми го сопственикот веднаш! Сакам тост, тост, тост!!! Престанете да ме мачите, продајте ми тост! Портокалов тост! Сега, ве молам, ве преколнувам!!!

Ми приоѓаат неколкумина крупни мажи, ме зграпчуваат за јаката и ме исфрлаат надвор од продавницата. Додека врескам, околу мене се собираат десетина луѓе, меѓу кои и баба ми.

-Ела со мене, остави ги овие – ми вели, ми ги брише солзите и ме прашува:

-Сакаш тостер?

 

                                             ***

 

„Отуѓување“, Ѓорѓи Мешков, самостојно издание

 

− Куче скапано!

− Молам? Што рече?– не бев сигурен дали го разбрав добро.

− Куче скапано!

− Куче скапано ли рече сине?

− Да.

− Кој е куче скапано?

− Ти.

Како некој со камшик да ме удри. Останав без текст. Како би се чувствувал ти брате Ѓуро, син ти на неполни три години да те „почести“ со „куче скапано“? Ееј, куче скапано! Се обидував и некако успевав да ја задржам концентрацијата додека возев по скопските улици и да ја одберам вистинската насока која ќе нѐ одведе до неговата градинка каде требаше во пет попладне Милош да го преземе Живка, неговата мајка. Се прашував може ли воопшто, дете на тригодишна возраст само од себе да изговори таква вулгарност? Си помислив „Веројатно од некои други деца, таму во градинката го има слушнато тој израз. Деца како деца, сé и сешто ќе им влезе во тие мали, наивни и недозреани главчиња“...Баш сакав да разберам. Успеав да се соземам и гледајќи во него нa ретровизорот, го прашав.

− Знаеш ли сине што е куче скапано? Што значи тоа?

− Да, – без воопшто да размисли ми одговори кратко.

− Добро, ајде кажи му на тато, што значи куче скапано.

− Па, куче скапано.

− Во градинката ли го слушна тоа?

− Не.

− Па тогаш, каде си го слушнал? Кој ти кажал такво нешто?

− Мама и баба велат дека ти си куче скапано.

Повторно останав без текст. Бев фрапиран. Не знаев како да реагирам. Не можев да верувам, не успевав да ги приберам мислите. Можеш ли да замислиш што го научиле неговата мајка и баба?

И додека се обидував да се соземам и од ова неочекувано и непријатно изненадување, во главата ми одекнуваше тој вулгарен израз изговорен од детските усни на првата средба без надзор од социјалните служби. Сами, јас и Милош, на подрачјето на град Скопје, без присуство на мајка му. Така стоеше во Решението на меѓуопштинскиот Центар за социјални работи во Скопје. По три години повремени средби под надзор, нередовни, благодарение на отпорот и опструкциите на Живка, оваа беше прва од ваков вид, без присуство на мајка му или друг надзор. Јас и мојот тригодишен син Милош два и пол часа сами.

По прекрасните два часа поминати во градскиот парк и зоолошката градина во Скопје, исполнети со среќа, радост и заемно задоволство, на крајот бев „награден“ со „куче скапано“. До пред малку, додека си игравме во паркот и зоолошката ми се радуваше, ме гушкаше и беше пресреќен што е со мене. Се прашував, чувствува ли воопшто Живка грижа на совеста, што на таа возраст го учи сопственото дете на такви вулгарности и навреди за татко му. Замислен и запрепастен, во текот на возењето, во главата ми се мешаа испреплетени слики од настаните во последните два – три часа. Час го гледав среќно и весело моето дете, час го враќав „филмот“ кога прв пат ме гушна и ми подари бакнеж. Од друга страна, како грмотевица татнеше она „куче скапано“.

Стасавме до улицата пред градинката на Милош каде треба да дојде Живка. Паркирав на крајот од кусата уличка. Имавме уште петнаесетина минути додека да дојде мајка му. Погледнав долж уличката. Не ја забележав Живка во близина. Свртев еден круг околу градинката и откако се уверив дека не е пристигната, паркирав.

Се преместив на задното седиште до него. Молчеше и не реагираше. Се обидов да го привлечам кон себе, даде отпор и се откажав од намерата. До него молчеа и двата спајдермени, двете од мноштвото играчки кои му ги донесов и кои најмногу ги бендиса. Пред само два часа „искрено“ ми призна дека спајдермен бил неговиот омилен супер херој, а и тој многу сакал да биде силен како спајдермен.

„Окно” во соработка со Фондацијата „Славко Јаневски” и оваа година објавува фрагменти од делата кои беа во конкуренција за наградата Роман на годината за 2023 година. Претходните извадоци прочитајте ги овде.